1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја ќе кани странски експерти и новинари на лансирањето ракета

17 март 2012

Северна Кореја објави денеска (17.03.) дека ќе покани странски експерти и новинари за да го набљудуваат лансирањето на сателитот, за кое САД и други земји сметаат дека е прикритен ракетен тест.

https://p.dw.com/p/14MCe
Фотографија: AP

Севернокорејскиот комитет за вселенска технологија „ќе покани искусни странски експерти за вселенска наука и технологија, како и новинари“, за да го посетат местото од каде ќе се лансира ракетата, како и останати места од кои ќе може да се набљудува експлозијата, информираше севернокорејската државна новинска агенција.

Властите информираат и дека ги известиле меѓународните агенции за планот – следниот месец да се лансира ракета со сателит. Но, ракетата што се планира да се искористи за лансирање на сателитот е иста како ракетите со голем дострел.

САД, Јапонија и останати земји ја предупредија Северна Кореја дека лансирањето ќе претставува кршење на забраната за нуклеарни и ракетни тестирања. САД дури предупредија и дека тоа може да ја загрози програмата за храна.

Лансирањето треба да се случи помеѓу 12-ти и 16-ти април, за да се одбележи 100-годишнината од раѓањето на основачот на земјата Ким Ил Сунг.

Автор: Александар Методијев/афп/ап

Редактор: Симе Недевски