1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сезона на преживување

26 мај 2010

Заврши кошаркарската сезона во Македонија. Последниот чин беше мајсторката во Кавадарци, во која Фени Индустри го надигра Вардар и ја освои титулата. Даниел Димевски, претседател на КФМ дава преодна оценка.

https://p.dw.com/p/NWMf
Даниел ДимевскиФотографија: DW

Даниел Димевски, претседателот на КФМ, ја оценува изминатата сезона:

„Оценката е позитивна, ако се оценува од 1 до пет, би била добра, тројка. Завршивме една од најтешките сезони во македонската кошарка. Да бидам искрен, јас по малку бев скептик, бидејќи финансиската криза удри немилосрдно по плеќите на спортот“.

А каква би била споредбата во однос на претходната сезона?

„Падот е евидентен! И според бројот на странски играчи и според буџетите на клубовите. Според сите параметри евидентен е падот во оваа сезона. Ние направивме се‘ што можеме клубовите да преживеат. Ова беше сезона на преживување, а не на растеж. Основната битка беше, клубовите како што се МЗТ Скопје и Работнички, да опстанат на картата на македонската кошарка. Сума сумарум, сезоната успеавме да ја преживееме.“

Фени Индустри со двојната круна во Купот и превнството, се наметна како македонска кошаркарска перјаница:

„Оваа сезона Фени Индустри беше најквалитетниот тим.Тоа го зборува финансискиот параметар со најголем буџет,со најголем број на репрезентативци и со најголем број на странци. Клубот избори втора година по ред учество во Балканската лига на фајнал-фор. Со недостиг на среќа и слаб ден, несреќно не успеа да избори место во финалето, каде што имаше што да каже. Се‘ на се‘, Фени имаше квалитетна сезона, која апсолутно заслужено ја круниса со две титули.“

Во сезоната на преживување, како што ја нарекува Димевски, покрај Фени најпозитивното се екипата на Вардар без странци и двајцата негови млади играчи, Стојановски и Соколов.

„Мислам дека оваа година Стојановски и Соколов го покажаа сиот свој раскошен квалитет, постигнаа и играчка зрелост! Покрај нив се наметнаа уште неколкумина. Може да се каже и дека екипата на Торус, која беше едно од најпријатните изненадувања, извади неколкумина млади играчи. Можеме да бидеме среќни од фактот дека имаме перспектива на која ќе се темели развојот на македонската кошарка“.

Mazedonien Land und Leute Sporthalle Boris Trajkovski in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Следи нов предизвик

Со мала воздишка на олеснување е ставен крај на сезоната, но брзо следи нова со нов предизвик, кошарката да се подигне барем за една скала:

„Ни претстојат квалификациите за Европското првенство во Литванија. Бидејќи се претставивме одлично на минатото Европско првенство, веќе никој не не‘ смета за аутсајдер. Тоа значи дека ќе бидеме предмет на сериозна опсервација на нашите идни противници. Мислам дека ова лето ќе имаме напорен квалификациски циклус! За информација: се‘ што ќе се случува ќе биде во август, кога за 27 денови ќе имаме 8 натпревари. Според квалитетот имаме шанса да обезбедиме нов настап на Евопското првенство, практично македонската кошарка да стане препознатлив бренд во цела Европа.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска