1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Секој атар – свој театар“

12 септември 2010

Идејата во Охрид да се возобнови професионалниот градски театар тапка во место. Актерите не стојат со скрстени раце. Играат, ги има повеќе во странство, земаат награди. Што се случува со драмскиот аматеризам во регионот?

https://p.dw.com/p/PAM6
Фотографија: DW/BilderBox/dpa-picturealliance

Од педесеттите години на минатиот век, кога со декрет на тогашната власт „згаснал “ професионалниот театар, на што граѓаните бурно реагирале, жалањето за свој театар во Охрид не поминува. Со децении жариште на културниот аматеризам е Центарот за култура. Тука се „раѓаа“ аматери - невидени таленти. Постоеја и полупрофесионални обиди кои ќе останат забележани од хроничарите.

Шекспировски : Ќе го биде или не – театарот во Охрид?

Се чини дека со упорноста која трае повеќе од деценија, актерот и режисерот Горан Стојаноски е најблиску до остварување на сонот:

„ Не се работи за кариери , туку за наша животна посветеност на театарот. Доколку локалната власт и министерството за култура тоа го видат како една силна струја , како една огромна желба да се направи ова , треба само да дадат поддршка.“

Охридскиот градски театар во формирање лани имаше две премиери. Соработуваат со Малиот драмски театар од Битола и интернационалата мрежа НЕТА . Во Охрид наскоро премиерно ќе се игра „Среќни денови “ од Семјуел Бекет во режија на гостинот од Сараево, Градимир Гојер.

„Присуството на режисерот Гојер е признание на квалитетот на нашата работа. Значи ние можеме да работиме комедии, Бекет до Шекспир ...Го отвораме полето на нашиот широк дијапазон“, додава Стојаноски.

Охридските претстави се закитија и со меѓународни награди. Се играа на сцените во Словенија, во Враца, Крагуевац, Белград, Сараево. Театарот е зрел за редовен професионален репертоар:

„Актерите се обучени за проектен и стратешки менаџмент, имаат искуство, знаат да раководат со светло, дизајн. Оваа екипа од десет луѓе може да врши работа од четриесет.

Во Струга театарот и натаму аматерски

Во Струга, градот на познатиот драмски писател Ристо Крле, аматеризмот датира од далечната 1908 година, а над 4 децении тој е во рацете на потомокот на Миладиновци , Ристе Миладин: “

Schauspieler Amateure Mazedonien Struga
Аматерската театарска група од СтругаФотографија: DW

„Зад мене се 76 претстави како режисер, а во најголем дел сум бил и актер во нив. Во времето на екс-Југославија патувавме на многу драмски смотри и освојувавме награди. Сега интересот за аматерскиот театар пак се зголемува. Подготвуваме две претстави. ’Црвенкапа’ за децата и „Нема да платиме’ од Фо за возрасната публика“.

Во кафулето „Арт театар “ во Струга три години функционира неформалната албанска театарска сцена. Организатор на претставите и гостувањата на уметници и ансамбли од Албанија, Косово, но и Македонија, здружението „Муза “.

„Поклони се и падни “ синоним за слободата на говорот во Вевчани

Во Вевчани првата аматерска претстава „Печалбари “ е играна во 1936, а од тогаш и природно надарените вевчанци театарот го имаат за своја оддишка, вели Тоше Чочороски:

Tose Cocoroski
Тоше ЧочороскиФотографија: DW

„Оваа зима, за декември се најавува нов голем проект „Ноќ спроти Свети Василиј “, кој ќе се игра на отворено на самиот празник од аматери-вевчанци помлади и повозрасни. Со тоа патувачкиот театар „Поклони се и падни “ ќе има континуитет.

Заеднички именител за сите во овие тешки економски времиња е да се најдат пари за проектите за аматеризмот да преживее.

„За среќа, локалната власт и локалните фирми не поддржуваат. Така е и со министерството за култура. Често различно, но одвојува по некој денар за аматеризмот “, вели Чочороски.

И она најважното-театарот ја има улогата културно да го надгради човекот. Жедта по него не престанува. Иако, во шега или виситина, народот се‘ почесто вели: „Животот ни стана театар “

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска