1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сега е потребно збивање на редовите

Кристина Бергман4 јуни 2008

По тешка борба, завршија предизборите во редовите на американските демократи. Барак Обама обезбеди доволен број гласови на делегатите за да стане кандидат на Демократската партија за претседателските избори, во ноември.

https://p.dw.com/p/EDVW
Барак Обама со сопругата пред да го одржи победничкиот говорФотографија: AP

Трката меѓу Барак Обама и Хилари Клинтон е завршена. Тоа што Хилари не го признала официјално поразот, не игра никаква улога. Победникот е познат и сенаторот од Илиноис веќе славеше во текот на вечерта. Никој сериозно не може да верува дека супер-делегатите, кои вчера во голем број завршија во кампот на Обама, ќе го променат мислењето.

Да се замине со крената глава

Хилари Клинтон тоа веројатно веќе го осозна. Нејзината реакција, сепак, покажува дека таа не сака некој друг да и‘ го диктира времето на нејзиното повлекување. Таа, сака да ја заврши предизборната борба со крената глава. Тоа и‘ е дозволено. Но, сега врз основа на резултатите, таа треба да извлече консеквенци. Мора да престане да бара методи на пресметување кои ќе остават впечаток како таа да е победник. Барак Обама го има мнозинството делегати и тоа е она што се брои. Вчеравечер, тој се покажа великодушен и ги пофали заслугите на неговата ривалка. Навистина, двајцата постигнаа 35 милиони Американци да го дадат својот глас на предизборите. За тоа и‘ е оддадена почит и нејзе.

Клинтон не смее да игра на „борбено“ расположение

Сепак, Клинтон не смее да го троши премногу трпението на Обама и на Демократската партија. Ако Хилари Клинтон на партискиот конгрес, во август во Денвер, кога треба да биде објавена номинацијата, игра на борбено расположение, тоа не само што ќе ја уништи нејзината репутација, туку како што покажува историјата - тоа би и‘ наштетило и на партијата и би ја довело во опасност победата на претседателските избори.

Редовите треба да бидат збиени што е можно побргу. И, на Клинтон е тоа да го направи. Таа мора да ги убеди своите приврзаници дека нивните интереси Барак Обама ќе ги застапува исто така добро. Зашто во такво нешто нема сомневање. Во делот на темите, кај двајцата има мали разлики - тие сакаат крај на ирачката војна, се залагаат за подобра здравствена нега и образование на Американците, сакаат да ја доведат економијата повторно во прв план, и не како последно, повторно да го вратат угледот на САД во светот.

САД заслужија почит

Дека нема зошто да се крие од својот ривал, Џон Меккејн, Барак Обама покажа вчеравечер. Во извонреден говор тој апелираше за единство на Американците, за тоа дека се неопходни заеднички напори за да се управува со проблемите. Но, тој сеуште не е претседател. Победите на Хилари Клинтон во Охајо, Пенсилванија, Кентаки, Флорида и во Јужна Дакота, му покажаа дека му претстои уште многу работа, доколку сака да ги убеди слоевите избирачи кои досега се чувствуваа подобро под закрилата на Хилари Клинтон - жените, работниците, старите лица, Латино-американците.

Она што е непроменливо е дека првпат во историјата еден Афро-американец има шанса да стане претседател на САД. Со самото тоа, Американците заслужија светот, по долги години презир, повторно да ги гледа со почит.