1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сега веќе е небитно што Трамп мисли за Путин

Константин Егерт
22 август 2018

Политиката на САД кон Русија сега е сосема во рацете на Конгресот, што е лошо за Кремљ, кој ја загуби способноста за заплашување на Западот, бидејќи санкциите и меѓународната изолација земаа данок, смета Константин Егерт

https://p.dw.com/p/33X3X
Finnland Trump Putin Gipfeltreffen in Helsinki
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Smialowski

Справувањето со санкциите стана нешто како рутина за руското раководство. Се очекува САД да наметнат нови рестриктивни мерки за Русија до крајот на овој месец. Овојпат тоа не е поради акциите на Москва во Украина или наводното мешање во изборите во САД.

Путин им се придружува на Ким и Асад

Вашингтон го користи Законот за контрола на хемиското и биолошкото оружје од 1991 година за санкционирање на Кремљ за труењето на поранешниот офицер на руската тајна служба ГРУ и подоцнежен агент на британската тајна служба МИ6, Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во март годинава, во англискиот град Солсбери. Овој закон  беше користен само двапати порано - против Сирија и Северна Кореја.

Почнувајќи од среда, САД, меѓу другото, ќе забранат продажба на каква било технологија со двојна употреба (т. е. која може да се користи и за цивилни и за воени цели) на Русија. Доколку Москва не ги почитува барањата на актот - ветувајќи дека нема да се вклучи во хемиски напади и ќе им овозможи на инспекторите на ОН пристап до објектите каде што би можеле да се произведат хемиски или биолошки агенси - ќе следува уште една рунда санкции за 90 дена. Тие би можеле да вклучат повеќе трговски ограничувања, намалување на дипломатските односи, како на пример отповикување на американскиот амбасадор и, конечно, (иако неверојатно), дури и забрана за летови на рускиот државен авиопревозник Аерофлот во САД.

Кремљ категорично негира каква било поврзаност со труењето на Скрипалови. Никој не очекува Русија да се придржува кон барањата на САД, иако Конвенцијата за хемиско оружје, чиј  потписник е Русија, им дава мандат на меѓународните инспектори да влезат во Русија. Значи, на крајот од ноември Вашингтон најверојатно ќе ја наметне втората рунда санкции против Москва.

Дали Северен тек 2 е мртов?

Во меѓувреме, друга, потенцијално многу поштетна серија санкции би можела да ја погоди Русија. Постои нацрт-закон, поднесен како од демократите, така и од републиканците, за кој Сенатот ќе започне да расправа во септември. Тој предвидува казни за мешањето на Русија на изборите во САД и да повикува на забрана за трансакции со рускиот суверен долг и можеби дури и забрана за трансакции во американски долари со руските државни банки. Предлогот на демократскиот сенатор Боб Менендез за официјално означување на Русија како „државен спонзор на тероризмот" врз основа на случајот Скрипал, веројатно нема да помине во закон. Меѓутоа, труењето служи за дополнително оцрнување на меѓународниот имиџ на Москва, како што беше случај и со соборувањето на авионот на Малезија Ерлајнс над Донбас во 2014 година. Меѓународната истрага за соборувањето на летот МХ17 која продолжува, утврди дека противвоздушен проектил испорачан од Русија (а можеби и управуван од Руси) го погодил авионот, веројатно погрешно сметајќи го за украински воен авион. 298 патници и членови на екипажот беа убиени. Четиригодишната кампања на дезинформации од страна на официјалната Москва само помогна да се убедат широки делови од меѓународното јавно мислење дека Русија е навистина виновникот. Таквата репутација го прави психолошки полесно наметнувањето на дополнителни санкции.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт, автор на коментарот

Конечно, весникот Вол Стрит Журнал објави дека САД се подготвуваат да го осакатат, ако не и целосно да го уништат, проектот за гасоводот Северен тек 2 меѓу Русија, Германија и другите земји на ЕУ. Вашингтон планира да ги санкционира компаниите кои учествуваат во конзорциумот (вклучувајќи ја и германската Винтерсхал ГмбХ), а можеби дури и банките кои ќе ја финансираат изградбата. Ова се навистина мрачни перспективи за Кремљ.

Официјалните тврдења на Москва дека санкциите немаат никакво влијание врз руската економија, повторно беа побиени на 9 август, кога вредноста на рубљата беше во слободен пад. Тоа се случи откако весникот Комерсант го објави нацрт-законот за новата рунда санкции на Сенатот. Последните мерки на руската влада, како драстичното зголемување на возраста за пензионирање и зголемувањето на ДДВ од 18 на 20 проценти, се доказ дека сѐ повеќе недостасуваат пари. Но, консензусот во Москва е дека Владимир Путин нема да попушти за ниедно спорно прашање со цел ублажување на режимот на санкции. Според него, со тоа би покажал „слабост" - што тој го мрази најмногу од сѐ. Овој страв е доминантно чувство меѓу руските олигарси и бирократите на највисоко ниво. Нивната вистинска загриженост во врска со ефектите од западните санкции врз руската економија и нивните лични средства се компензира со потребата постојано да се покаже лојалност кон Кремљ и јавно да се напаѓа Западот, за да не бидат сметани за „слаби".

Арсеналот на Путин против оној на Вашингтон

Како би можел Путин да реагира? Прекинот на продажбата на ракетните мотори РД-180 за американската вселенска програма паѓа прв на ум. Но, тоа ќе ја погоди и руската воздухопловна индустрија исто толку, ако не и повеќе, од Американците, и ќе го прекине овој значителен прилив на пари. Москва, без сомнение, ќе ги забрани американските цивилни авиони од својот воздушен простор, ако на „Аерофлот" биде забрането да лета во САД. Руската влада, исто така, може да го запре увозот на виски и калифорниско вино, како и да ги затвори двата преостанати американски конзулата - во Владивосток и Екатеринбург. Ова само ќе доведе до затворање на двете преостанати руски конзуларни претставништва во САД - во Хјустон и во Њујорк.

И тоа е веројатно сѐ. Доста ограничен арсенал во споредба со оној што САД може да го употреби. Москва сега е немоќна да влијае врз американската администрација. Брзината со која беа поништени изјавите на пријателство на Доналд Трамп кон Русија по неговиот состанок со Владимир Путин во Хелсинки и беа заменети со нов круг санкции покажа дека политиката на САД кон Русија сега е речиси целосно во рацете на Конгресот. Во исто време, недостигот на доверба меѓу двете земји е блиску до нивото на кризата со проектили на Куба.

Изгледа дека руското раководство ја изгуби претходно неспоредливата способност за заплашување на Западот со цел се смирување на тензиите. Никој - барем во Вашингтон - веќе не се плаши од непредвидливоста на Москва. И додека приходите од нафта и гас сѐ уште го заштитуваат Кремљ од какви било значајни општествени пресврти дома, санкциите и меѓународната политичка изолација постепено го земаат својот данок.