1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со едукација ќе се рушат табуата

ДТЗ /ДВ
2 декември 2020

Статистиката покажува дека младите континуирано се соочуваат со неинформираност и недоволен пристап до релевантни информации за нивната сексуалност, здравје и благосостојба, што е причина за 19,5 абортуси на 100 раѓања.

https://p.dw.com/p/3m96U
Schweiz | Sexualkundeunterricht
Фотографија: picture-alliance/KEYSTONE/G. Bally

Сексуалното образование идната година ќе стане дел од наставната програма во основните училишта. Министерката за образование, Мила Царовска вели дека не може да има модерно и квалитетно образование без емоционален развој на секое дете кое завршува деветолетка. За таа цел започната е обука на наставници, а пилот-проектот ќе се спроведува во четири училишта.

Денеска започнаа обуките на наставниците за пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование во основните училиштa, кој како изборен предмет ќе биде воведен во септември 2021.

„Ова образование значи знаења за начините на заштита, однесувањето и предизвиците што ги носат пубертетот и развојот до адолесценција. Сексуално образование многу често е поставувано како нешто за што не треба да се зборува во училиште. Но, кога ќе го поедноставиме и ќе кажеме дека зборуваме за ненасилство, прифаќање на себеси и своето тело, градење релации со другите луѓе, создавање партнерски однос и за дискусија за своите емоции, тогаш сите велат ‘да, тоа е потребно‘“, вели министерката за образование и наука Мила Царовска.

Mazedonien Skopje - Mila Carovska, Ministerin für soziales Mazedonien im DW Interview
Ова образование значи знаења за начините на заштита, однесувањето и предизвиците што ги носат пубертетот и развојот до адолесценција, вели ЦаровскаФотографија: DW/K. Delimitov

Истражувања

Истражувањата покажуваат дека и родителите и наставниците и учениците имаат потреба од воведување на овие теми во формалното образование, затоа што не секое дете има можност дома да разговара за овие прашања и така неинформирани влегуваат во одредени односи, па често се повредувани, злоупотребувани и неприфатени од околината и себеси. Пилот-програмата во почеток ќе опфати четири училишта, три во Скопје и едно во Тетово и наставата ќе се реализира на македонски и на албански јазик. Таа е резултат на двегодишната работа на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, Mинистерството за образование, Бирото за развој на образованието, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за финансии, како и меѓународни организации.

Од невладината организација „Хера“, кои се дел од проектот, велат дека бројот на млади кои зборуваат на оваа тема е многу мал. Токму затоа наставниците ќе имаат можност да се стекнат со неопходните знаења и вештини за сите теми поврзани со сеопфатното сексуално образование, согласно последните препораки на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години.

#dw_BalkanBooster: Откривање на сопствената сексуалност - со препреки

Втора фаза

Следната година е планирано да започне втора фаза од проектот, кога сексуалното образование ќе биде дел од изборните предмети во дваесетина училишта. Наставната програма е подготвена заедно со експерти и со Бирото за развој на образованието и се состои од 36 училишни часа. Според Царовска, воведувањето сеопфатно сексуално образование во основните училишта, ќе значи унапредување на родовата еднаквост, инклузивноста и толеранцијата, но и превенција од сексуалното вознемирување и насилството.

Реакции

Резултатите од пилот-програмата и евалуацијата ќе бидат основа за креирање долгорочна образовна стратегија на Министерството за образование и наука за задолжително изучување на темите од сексуалното образование. Сексуалното образование во повеќето земји се изучува за време на целиот образовен процес односно од основно па сé до завршувањето на средното училиште. Во државите каде што сексуалното образование не е дел од формалниот образовен систем, стапките на малолетнички бремености се многу високи, но она што е уште поважно како податок е дека оваа бројка драстично опаѓа по воведувањето на овој предмет.

Schweiz | Sexualkundeunterricht
Предмети за сексуална настава во училиште во Базел, ШвајцаријаФотографија: picture-alliance/KEYSTONE/G. Kefalas

„Придобивките кои ги имаат државите кои го препознаваат сексуалното образование во формалниот образовен систем се превенција на рана, непланирана и непосакувана малолетничка бременост, млади кои се грижат за своето здравје, млади кои ќе научат кои се нивните права и како да ги заштитат, кои ќе научат да препознаат и да пријават врсничко, партнерско и секаков вид на насилство и кои ќе знаат како да развиваат социјални и сексуални односи кои ќе се базираат врз почит, согласност и достоинство“, велат од ХЕРА.

Реакциите во јавноста се поделени околу воведувањето на сексуалното образование во наставниот план. Додека едни го одобруваат, други коментираат дека се уште е рано за ваков проект, со оглед на тоа дека станува збор за табу-тема во државата. Статистиката пак покажува дека младите континуирано се соочуваат со неинформираност и недоволен пристап до релевантни информации за нивната сексуалност, здравје и благосостојба, што е причина за 19,5 абортуси на 100 раѓања, колку што се регистрирани во 2017 година. 

#dw_BalkanBooster: Сексуално образование од интернет

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи