1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седумте титули светски шапмион на Михаел Шумахер

29 август 2004
https://p.dw.com/p/AemF
Фотографија: AP

Царот на Формула 1, Германецот Михаел Шумахер го оствари, на четири трки пред завршувањето на сезоната, она што до сега никој не го постигнал: тој е по седми пат победник во вкупен пласман во најсилната светска автомобилска класа. На Шумахер денеска на Големата награда на Белгија му беше доволно и комотното второ место зад Кими Реиконен од Мекларен Мерцедес за да ги оствари недостижните 40 поени разлика од второпласираниот во досегашниот пласман, неговиот тимски колега од Ферари, Рубенс Барикело. Браазилецот имаше мал судар, по што изгуби многу време за замена на крилото во боксот и на тој начин и покрај сите напори заврши само на третото место, што беше премалку за да се задржи тензијата во вкупен пласман до трката во Монца на 12. септември, што би бил натпревар на домашен терен за тимот на Ферари.

“Ова беше вистински историски момент и пресреќен сум што бев присутен на него. Михаел е најголемиот“ одушевен изјави неговиот менаџер Вили Вебер. Ова е уште еден своевиден светски рекорд, бидејќи во оваа сезона Шумахер постариот оствари 12 победи од вкупно 14 трки, бидејќи во Монте Карло испадна од натпреварот, а денешното второ место е со тоа најлошиот резултат на Шумахер во оваа сезона.

“Вакво нешто нема никогаш повеќе да се повтори во Формула 1, ова е постигнување за вечноста“ - изјави трикратниот победник во Формула 1, славниот Ники Лауда.

Запрашан за првите впечатоци по големиот триумф, скромниот Михаел Шумахер изјави дека е навистина нешто посебно да се освои седмата светска шампионска титула токму на 700-тата трка што ја возеле болидите на Ферари. “Освен тоа сето се случува овде, во белгискиот Спа, што е посебно место за мене. Нешто посебно ме врзува за оваа стаза и за тоа има повеќе причини, а од денеска ќе има, ете, уште една!“

Белгиската Спа е всушност првата трка на Михаел Шумахер пред полни 13 години. Тогаш непознатото момче од гратчето Керпен не ја познаваше воопшто стазата и за да ја процени ја мина прво со велосипед. Дека тоа е и мигот на раѓањето на најдобриот возач на формула 1 во целата нејзина историја, никој, па ни Михаел Шумахер не можеше ни да сонува.