1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сега или никогаш Европа

7 април 2020

Да се спроведе нов Маршалов план со сопствени сили, без американската локомотива и штедра помош, како во периодот 1948-1952, е голем стратегиски проект и тест не само за опстанок на ЕУ, туку за обнова на цела Европа.

https://p.dw.com/p/3aZMe
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Во прашање е иднината на Европа. Сега или никогаш - со овие зборови во отворено писмо прв ги повика лидерите на Европската Унија шпанскиот премиер Педро Санчез. Европа мора да воспостави воена економија и да започне отпорот за обнова и економско заздравување. Европа е во војна против коронавирусот и ние мораме да одговориме со сето наше оружје, со сите наши алатки. За да го постигнеме тоа неопходно е да мобилизираме значајни средства преку нов план кој го нарековме Маршалов план, им напиша премиерот Санчез на европските лидери.

Кога ќе се спомне Марашалов план, голем, хуман, економски и  политички многу успешен проект од минатиот век, поточно од 1947 година, веднаш по Втората светска војна, кај современиците на повоените страдања и кај историчарите на светските кризи буди голема надеж дека Европа ќе успее да се обнови и по оваа голема, по многушто воена криза. Да се донесе и спроведе нов Маршалов план со сопствени европски сили, без американската локомотива и штедра помош како во периодот од 1948 до 1952 година, е голем стратегиски проект и тест за опстанокот не само на ЕУ, туку и на цела Европа. Без Америка, бидејќи сега и таа е во војна на својата територија со истиот непријател, како и сиот свет.

Кога ќе стаса болката до главата

Во првите месец дена европските најразвиени земји ја примија оваа идеја мошне студено и воздржано. Се покажаа разликите во третирање на степенот на опасноста на пандемијата, но и кај износот на парите во солидарните фондови. Тоа ги потврди сомнежите за себичноста и егоизмот на богатите и за разликите во дијагнозите не само на опасноста од коронавирусот, туку и за спасување на европската економија од тешка рецесија, по многу оценки најголема по светската економска криза од триесеттите години на минатиот век.

Но, Европа, како Европа, кога ќе ја удриш силно, треба време додека не стаса болката до главата. Таа првично реагира бавно и себично со сомнеж дека некој премногу драматизира за нешто да ушиќари. Овојпат вирусот ги демантира сите сомнежи и особено тие кои го потценија и не беа добро подготвени за една ваква „биолошка војна". Вирусот трагично покажа  дека не избира големи и мали, сиромашни и богати, не признава ни граници, ни нации, ни вери, не се плаши од атомски велесили, разни моќници и славни личности. Удира насекаде, каде ќе најде отворена врата.

Конечно, кога стаса болката во главата на Европа, се узна дека и богатите ќе страдаат, без оглед колку ќе ги погоди коронавирусот. Оти и нивното богатство во тој случај е доведено во прашање, бидејќи ако сите други се во агонија и на колена, кому ќе му ги продаваат своите добра ако партнерите капитулираат?

Европа се буди

И еве ја Европа, се огласи. Претседателката на Европската комисија, што би се рекло на бриселската влада, Урсула фон дер Лајен се обрати до европската јавност. Последните недели нашиот свет е свртен наопаку. Ние сме дел од решението, напиша таа во својата колумна. Милијарди и билиони евра што се трошат денес за да се избегне поголема катастрофа се инвестиција во нашата идна заштита и тие ќе врзат генерации. Ова е причината зошто парите во следниот буџет мора да бидат инвестирани на паметен и одржлив начин. Тоа мора да помогне во зачувувањето на она што е важно за нас и да го обнови чувството за припадност меѓу нациите на Европа.

И тоа што е клучно, треба да инвестираме стратешки во нашата иднина. Маршаловиот план од ваква природа ќе помогне да се изгради помодерна, одржлива и еластична Европа. Ова е Унијата за која верувам дека може да излезе од оваа катастрофа исто како што тоа го направи по секоја криза во нашата историја. И за овој огромен напор, на оваа нова Европа, ќе треба една работа повеќе од која било друга: народот на Европа мора да сака заедничка иднина каде ќе застанеме едни за други, напиша Фон Дер Лајен со јасна најава дека Европа поминува од зборови на дела, дека веќе по првото неснаоѓање забрзано работи на голем проект кој го нарекува нов Маршалов план.

Други колумни од авторот:

Чувајте се од волшебници

Снег на цвет, вирус на човек

На мака се познаваат јунаците

Што прави Македонија

Македонија неочекувано добро се држи во борбата со епидемијата и во делот на здравствената заштита и во справување со економскиот шок. Помошта на загрозените дејности  и на здравството е веќе над можностите проследена со сите „традиционални“ слабости на кои не стекнавме колективен имунитет и по сите прележани болести и кризи. Македонија узнава на болен начин колку било значајно да се инвестира во здравството и во образованието. Дали нешто од ова сознание ќе остане и по надминуваање на кризата? Или пациентот е загрижен додека е во кревет и во страв?

