1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сексизмот во Македонија се третира и како комплимент

Катерина Блажевска8 февруари 2013

Сексизмот во јавниот говор во Македонија е присутен без никаква цензура, а навредите на родова основа не се нешто што се сфаќа сериозно иако рефлектираат системска нееднаквост, оценуваат експерти

https://p.dw.com/p/17acj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сексизмот е присутен во Македонија, но или многу малку се препознава од граѓаните или погрешно се толкува, тврдат експерти за родова еднаквост.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, смета дека во последно време разни сексистички конотации се осудуваат само како резултат на дневната политика.

„Она што загрижува е дека артикулацијата на овој феномен, во последниов период потекнува токму од оние кои што ја креираат политиката и затскриено зад говорите за семејни вредности и здрава нација и даваат на жената карактер на објект за репродукција, одземајќи и притоа каква било друга улога во општеството. Што е тоа ако не сексизам -прашува Пировска.

Минатата година премиерот Никола Груевски, во говор за драматичниот пад на наталитетот, зборот „некакви" го употреби во контекст на правата на жените и предизвика лавина реакции и од организации за заштита на правата на жените и од собраниската Комисијата за еднакви права и можности меѓу мажите и жените. Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, лани беше осуден од државната Комисија за заштита од дискриминација, бидејќи за време на партиски активности во Неготино изјави дека „се гледа оти на општината и недостига женска рака". Ако сексизмот е видлив во политиката поради медиумската „покриеност" на изјавите на политичарите, тој останува скриен и непрепознаен во други, медиумски неекспонирани сфери од општествениот живот.

Symbolbild Sexismus Debatte
Во Франкфурт против сексизмот се протестираше на овој начинФотографија: dapd

Тивко одобрување

Комуникологот Емилија Петреска - Камењарова смета дека ситуацијата во Македонија е сосема поразлична во споредба со други земји.

„Кај нас сексизмот е толку длабоко вткаен во јавниот дискурс што сексистичките изјави, многу мажи и, за жал, жени, ги сметаат за еден вид комплимент, па нема да отидам предалеку ако кажам дека можат да ги сфатат и за израз на одобрување, за нешто позитивно", вели таа.

Примери има многу, но таа ги посочува најдоминантните.

„Кај нас е нормално претпоставениот да и порача на вработената како да се облече за некој состанок - не поради некакви стриктни и пропишани правила за облекување, туку за да покаже еден первертиран статусен симбол - дека паметните жени што работат за него се и згодни. Кај нас е сосема нормално да ви речат именките што означуваат функции и титули да не ги употребувате во женски род, затоа што така им ја намалувате ведноста", укажува Петреска и во шега додава: „За жал, именката комуниколог се уште нема женски род".

Универзитетска професорка по родови студии, Катерина Колозова, потенцира дека 'и самите ние, благодарение на отсуството на доволен број компаративни студии, ја увезуваме западната предрасуда за балканските општества како за заостанати и нагласено патријархални'.

„Благодарение на социјалистичкото минато, земјите на поранешна Југославија, вклучително и Македонија, во 90-тите години се наоѓаа далеку понапред од западните општества во поглед на правичната родова застапеност. Учеството на жените во високото образование се приближува до идеалот на ЕУ на 50% застапеност на жените. Истото важи и за судството и други високи административни позиции", потенцира Колозова.

Родова дисквалификација

И покрај тој „аванс", македонското општество е се уште патријархално и плодна почва за сексизам. Според Колозова, патријархализмот во најголема мера е вграден во културата и се рефлектира врз политичката реалност.

Schild Danger men thinking
Фотографија: Fotolia

„Вистинскиот" лидер на партија вообичаено има позиција и поведение на патријарх - тој е големиот и грижлив татко-заштитник, решителноста се препознава единствено во маскулиното симболно, кое е нужен дел од перцепцијата што лидерот ја гради за себе. Жените кои напредуваат во партиските структури вообичаено имаат поведение на послушни ќерки, а женската амбиција се дисквалификува врз неполитичка и родова основа - таквите жени се „неприродни", „неженствени" што автоматски значи и непосакувани. Како единствената легитимација што може жената да ја добие за сопствената вредност, да е онаа што е посредувана од страна на машката желба", анализира професорката по родови студии.

Со оглед дека сексизмот во јавниот говор е присутен без никаква цензура, а навредите на родова основа не се нешто што се сфаќа сериозно иако рефлектираат системска нееднаквост, експертите се согласни дека родовата еднаквост останува долгорочна цел за чие постигнување треба допрва треба да се работи.