1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ: Наскоро ќе се види дека ние имаме мнозинство!

6 август 2020

Ваквите навестувања од СДСМ следат по синоќешната „бура во чаша вода“, што ја предизвикаа медиумски информации.

https://p.dw.com/p/3gUs2
Politik Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Додека се вртат шпекулации дека „е готова владата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, висок функционер на СДСМ за ДВ тврди дека „нивната коалиција има обезбедено мнозинство што ќе ја формира новата влада“.

„Тоа ќе се потврди во следните денови кога ќе се добие мандатот од претседателот Стево Пендаровски и кога ќе дојде чинот на гласање во парламентот. СДСМ има обезбедено мнозинство за составување влада“, тврди нашиот соговорник, но во интерес на процесот не даде детали за партнерите на Коалицијата „Можеме“.

Ваквите навестувања од СДСМ следат по синоќешната „бура во чаша вода“, што ја предизвикаа медиумски информации.

„Има договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ - нема договор“. Меѓу овие два екстрема флуктуираа вчерашните шпекулации, кои започнаа со објавата на порталот „Лајм“, дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го финализираат договорот за формирање нова Влада. Повикувајќи се на партиски извори, „Лајм“ објави на Христијан Мицкоски му останало уште да го убеди претседателот на Левица, Димитар Апасиев, да поддржи влада што ќе ја предводи премиер Албанец.

Партиски извори за „Лајм“ тврделе дека Ахмети и Мицкоски се согласиле премиер да биде Лазар Еленовски, кој ќе се декларира и како Албанец и како Македонец, со што ДУИ ќе имала образложение дека го реализирала главното барање во кампањата, а и во членството на ВМРО-ДПМНЕ немало да има револт.

Mazedonien Parteitag der Sozialdemokratischen Partei SDSM Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Паралелно, порталот „Тетова Сот“ објави дека според нивни извори ВМРО-ДМПНЕ се согласила со ДУИ и за ротациски модел на премиер: две години за премиер од ДУИ и две за премиер од ВМРО-ДПМНЕ.

Воздржаност и деманти

По ваквите објави, од ВМРО-ДПМНЕ останаа воздржани со став дека партијата работи на формирање парламентарно мнозинство, а информации од непотврдени и непроверени извори нема да потврдуваат ниту да демантираат. Функционери на ДУИ првично немаа коментар, но брзо потоа портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, во изјава за ТВ „21“ изјави дека не се точни објавените информации.

„Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, но нема никаков договор и со СДСМ“, изјави Османи, негирајќи дека ДУИ е извор на такви информации.

Повеќе:

-Математиката тенка, ароганцијата голема

-ДУИ очекува покана од СДСМ за разговори за ново мнозинство

-Пробни балони ја „составуваат“ Владата

Индикативно е што ваквите информации, проследени со воздржаност или деманти, доаѓаат истиот ден кога некои медиуми објавија дека лидерот на Зоран Заев далеку од очите на јавноста веќе се сретнал и со претседателите на ДУИ, Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, и на Алтернатива, Африм Гаши. Прашањата се - дали некој бил незадоволен од првичните разговори, па преку медиуми се обидува да ја крене политичката цена? Официјални oдговори на овие прашања засега нема.

Athen Treffen Vize-Außenminister Mazedonien Namensstreit
Бујар ОсманиФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Омилениот кадар на ДУИ

Вчерашното инволвирање на името на Лазар Еленовски не е изненадувачко, ако се има предвид дека претходеа некои шпекулации оти е најдена личноста која може да биде ем премиер Албанец, ем Македонец, а не беше тешко да се насети на кого се мисли. Фактот дека Еленовски важи за омилен кадар на ДУИ, дека е дете од мешан брак (татко Македонец, мајка Албанка) и дека ги зборува и двата јазика на неговите родители, можеби бил проценет како добра основа околу таа личност полесно да се изгради преговарачка позиција. Во калкулациите дека ќе биде прифатлив и за ВМРО-ДПМНЕ, можеби имал улога и фактот што Еленовски се докажа како лојален на Никола Груевски, без оглед што зад себе има богата партиска траекторија: од редовите на СДСМ премина во НСДП, по што од 2006 до 2008 година беше министер во владата на Никола Груевски, а потоа и амбасадор во Белгија.

По изборите во 2008 година, поради неговото незадоволство што НСДП ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, Лазар Еленовски ја формираше Социјалдемократската унија. Набрзо потоа стана омилен кадар и на ДУИ, а според повеќе извори, токму тој бил предлог на Али Ахмети од 2014 година за консензуален претседател на Македонија

Токму на предлог на ДУИ, Владата во февруари 2018 година го назначи Еленовски на функцијата специjален претставник во Брисел за интеграција на земјата во НАТО. Од таа функција е разрешен на крајот од мај годинава, бидејќи со полноправното членство на Македонија во НАТО, земјата повеќе нема потреба од специјален преставник.