1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ посилни главоболки за Германија

Кристоф Хаселбах
7 февруари 2019

Наскоро ќе падне одлуката што ќе се случува со директниот гасовод од Русија кон Германија. Полска, Украина и САД стравуваат дека Берлин на тој начин се става во положба на преголема зависност од Русија.

https://p.dw.com/p/3Ctw9
Deutschland Nord Stream 2 vor der Insel Rügen | Verlegeschiff Audacia
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Веќе една третина од вториот гасовод низ Балтичкото море е готова. Кога целиот ќе биде готов, Русија ќе може да пренесува уште повеќе гас директно во Германија и од таму во други западни земји од ЕУ. Но, отпорот против таквите планови е се поголем. На почеток беа само Унгарија и Полска. Проектот „ја убивал Украина", изјави неодамна полскиот министер за надворешни работи Јачек Капутович. Полска е на ставот дека со тоа што Украина веќе нема да биде транзитна земја за гасот пропаѓа и гаранцијата дека нема да има натамошна руска агресија во земјата. За Варшава Северен тек 2 освен тоа е и симбол за „германската лојалност кон источниот сосед и посебните релации со Русија", вели Кај Олаф Ланг од Фондацијата Наука и политика.

Во Берлин таквата критика долго ја игнорираа, но откако САД врши притисок нештата добија сосем друга димензија. Минатото лето претседателот Трамп рече: „Германија ќе биде сосем зависна од руската енергија, ако не го смени набрзо својот курс." Ричард Гренел, американскиот амбасадор во Берлин, на германските фирми кои учествуваат во проектот дури им се закани и со санкции, доколку ја продолжат соработката. Вашингтон очигледно губи трпение: „Времето за делување е сега", вели висок претставник на владата за ДВ. „Кога гасоводот ќе биде готов, Европа веќе губи простор за маневар спрема Русија."

Повеќе на темата:

-Расте критиката на Северен тек 2

-Кавгата за Северен тек 2 штотуку стана „валкана“

-Трамп со отровни забелешки за Северен тек 2

 

Вистинската причина за реакциите според германската влада е во бизнис интереси. Имено, САД сакале својот течен гас да го извезуваат во Германија, како што тоа го сторија и со Полска кога во 2016та беше отворен терминал за течен гас токму на полско-германската граница во Свинеминде. Германскиот министер за економија Петер Алтмајер не исклучува дека може да се увезува и од САД, но само како надополнување на снабдувањето со руски гас и доколку одговара цената. Во Берлин не дозволуваат да бидат ставени под притисок, а тоа канцеларката Ангела Меркел го потенцираше на Светскиот економски форум во Давос.

Inauguration Putin Gerhard Schröder
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Druzhinin

Поранешниот канцелар Шредер е руски лобист

За Русија пак гасоводот е стратешки проект. Земјата во голем дел живее од извозот на гас, а парите Кремљ не сака да ги дели со други земји. Покрај тоа, на овој начин треба да биде исклучена можноста Украина, Полска или други земји да може да го прекинуваат дотурот на гас.

Не е случајност што претседателот Владимир Путин го ангажираше поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да го спроведе Северен тек 2 и покрај покажаниот отпор. Ако критиката и натаму расте, Москва би можела да биде подготвена да попушти во однос на Украина, но само онолку долго колку што е потребно за да се доврши проектот. Тогаш веќе од позиција на сила ќе може да ги заобиколи интересите на другите источноевропски земји.

Времето притиска

Северен тек 2 во крајна линија не е само проблем на Европската унија. Тука се прекршуваат многу интереси и Комисијата има тешка задача да најде едно решение кое ќе биде заедничко за целата Унија. Еврокомесарот за енергетика Мигуел Ариас Канете во 2016 година искрено кажа дека Северен тек не европски интерес во целост. Комисијата не се труди отворено да го спречи гасоводот, туку повеќе сака да го претвори во ЕУ проект подложувајќи го на строги ЕУ правила за конкуренција.

За една ваква одлука е потребна согласност на Европскиот парламент и Советот на земјите членки. Комисијата секако ги има на своја страна Полска и балтичките земји како противници на Северен тек 2, како и Велика Британија, Данска, Словачка, Ирска, Шведска, Италија, Луксембург и Хрватска. Германија, Австрија и Холандија напротив сакаат спроведувањето на проекотот Северен тек 2 да продолжи во истата форма како и досега. Компаниите од овие земји се вклучени во изградбата. Меѓу другото, решавачка е и позицијата на Франција која се уште се нема изјаснесто. Ако Парис се воздржи или гласа против иницијативата тогаш нема да се постигне мнозинство. Франција пак традиционално стои на страната на Германија, а и нивниот енергетски концерн Енџи меѓу другото е вклучен во Северен Тек 2. Оттука е многу веројатно да се претпостави дека Парис ќе ја поддржи германската позиција.

Deutschland Nord Stream 2 vor der Insel Rügen
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Актуелното романско претседателство со ЕУ се обидува да пронајде компромис. Но, за тоа нема многу време со оглед на фактот дека во Мај се оддржуваат изборите за Европскиот парламент. Потоа ќе се избира нова ЕУ Комисија којашто нема да биде активна пред ноември. Во меѓувреме продолжува изградбата на гасоводот. И ако на 29 март како што е планирано, се случи Брегзит, иницијативата на Комисијата со Велика Британија ќе го загуби еден од нејзините најголеми поддржувачи.

Политички проект?

Блокада на Северен тек 2 без дилема е невозможна. Но, противниците во секој случај извојуваа етапна победа: „На Варшава и успеа еден проект кој долго време се смета за чисто економски, да го претвори во политичка дебата," вели Кај Олаф Ланг од Институтот за економија и политика. Така Северен тек 2 не само во Источна Европа, туку и во Германија се наметна како важен аргумент во геополитичката дебата. Противниците на Северен тек 2 за ова добија и потврда од Меркел во април 2018 година. По една средба со украинскиот претседател Петро Пророшенко во Берлин за првпат изјави дека гасоводот „не е само едно економски, туку и политички проект." Оваа потврда дојде малку доцна, смета Волфганг Ишингер, шеф на минхенската безбедносна конференција. Ишингер во едно интервју ја критикуваше германската влада дека не им посветува доволно внимание на она што ги загрижува земјите од Источна Европа. За Полска, Балтичките земји и Украина тоа е само уште една потврда на нивните аргументи. Тие се надеваат дека Берлин ќе им излезе повеќе во пресрет.