1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја ќе лансира ракета со сателит

16 март 2012

Северна Кореја објави денеска дека планира следниот месец да лансира ракета со голем дострел, на која ќе биде поставен сателит.

https://p.dw.com/p/14LT9
Фотографија: AP

Објавувањето на ваквата намера се смета за провокативен чекор, направен неколку недели по согласноста за отстапување од нуклеарните активности, вклучувајќи и мораториум за тестирање ракети со голем дострел. Објаснувањето на севернокорејските власти е дека лансирањето на ракетата е дел од мировна вселенска програма, но САД, Јужна Кореја и Јапонија го критикуваат ваквиот потег.

Висок функционер во јапонското МНР рече дека планираното лансирање на сателит ќе биде прекршување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН. Јапонија најавува дека за ова прашање ќе разговара со САД и Северна Кореја.

Лансирањето на ракетата треба да се случи точно по три години откако слично лансирање во април 2009-та предизвика широко распространета осуда. Северна Кореја се подготвува да го одбележи 15-ти април, роденденот на основачот Ким Ил Сунг и затоа планот за ново лансирање доаѓа како подготовка за одбележувањето на денот. Со 24 милионската Северна Кореја раководи внукот на Ким Ил Сунг, Ким Јонг Ун, откако неговиот татко почина во декември минатата година.

Земјата е горда на својата нуклеарна и ракетна програма, за која тврди дека и’ е неопходна за да се заштити од САД, кои имаат стационирано 28.000 трупи во Јужна Кореја.

Автор: Александар Методијев /БГ/ап/ројтерс

Редактор: Симе Недевски