1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја ја отфрли понудата за разговори

СН/ЕМФ/ртр/дпа14 април 2013

Режимот во Пјонгјанг го обвини раководството во Сеул дека со предлогот сака да ја прикрие политиката на конфронтација што ја води во реалноста.

https://p.dw.com/p/18FgH
Фотографија: Reuters/KCNA

Северна Кореја ја отфрли понудата на соседна Јужна Кореја за разговори за намалување на тензиите во регионот. Пјогнјанг го обвини раководството во Сеул дека со предлогот сака да ја прикрие политиката на конфронтација што ја води во реалноста. Со предлогот Јужна Кореја има намера да ги сокрие вистинските намери да вмаршира во северот на Кореја, изјави портпарол на севернокорејскиот Комитет за мирно повторно обединување на двете Кореи за државната новинска агенција КЦНА.

Раководството во Сеул во изминатите денови повеќе пати ја нагласи подготвеноста за дијалог. Министерот за одбрана на Јужна Кореја Рјо Кил Јае притоа го повика режимот во Пјонгјанг на преговарачка маса за да се овозможи повторна нормализација на работата на заедничкиот индустриски комплекс во севернокорејскиот град Каесонг, кој се наоѓа во близина на границата со Јужна Кореја. Производството во комплексот кај Каесонг е целосно прекинато од вторникот (09.04) наваму. Тензиите во регионот значително се заострија по третиот атомски тест на Северна Кореја во февруари годинава.

Американскиот државен секретар Џон Кери кој престојува на азиска турнеја, токму поради тензиите со Пјонгјанг, на последнта станица во Токио порача дека САД се целосно посветени на заштитата на Јапонија, откако Северна Кореја пред неколку дена се закани дека Токио би можел да исчезне во нуклерна експлозија.

„САД се целосно посветени на одбрана на Јапонија“, рече Кери на прес- конференцијата во Токио, по состанокот со шефот на јапонската дипломатија Фумио Кишидо. Јапонија, која е единствена земја која била цел на нуклеарен напад, постави противракетни батерии во околината на Токио и предупреди дека ќе возврати на евентуален напад.