1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северномакедонско сценарио

Драгослав Дедовиќ
23 јуни 2018

Во Скопје белосветски тајнослужбаши, српскоалбански битанги и којзнае уште кој пишуваат сценарио за уривање на Вучиќ. Ќе довеле клониран Заев, за прегрнат со албански терористи да заигра шота на Теразије. Параноја? Хм...

https://p.dw.com/p/305h2
Serbien Strassenszene in der Strasse Makedonska in Belgrad
Фотографија: DW/D. Dedovic

Откако премиерите на Грција и на Македонија се договорија, настана вистински џумбус. Конзервативната опозиција во Грција го стисна Ципрас, а Заев е меѓу намуртениот претседател и разлутената националистичка опозиција. Од Брисел стигнуваат пофалби. Сѐ виси на тенок конец. А официјален Белград? Нешто си мрмори самиот себе си.

Што е договорено? Да биде Република Северна Македонија. За тоа сѐшто може да се приговори. Освен фактот дека станува збор за компромис, бидејќи не им се допаѓа ни на панхеленски наелектризираните Грци ниту на национално наелектризираните Големомакедонци. И за едните и за другите Македонија е само една- без оглед на забелешките на оние другите.

Добро, тоа звучи протобалкански. Амебите, парамециумите, па ние. Она што мене ме интересира е реакцијата на овој компромис на медиумските јуришници на Вучиќ.

Старосрбите се против

Најсмешно ми беше кога еден дежурен аналитичар послушник на газдата во ТВ-камерата на розовата телевизија испали како од топ- наместо да се сетат на Стара Србија тие прифаќаат тоа што ќе им кажат. Значи, човекот е несреќен, дека Македонија нема да биде Стара Србија, а сака да биде Северна Македонија. Ајде де, тој потоа во камерата се изнатропа толку многу нешта што не се за јавна приказна. Да речеме тоа што била Будимпешта пред падот на Милошевиќ, сега е Скопје.

Serbien Belgrad Dragoslav Dedovic
Драгослав дедовиќ, автор на колумнатаФотографија: privat

Знам дека мислеше сѐ најдобро. Светски заговор против Вучиќ со волшебна централа во Скопје. Но ако ја промислиме реченицата до крај тогаш не е толу ласкаво ниту за неговиот газда. „Тоа што беше Будимпешта во 1999, тоа е сега Скопје“. Пред падот на Вучиќ. Кој има вакви пријатели јавно да го бранат, не мора да си измислува непријатели. Потоа истиот тој лик тврдеше дека Заев им се продал на „Шиптарите“. Тука ме збуни. Зарем претходниот премиер, миленик на Белград и на Москва, не ги имашеше истите луѓе од албанска националност за коалициски партнери? Овој аналитичар сигурно мртов сериозен на тоа би возвратил дека тие тогаш биле Албанци а овие сега Шиптари. Кој разбира- ќе сфати.

Додуша и претседателот на Србија со задоволство прозива неименувани непријатели. Некои кои вршат притисок врз него спроти бриселскиот состанок со косовската екипа добија в лице цела торта во облик на реченицата: „Најдовте погрешен човек за притисок“. На оние „албански и српски битанги“, кои го прозиваат неговиот син поради дружење со криминалци на фудбалските трибини во Русија им порачува да не му го чепкаат семејството.

Послушајте патриоти

Во секој случај, отако Заев е на власт, официјален Белград повремено гласно се буни. Во оптек е познатото „македонско сценарио“ кое ете, овие храбри државници во Белград нема да го дозволат. Што опфаќа ова сценарио, кој го напишал и со која мерка? Се знае, ха, ха, ха... „Отприлика, тоа е содржината на одговорот од провладиниот медиумски блок. Тоа „се знае“ со кисела насмевка е всушност еуфемизам за Запад откако газдата стана Европеец. Логиката е следна: да не ги обвинуваме по име оние кои ни отвораат фабрики по земјата, но и сепак да им покажеме дека не сме наивни бидејќи знаеме оти ни го земаат Косово. Кое тие официјално го признаа пред десетина години. Bitte. Danke.

Главниот аргумент на волчињата на Вучиќ оди по овој пат: Опозицијата шири гласини за затруена вода, инсцинира киднапирања на новинари и  протести поради цената на бензинот. Сето тоа со помош на се знае кого, за да се постигне се знае што. Ха-ха-ха. Страшна специјална војна. Згора на тоа благиот судски однос кон полицајците кои го претепаа брат му, претседателот го гледа како дел од планот. Дури по неколку дена спинување се појави во владиниот жолт печат билтен со наслов кој се' објаснува: „Да се уништи Вучиќ па да се киднапира Косово“. Кој? Па Американците, се знае!

По Северномакедонска улица

Како во сето ова се вклопува улицата Северномакедонска, по која, ако имаат многу, многу среќа, Заев и Ципрас еднаш заедно ќе се прошетаат во некое грчко, па во некое македонско градче?

На првата страница на овој жолт печат одговорено е и на тоа, веднаш под првиот наслов: „На Србија ѝ треба некој како Заев па да го признае Косово“. Авторство- Тереза Меј.

Serbien Strassenszene in der Strasse Makedonska in Belgrad
Фотографија: DW/D. Dedovic

Е, тогаш и на мене ми се склопи сликата. Во Скопје белосветските тајнослужбаши, српски и албански „битанги“ и кој знае уште кои го пишуваат сценариото за уривање на Вучиќ. Модел им е „шарената револуција“ од соросоиден тип. Сѐ со цел да се уништи Вучиќ. И Србија. Што е исто. А сѐ со цел да се доведе некој клониран Заев. Да се прегрне со албанските терористи среде Теразије и да заигра шота.

Хм. Мене ова ми изгледа параноидно.

Не сум ли јас поради тоа дел од заверата? Странски платеник? Не работам ли за германски медиум? Можеби токму некој германски предзнак ќе ме ослободи од сомнеж. Бидејќи Германците во меѓувреме станаа наши. „Браќа Германци, немојте да одите на никое друго место, бидејќи никаде нема да ви биде толку добро како во Србија“, рече Александар Вучиќ во занес на отварањето на уште една германска фабрика. Се плашам дека претседателот неговите презафатени советници не го известиле  оти зборот „битанга“ најверојатно има германско потекло.

Еден мој другар германофил од Бугарија ми тврди дека, онака рус, потомок на поразените германски крстоносци кој проселе по балканските патишта враќајќи се дома. Учтиво се однесувале кон потецијалните донатори: Bitte. Danke. Bit-danke. „Битанги“.

п.с.

Драги Македонци,

никогаш нема да се согласам да се промени преубавата песна на Дадо Топиќ. На што би личело да запеам: „Тамо где вечно сунце сија, тамо је Северна Македонија“? Или да се прошетам до зградата на Политика во центарот на Белград по улицата Новомакедонска? Не. Многу работи ќе останат како што се'. Немојте да се плашите од промена на името. Власта во Белград тоа од 90-тите го направи дури трипати. Не боли. Најважно е да остане непроменет оној стих од Дадо „Народ и земља, које волим ја“.