1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија – „Светилник на мирот”?

13 мај 2019

Зошто Папата согледа нешта во Македонија кои се невидливи за најголемиот број од македонските граѓани? Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3IOVz
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Прочуена е реченицата која Папата Јован Павле Втори ја изговори на мисата на плоштадот во Варшава во јуни 1979-та: „Светиот Дух нека го промени лицето на земјата – на оваа земја.“ Полските граѓани, оние присутните на мисата, но и сите кои ја следеа преку директниот телевизиски пренос, разбраа за која земја беше молитвата, изговорена како крик, сличен на оној од старозаветните „Псалми“. За Полска, родната земја на „полскиот Папа“. Само една година пред тоа, во октомври 1978-та, дотогашниот бискуп од Краков, Карол Војтила, беше станал новиот Папа. Тој, впрочем, со години за Полјаците беше легендарна личност и симбол за отпорот против комунистичката диктатура. Уште на првата миса во октомври 1978-та на плоштадот пред катедралата Св. Петар во Рим, тој во својата проповед им порача на луѓето: „Отворете ги границите на државите, економските и политичките системи, широките области на културата, на цивилизацијата и на прогресот... Не плашете се! Христос знае што им е во срцата на луѓето.“  Дотогаш полските граѓани немаа доживеано директен пренос на Божја служба. За нив повикот на Папата од плоштадот во Рим значеше охрабрување и надеж за слобода од авторитарниот режим. „Не плашете се!“ Тие зборови, изговорени од таков авторитет кај Полјаците каков што имаше Карол Војтила, даровитиот поет и харизматичниот бискуп, ја имаа силата која ги урива ѕидовите на неправдата и неслободата. Една година подоцна во Полска беше формирано движењето „Солидарност“, со кое започна долгиот процес на пропаѓање на комунистичките режими во сета Источна Европа. Зборовите на „полскиот Папа“ за Полјаците имаа програмско, преобразувачко и пресвртничко значење.

Највисок израз на милосрдие

Во една сосем поинаква констелација, но со голема симболичка сила се одигра и првата посета на римскиот Папа на Скопје. Никогаш порано македонските граѓани не беа доживеале католичка миса на отворено. Ниту пак директен телевизиски пренос од престојот на великодостојник од неговиот ранг. Само тој факт е доволна и особена чест за македонската држава. Тоа беше и јасен сигнал дека Република Северна Македонија припаѓа на европската култура. Колку и да изгледаше „надреалистички“ глетката со Папата кој служи токму среде Скопје. Од тоа стана јасно колку Македонија беше изолирана во овие три децении транзиција. И колку за неа е важна интеграцијата во европската  култура.

Некои нешта од поздравната реч на Папата во претседателската палата, од неговата проповед, од неговиот разговор со младите во дворот на католичката црква, може да добијат длабоко, пресвртничко значење и за македонските граѓани. Тој, имено, говореше со восхит и почит токму за оние особини на македонското општество за кои македонските граѓани се ретко свесни. Затоа што тие во нив најчесто гледаат загроза и несреќа. Доказ за тоа беше поздравната реч на домаќинот, сега веќе бившиот македонски претседател Иванов. Тоа на што се восхитува во Македонија Папата Франциско, не се восхитува и бившиот македонски претседател. Папата го истакна како богатсво на Македонија културното наследство – средновековните цркви со  чудесно убавите икони, богатата историја и култура на македонското тло. Но, за него најважното наследство, најголемото богатство на Македонија е токму тоа што е кошмарот на националистите од сите етнички бои: „мултиетничкиот и мултирелигискиот состав“ на македонското општество. Сите оние во Македонија кои се вљубени во славното минато ретко се свесни дека токму тоа минато на Македонија ѝ го остави во наследство мултиетничкиот состав. Тој е навистина „плод на богатата историја“, како што истакна Папата. Тие се резултатот од географската положба на големиот регион Македонија, во кој во минатото засолниште побарале многу бегалци. Сефардските Евреи во 15-от век, ерменските и руските бегалци на почетокот на 20-от век. Многу од нив на патот на бегството кон Палестина, односно кон Западна Европа, останале во Македонија. Затоа што биле прифатени од населението. Гостопримството кон бедните и настраданите е највисокиот израз на милосрдие. Со тоа може да се гордее само хуманото општество.