Владата спроведува свој мини Маршалов план на интервенции во две фази, а во подготовка е и третата со поголемо задолжување кај ММФ, кај Светската банка и кај комерцијалните банки, кое мораше да следи и без нападот на коронавирусот. Тука е и првичната финансиска помош од ЕУ од 70 милиони евра. Збирно, со сите задолжувања, од надвор и од сопствените ресурси, државата ќе интервенира во загрозените дејности и во спасување на работни места со околу 600 милиони до една милијарда евра по разни основи во наредните три месеци. Меѓутоа има две големи непознати. Прво, колку долго ќе трае кризата и второ колку паметно ќе се потрошат позајмените пари. Ако се тргне од претходните искуства во кризни ситуации како се трошеле кредитите, тогаш ќе имаме многу сериозни проблеми и големо незадоволство во јавноста кое може да прерасне во социјален бунт.

Дарежливи спасители праќаат нарачки

Нарачките кои стасуваат до Владата, за жал и од компетентни институции и експерти, наликуваат на кафеански списоци на желби небаре се делат пари според тоа кој повеќе ќе нарача и погласно ќе лелека. Се лицитираат износи од милијарди евра да се поделат робусно и брзо, без да се има предвид најзначајниот фактор, а тоа е колку долго ќе трае кризата.

Дарежливите спасители немаат никаква одговорност за своите идеји на раздавање без покритие. Тие секогаш имаат добро подготвен одговор ако работите тргнат наопаку. Првата реченица во такви ситуации е: што ви рековме ние?! Не нѐ послушавте и задоцнивте со интервенијата. Тие не ја земаат предвид веќе направената презадолженост на земјата во која и лично учествувале, а што е уште полошо од таа задолженост, од она во што се инвестираше нема речиси никакво фајде. Во најголем дел само штета. Денес ако се направи некаков попис и ревизија на тоа каде се потрошени пет и пол милијарди евра позајмени пари и колку од тоа е оправдано и исплатливо, ќе се дојде до катастрофални резултати поголеми од оние што ги слушавме во бомбите од прислушуваните телефонски разговори. Веројатно и затоа денес на некого многу му се гади од специјалните јавни обвинители, иако тие се веќе во редовното јавно обвинителство, ама таму заедно со нив се и многу судски предмети. 

Вирусна предизборна кампања

Но, она што во Македонија станува поопасно и од вирусот и од економската криза се партиско политичките обиди да се повикува на недоверба на институциите на системот и на техничката влада во која заземаат одговорни места политичари од сите парламентарни партии. И од власта и од опозицијата. Се шири паника со лаги во драматични услови на вонредна состојба.

Со лажни вести и со преземање на главни улоги на спасители, со паролата - не е време за политика, туку за спасување на животите на граѓаните и на економијата, Македонија губи златно време и голема енергија секој ден со десетици пропагандни конференции за медиумите, партиски соопштенија, јавни настапи, интервјуа, дебати, сѐ во функција на избори кои божем утре ќе се одржат, иако се одложени на неодредено време, во зависност од траењето на опасноста од коронавирусот, која станува главен адут во предизборната кампања како лицемерна битка за здравјето на граѓаните.

Звучи како излитена парола милиони пати злоупотребена, но ако некогаш на Македонија ѝ требало вистинско единство, тоа е денес - сите сили да се насочат како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, со донесена одлука за почеток на преговори, да се приклучи на европскиот Маршалов план, кој засега главно и во најголем дел се однесува само на членките. Потребни се силна дипломатска активност и пријатели, но пред сѐ домашна политичка стаблност која ќе нѐ внесе не само во фондовите на новиот Маршалов план, туку и во заедничките проекти, што може најмногу да ѝ помогне на македонската  економија да заздрави и да го забрза својот развој. Тоа во моментот треба да биде приоритет број еден кој не е можен без единство во земјата. За жал, тоа во Македонија е потешко отколку битката за заштита на граѓаните и надминување на економската криза.

Зошто баш нов Маршалов план?

Неколку збора што е тоа Маршалов план за да се види неговото значење кај помладите генерации. Тоа е планот за обновување на европските држави по Втората светска војна наречена по државниот секретар на Америка, Џорџ Маршал, донесен по негова идеја 1947 година. Планот почнал де се применува 1948 година под името Програма за обнова на Европа. Истовремено, политичка цел била сузбивање на комунизмот. Програмата опфаќала испорака од Америка на финансиска помош, кредити, стока, суровини и храна. Вкупната вредност на помошта изнесувала, во тогашни пари, 12.4 милијарди долари. Програмата имала хуманитарна цел.

Многу земји на Европа биле целосно уништени, прозводство речиси и немало, владеел глад. На Америка ѝ требала економски силна Европа. Програмата завршува 1952 година со извонреден успех. Европа е на нозе и почнува ерата на брз развој. Колку е голема помошта на Америка во обнова на Европа може да се пресмета од фактот дека тогашните неполни 13 милијарди долари биле околу пет проценти од брутодомашниот производ на Америка кој тогаш изнесувал 258 милијарди долари. Денес пет проценти од БДП на Америка се мери во билиони долари. Кога членките на ЕУ би издвоиле само два процента од својот БДП повеќе од она што сега го издвојуваат и тоа само како гаранции за земање на кредити на ниво на целата Унија и се разбира на кандидатите за членство, тоа би отворило голем инвестициски циклус и побрз развој на цела Европа и не само на Европа. Тоа би означило голема обнова и обединување на Европа. Ако тоа можело да се постигне веднаш по Втората светска војна, кога владеел глад, омраза, опустошени градови и милиони свежи гробови, зошто тоа не би можело денес, по добиената војна со вирусот.