1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Секогаш ќе бидеме на страната на Македонија“

26 март 2010

За Турција е многу важна стабилноста и просперитет на Македонија бидејќи таа е срцето на Балканот. Двете земји ќе соработуваат за влез во ЕУ, поенти од посетата на турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу.

https://p.dw.com/p/MeJy
Ахмет Давутоглу и Антонио МилошоскиФотографија: MIA

Македонско-турското пријателство од денеска е уште посилно, турската поддршка за Македонија за членство во НАТО останува, двете земји ќе си помагаат меѓусебно во процесот на приближување до Европската унија. Ова се поентите од дводневната официјална посета на шефот на турската дипломатија, Ахмет Давутоглу на Македонија. За Турција е многу важна стабилноста и просперитетот на Македонија, бидејќи таа е срцето на Балканот. Со неговиот домаќин, министерот Антонио Милошоски оценија дека односите меѓу двете земји се посебни и повеќе од пријателски и оти приоритет е продолжување на соработката во евроинтеграцискиот процес, зајакнување на меѓусебните културни и образовни врски, со посебен акцент на економските односи.
“Токму поради тоа Анкара меѓу првите ја призна Македонија под уставното име и натаму ќе ја признава. Верувам дека патот на Македонија кон ЕУ треба да биде отворен, а продолжува и турската поддршка за влез на Македонија во НАТО. Секогаш ќе бидеме на страната на Македонија, бидејќи нејзиниот успех е и наш успех“, изјави турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу.

Der tuerkische Aussenminister Ahmet Davutoglu
Ахмет ДавутоглуФотографија: AP

Милошоски: кај Грција не гледаме прагматизам

Најголема пречка за успех на Македонија на евроатласнкиот пат е спорот со Грција. Милошоски во врска со вчерашната премиерска средба во Брисел оцени дека најважно во овој момент е што двете страни имаат ист став во однос на принципот дека ова македонско - грчко билатерално прашање треба да биде што поскоро надминато на начин кој што би ги задоволил двете страни.

“Ние можеме да направиме споредба меѓу претходната и оваа грчка политичка гарнитура. Кај сегашните наши колеги може да видиме поголемо расположение за средби, за ракувања и за фотосесии, но за жал се‘ уште го немаме почуствувано моментот за суштинско согледување на прагматизмот како начин да се надмине ова прашање“, изјави Милошоски.

Турција гледа нова визија за Балканот

Во однос на регионот, двете земји имаат исти или слични позиции за најважните прашања за Југоисточна Европа.

Турција гледа на Балканот со една нова визија, базирана на дијалог меѓу земјите, како безбеден регион, каде односите ќе се базираат на заемно почитување и толерантност, нагласи Давитоглу.

Mazedonien Land und Leute Alexander der Große Flughafen in Skopje
Турската компанија ТАВ ќе инвестира во скопскиот аеродромФотографија: Petr Stojanovski

Во фокусот на економската соработка, треба да бидат енергетските и сообраќајните врски меѓу сите балкански земји.

Надворешната трговска размена се движи околу 320 милиони долари. Турските инвестиции во Македонија ја надминуваат бројката од 500 милиони долари. „Ќе ги поттикнеме турските бизнисмени да ги зголемат инвестициите во Македонија“, вети гостинот од Анкара.

Последни позначајни турски инвестиции во најава се реконструкцијата на скопскиот аеродром, проект што деновиве треба да го стартува турскиот гигант „ТАВ“ и изградбата на фабрика за стакло, договорена со компанијата “Шишеџам“.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска