1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја изврши тест на нуклеарно оружје

25 мај 2009

Северна Кореја, според сопствени наводи, изведе по вторпат тест на атомско оружје. Подеземниот тест бил успешен, јави државната новинска агенција КЦНА.

https://p.dw.com/p/HwXX
Фотографија: AP Graphics

Северна Кореја изврши втор тест на нуклеарно оружје. Државната новинска агенција КЦНА соопшти дека подземното тестирање било успешно спроведено. Според податоци од Јужна Кореја, на северот од соседната земја бил регистриран вештачки земјотрес, што укажувал на тоа дека е извршено нуклеарно тестирање. Северна Кореја првпат тестираше нуклеарно оружје во 2006 година.

Покрај нуклеарниот тест, комунистичката држава веројатно извршила тестирење и на ракета од краток дострел.

Руското министерство за одбрана во меѓувреме потврди дека Северна Кореја спровела подземен нуклеарен тест. „Домашните уреди за мониторинг потврдија дека се случила подземна нуклеарна екслозија на територијата на Северна Кореја. Оваа информација се проучува и анализира“, изјавил претставник на министерството за агенцијата Интерфакс.

Владата на Јужна Кореја за денеска закажа итна седница на кризниот штаб и издаде наредба за зголемена борбена готовност на армијата. Јапонија, пак, побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН. Рускиот амбасадор во ОН, Витали Чуркин, за агенцијата Итар Тас пак изјави дека Советот ќе се состане денеска за да дискутира за тестот на нуклеарно оружје од Северна Кореја. Американскиот Стејт Департмент претпазливо реагираше на вестите од Северна Кореја истакнувајќи дека внимателно ги анализира податоците. „Длабоко сме загрижени од тврдењата на Северна Кореја“, изјавил претставник на Стејт Департментот за германската новинска агенција ДПА.

И чешкиот министер за надворешни работи Јан Кохут, чија земја претседава со ЕУ истакна дека Унијата е „многу вознемирена“ од објавата на Пјонгјанг. „Доколку тоа биде потврдено, ќе следува осуда од ЕУ“, истакна Кохут воочи средбата со министрите за надворешни работи на земјите од Азија во Ханои.

По критиките што Советот ги упати до Северна Кореја, поради лансирањето на ракета со голем дострел на почетокот од април, Пјонгјанг се закани со второ нуклеарно тестирање и ги прекина шестпартитните преговори за откажување од атомската програма.

Автор: СН/ТТ/АТ/дв/ројтерс/дпа/афп

Редактор: Александра Трајковска