1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ ja „замрзнува“ работата во Собрание

СН/мф23 јуни 2016

„Трпението на граѓаните е пред крај“, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев, повикувајќи го Уставниот суд веднаш да се изјасни за уставноста на СЈО. Исто така побара и брзи избори.

https://p.dw.com/p/1JC0E
Фотографија: Petr Stojanovski

Пратениците на СДСМ нема да учествуваат во работата на Собранието, сѐ додека Уставниот суд не се изјасни за уставноста на институцијата Специјално јавно обвинителство, порача лидерот на партијата, Зоран Заев, на денешната прес-конференција.

Според него, сите рокови се пробиени. „Трпението на граѓаните е при крај. Политичката криза треба побрзо да заврши. Уставниот суд мора веднаш да се изјасни за уставноста на институцијата СЈО. Недозволиво е повеќе од 8 месеци да трае неизвесноста. Додека не се изјасни Уставниот суд, пратениците од СДСМ нема да учествуваат во работата на Собранието“, рече Заев.

Лидерот на СДСМ порача дека сите политички партии треба да докажат дека ја поддржуваат работата на СЈО, што според него е особено важно по вчерашното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.

Заев појасни дека не излегуваат од Собранието, туку само ја замрзнуваат работата во пленумот и комисиите, бидејќи, според нив, е индикативно Судот да не одлучува и по 8 месеци откако е поднесена иницијатива за уставноста на СЈО, ако се имало предвид дека за иницијативи на власта решаваат и за три дена.

Заев побара и вклученост на граѓаните во преговарачкиот процес и побара да прекине прогонот на граѓаните што протестираат.

„Ако имаат докази дека се спрема граѓанска војна нека ги објават. Тој е должен јавно да ги објави тие докази дека странски разузнавачки служби спремаат војна, а ако не, веднаш нека си поднесе оставка“, рече Заев осврнувајќи се на вчерашниот говор на Иванов и додаде дека е стравотно тој да ја споменува армијата во овој контекст.

„Бараме брзи избори и разрешница на кризата. Минимум условите мора да бидат исполнети. Прочистувањето на Избирачкиот список мора да биде направено и реформите во медиумите мора да се исполнат“, додаде Заев.

Mazedonien Gjorge Ivanov Präsident
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Одговарајќи на новинарско прашање дали сепак ќе се стигне до регуларни избори што треба да се одржат во 2018 година, тој рече дека (ВМРО-ДПМНЕ) „може да сонуваат за 2018 година“.

„Па ова не го правевме за да издржиме до 2018 година. Оваа е криминална власт и час поскоро треба да заминат. Ајде есенва да одиме на избори. Полн легитимитет на победникот може да донесе стабилна влада. Нели се фалат дека водат од анкетите, зошто бегаат од избори? Знаат дека ако се случат избори колони народ ќе чекаат да гласаат за да замине Никола Груевски. Тоа го знае и Никола Груевски и Али Ахмети. Го повикувам него да преземе чекори“, рече Заев.

За повлекување на неговата аболиција за случајот со градскиот пазар во Струмица и трговскиот „Глобал“, Заев рече дека се работи за политички монтиран процес.

„Процес што беше награден како најдобра пракса за јавно приватно партнерство... Му укажувам да ја повлече како и сите други што ги повлече, ако тоа му го дозволува законот. Јас да се бламирам немам намери“, додаде тој.

За предлозите на СДСМ за прочистување на Избирачкиот список рече дека во моментот има и Работна група во ДИК.

Заев уште појасни дека дека битни се реформите во медиумите кои се важна алатка, а додаде дека СДСМ нема намера да воведува цензура, туку има намера да ги професионализира државните институции, МРТВ и Советот на Агенцијата за аудиовизулени комуникации.