1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја ги прекинува нуклеарните активности

1 март 2012

Властите во комунистичката држава се согласиле да им дозволат на меѓународни претставници посета на нуклеарните реактори во замена за помош во храна.

https://p.dw.com/p/14CH8
Фотографија: AP

Претставници на САД и Северна Кореја соопштија дека Пјонгјанг се согласил со воспоставување мораториум на нуклеарните проби и лансирањето ракети со долг дострел и им дозволил на меѓународните инспектори да го посетат нуклеарниот комплекс „Јонгбион“ за да се уверат дека се прекинати сите нуклеарни активности. Во замена за соработката со меѓународните претставници, Северна Кореја ќе добие помош од 240 илјади тони храна од Вашингтон.

Во меѓународната заедница владее умерен оптимизам по одлуката на Пјонгјанг. Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун изјави дека е охрабрен од одлуката и изрази надеж дека Пјонгјанг ќе почне да се движи во правец на „доверлива денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“.

„Генералниот секретар нагласи дека е потребно итно да се задоволат хуманитарните потреби на најзагрозените граѓани на Северна Кореја“, се наведува во соопштението на портпаролот на Бан, Мартин Несирки.

Според непотврдени информации, шефот на севернокорејската нуклеарна програма пристигнал во Њујорк на дополнителни разговори. Кина, Јапонија и Јужна Кореја го поздравија договорот.

Слични договори беа постигнувани и во минатото, но имаа кусо траење. Последниот се случува само два месеци откако власта во Северна Кореја ја презеде Ким Јонг Ун, син на починатиот лидер Ким Јонг Ил.

Автор: БГ/ап/миа

Редактор: Ж.Ацеска