1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ нема да учествува во работата на Собранието?

Катерина Блажевска23 јуни 2016

Битката за одбрана на СЈО најверојатно ќе се прошири и во парламентот, а потребата од неа особено се зголеми по вчерашните напади врз оваа институција во обраќањето на претседателот Иванов.

https://p.dw.com/p/1JBec
Фотографија: MAKFAX

Опозицискиот СДСМ се очекува денеска на прес-конференција да се изјасни за барањето на „Шарената револуција“, која ги повика пратениците да не учествуваат во работата на Собранието, сѐ додека Уставниот суд не се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство и сѐ додека не се гарантира учество на претставници на граѓанскиот сектор во разговорите за излез од политичката криза. Денеска околу пладне повторно ќе седне на маса и меѓупартиската работна група, чии разговори беа прекинати на 16-ти јуни, поради несогласувања околу прочистувањето на Избирачкиот список и спроведувањето на неопходните медиумски реформи. Со оглед дека продолжуваат меѓупартиските преговори врз основа на пржинската платформа, и дека враќањето на опозицијата во Парламентот беше една од клучните обврски во Договорот, во овој момент повеќе од сигурно е дека пратениците на СДСМ нема трајно да го напуштат Собранието, односно да поднесат оставки на функциите. Најверојатно ќе се решат на друга форма на притисок - времено неучествување во работата на Парламентот, се до исполнувањето на барањето Уставниот суд да се изјасни за уставноста на законот за СЈО.

Потребата за институционална и граѓанска одбрана на СЈО, уште повеќе се зголеми по синоќешното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов до граѓаните, во кое, несвојствено за функцијата и за речникот на еден претседател, тој изрече серија тешки обвинувања и навреди на адреса на СЈО. Ја обвини оваа институција дека „врши селективен прогон кон само една политичка структура“, дека „е во функција на продлабочување на кризата“ и „инструмент за уцена“.

Opposition Mazedonien Rücktritt
Фотографија: Petr Stojanovski

„Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството. Наместо Специјално обвинителство добивме селективно обвинителство“, беа дел од обвинувањата на Иванов.

Непресметлив и опасен

Обраќањето на Иванов, во кое тој за кризата ги обвини лидерите на СДСМ и ДУИ, СЈО, невладините организации и странците, во демократската јавност беше доживеано како конфузно, срамно и целосно скарано со реалноста. Иако на социјалните мрежи се множат шеги за неговото обраќање, аналитичарите предупредуваат на внимателност, поради неговите опасни пораки со мирис на репресија, во кои Иванов спомнува „ангажирање на Армијата за смирување на состојбата“.

„Во состојба на длабока политичка криза, кога улиците се преплавени со луѓе кои бараат правда и слобода преку достоинствени протести, Иванов се закани со можност за употреба на Армијата и нов државен удар против граѓаните и Македонија. Со ова обраќање, лицето Ѓорѓе Иванов потврди дека не само што е неспособен, туку е непресметлив и опасен додека ја врши функцијата претседател на државата“, реагираше СДСМ.

Од ДУИ велат дека нелегитимниот и еднопартиски претседател со секое појавување само и штети на Македонија и на нејзиниот имиџ пред меѓународната заедница.

„Токму од овие причини, тој треба час поскоро да избере една од двете опции кои ги има на располагање: да си оди или да си замине!“, изјави пратеникот на ДУИ, Артан Груби.

Според професорот Ѓорги Спасов, претставувајќи се себе си во улогата на некаков спасител, Иванов испраќа пораки со кои го охрабрува Уставниот суд да го укине СЈО, но навестува и други рестрикции.

Mazedonien Präsident Ivanov
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

„Очигледно навреден до болка поради тоа што никој за ништо не го прашува, тој се обидува причината за својата немоќ да ја префрли, пред се, врз лидерите на СДСМ и на ДУИ, кои 'наместо да се консултирале со него, оделе на консулатации во странски амбасади, не ги признавале институциите и повикувале на бојкот и безредие'. За разлика од Груевски кој се закани дека 'народот ќе го изгубел трпението', се чини дека Иванов го изгубил трпението кога рече: 'На лидерите (Заев и Ахмети) кои не ја признаваат институцијата претседател им порачувам дека се должни да не ги загрозуваат независноста и суверенитетот на Македонија, со доведување во потчинетост и зависност на земјата кон други држави, центри на моќ или недржавни актери'. И додаде заканувачки: 'Не смее да се дозволи целата држава и народот да биде заложник на карактерите, егото и личната омраза на овие недоговорни политичари. За такви не треба да има место на политичката сцена'. Со оваа опомена, Иванов всушност му јавува на народот дека тие тоа го загрозуваат, отворено ги обвинува или сомничи за велепредавство и навестува забрана за нивно делување“, констатира Спасов.

Иако луѓето би можеле ваквите изјави да ги сметаат за недоветни и за израз на страв, според логиката „куче што се плаши многу лае“, според Спасов, она што загрижува е изјавата дека Иванов не ја употребил Армијата само заради тоа што што му била потребна за заштита од мигрантите на јужната граница.

„Имаме работа со човек кој својот неоснован страв може да го издигне на ниво на политика и на многу штетни одлуки за земјата. Со вакви изјави, тој веќе станува нов дестабилизирачки фактор во земјата и реална закана за мирот. Излегувањето од контрола на врховниот командант на Армијата до оваа мера, мора да се смета за сериозна опасност за земјата“, предупредува Спасов.

Најдобар е кога спие!

Аналитичарите забележуваат и многу контрадикции во говорот на Иванов. Тој прво потенцира дека спречил „туѓи игри“ и дека е вратена првобитната состојба: повторно има функционални институции, има политичка влада што може да носи одлуки, Собранието работи и носи закони, а безбедносните служби се под една команда. Но, веднаш потоа предупреди дека во земјата се води специјална војна, дека има циркус во Собранието, театар на улиците, непризнавање и бојкот на институциите.
Душан Бојчев, бивш советник на поранешениот претседател Киро Глигоров, вели дека Иванов уште еднаш потврдил каков претседател не и е потребен на Македонија.

Mazedonien Skopje Anti-Regierungs Proteste
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

„Со сета почит кон институцијата претседател на Република Македонија, морам да ја искажам својата згрозеност од политичкото слепило и државничкиот дефицитет на наводниот универзитетски професор, кој се претставува како шеф на државата. Во чие име се обраќа? Во име на македонските граѓани или во име на една партија чие раководство се сомничи за децениско вршење на криминално-злосторнички дела? Иванов се обидува да се брани себеси по неговите (а од други диктирани и диригирани) одлуки по теркот 'плукни-лизни', да брани осомничени криминалци и злоупотребувачи на државни функции, да напаѓа баратели на правда, инсинуирајќи наводна (и неименувана) странска вмешаност во македонските премрежија. И со ова обраќање, Иванов потврди дека неговите јавни настапи се штетни за македонскиот уставен поредок и за меѓународниот углед на земјата и дека тој е најдобар кога спие! Иванов повеќекратно потврди каков претседател не и` е потребен на Република Македонија. Жално е спознанието за човек кој држи висока државна функција, а паѓа до тројно дно - како некој што нема достоинство, чест и срам!“, заклучува Бојчев.