На Папата му е јасно тоа што не го разбираат половината од Македонците 

На тие вредности ги потсети Папата македонските граѓани. А тоа беше како да им држеше огледало пред нив, за да се видат себеси, разединети, преполни со омраза. Кој има уши да слуша, ќе разбере дека во Европа одамна не се на „цена“ идеите за „големи и етнички чисти“ национални држави, за кои уште сонувааат балканските народи. Тие со тоа не само што покажуваат дека доцнат цели два века зад европската историја, туку тие докажуваат и дека се слепи за доблестите на сопствената историја и културно наследство. Балканкото историско наследство е сведоштво за мултиетнички заедници. Тоа е остатокот од големите империи во кои тоа подрачје живеело со векови. Тие не оставиле во географската област на Македонија само огромно богатство од уметнички  дела и градби, туку и разновидност на народите, на религиите и јазиците. Средините како Македонија можат да бидат вистински расадници на културата и уметноста, но и на толерантниот соживот на различни култури и народи. Кога македонското општество во зборовите на Папата Франциско ќе ја препознае својата сопствена визија на мирот, тогаш тоа ќе има со што да се гордее пред светот. Но ќе ја сознае и својата сила како заедништво и припадност.

Други колумни од авторката:

Самосвест за заедништво

„Балканскиот менталитет“

Зошто Папата ги охрабри македонските граѓани и понатаму да го следат започнатиот пат за да ја направат својата земја „светилник на мирот, на гостопримството и на плодната интеграција на културите, религиите и народите“? Затоа што нему му е јасно тоа што не го разбираат половината од Македонците - дека Преспанскиот договор не е предавство на националните интереси на Македонците. Дека способноста за компромис ја поседуваат само големите миротворци. Само луѓето на кои заедничкиот интерес им е поважен од личниот. Нему му е јасно дека Преспанскиот договор бараше жртва од Македонците – заради иднината и мирот. Затоа ги охрабри да продолжат по започнатиот пат. Затоа им помогна, за миг, да погледнат во  иднината. Во која нивната земја може да стане „светилник на мирот“. Има ли поубава визија за едно општество од таа слика? Таму, каде што повредените Македонци го гледаат својот пораз, таму тој ја согледува нивната победа. Победа над тесноградоста и омразата кон Другиот. Победа над национализмот и националната нарцисиодност на соседните народи на Балканот. Преспанскиот договор е првиот чекор на патот на мирот за кој говори Папата.

Никој не може да живее во мир и благосостојба без Другиот

Република Северна Македонија ги има сите можности навистина да стане „светилник на мирот“ на Балканот – токму заради нејзиниот многуетнички состав. Но за да се случи тоа треба сите етнички групи да сознаат дека во тоа се состои богатството на земјата во која живеат. Македонската држава може да постои навистина само како „светилник на мирот". Како пример за „Балкан во мало“, во кој сите можат да живеат во мир. За тоа Република Северна Македонија не мора да чека на приемот во ЕУ. Со културата на мирот таа може да започне веднаш. На тој пат Папата ја благослови Северна Македонија! Тој, притоа, се восхитуваше на солидарноста на македонските граѓани со сириските бегалци во летото 2015-та. А тие што го слушаа се потсетуваа на тоа како најчесто изгледаше таа солидарност. Таа, според која сириските бегалци самите си плаќаа билет за преполнетите возови. Таа, која ја наплатуваше и водата за пиење и полначот за мобилниот. Ама добро е што тоа не го знаеше Папата Франциско. Затоа што тој можеби неколкумина од присутните ги наведе на размисла за самите себе. Тој го гледаше потенцијалот за мир и заедништво кај Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите и сите други народности во Македонија, кој за нив е уште невидлив. Затоа што не ја познаваат историјата на географскиот регион Македонија. Затоа што секој од нив е „заглавен“ во својата приказна, одвоена од големата приказна на  Македонија. Затоа што секој од нив верува дека ќе му биде подобро без Другиот. А патот на мирот за кој говори Папата е оној, на кој се сознава дека никој не може да живее во мир и благосостојба без Другиот, без оној што не е од нашиот род и сој. Колку е неспоив национализмот со духот на Евангелието, со духот на христијанската порака, нѐ потсети токму римскиот Папа, но, за жал, многу ретко и православните великодостојници.

Зошто тој согледа нешта во Македонија кои се невидливи за најголемиот број од македонските граѓани? Затоа што тој не се восхитува на истите нешта како тие Македонци, кои среде плоштадот ја ставија таа гигантска фигура на „Воинот на коњ“. Затоа што таа е во средиштето на нивниот живот – на плоштадот – тие повеќе немаат очи за мирољубивите симболи. Како католичката монахиња Св. Мајка Тереза, родена само неколку метри подалеку од местото на кое сега стои милитантен споменик. Таа, водена од љубовта кон Бога, избрала да им служи на најбедните, на болните од лепра во Калкута. Пред нејзиниот споменик се поклони Папата Франциско, а не пред споменикот на Александар Велики. Ќе ја запаметат ли македонските политичари пораката од оваа посета и ќе го тргнат ли конечно тој споменик, за да го ослободат видикот за вистинските драгоцени нешта? Имено, новото време секогаш настапува со нова визија. Онаа за Македонија, идниот „светилник на мирот“, е несомнено најдобрата варијанта.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.