1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Селекторско враќање на Тасевски

15 август 2011

Александар Тасевски по три години одново е селектор на А репрезентацијата на Македонија. Во 2008 година, откако националниот тим го доведе на чекор до учество на Европското првенство, мораше да замине.

https://p.dw.com/p/12GaL
Фотографија: Zlatko Kalinski

Сега заедно со најдобрите македонски одбојкари е соочен со нови искушенија. Вели дека ужива во работата:

„Чувствувам задоволство во работата, истовремено и предизвик да направиме нешто повеќе во однос на 2008 во квалификациите за Европското превенство“, вели Тасевски.

Репрезентацијата на Македонија ја мина првата тренинг-фаза во Крушево. Во моментов подготвителниот камп е во Тетово, каде наредниот викенд ќе се игра „Меморијалот Чајка“ со учество и на Данска и Унгарија:

„Данска и Унгарија го потврдија учевството. За жал имавме и трета потврда од Велика Британија, која не знам од кои причини го откажаа учеството. Сега канцеларијата на ОФМ бара начин да обезбеди учество на уште еден противник.“

Почеток на патот за ОИ во Лондон

Volleyball Hände Ball
Тасевски има големи планови за македонската одбојкаФотографија: picture alliance/dpa

Тетово ќе биде „генералка“ за првата етапа на патот на Олимписките игри во Лондон, двомечот против Црна Гора. Тасевски со оптимизам гледа на претстојните дуели:

„Ќе се играат два натпревара. Првиот е во Плевља на 25 август, а реваншот на 2 септември во Скопје. Се надевам на добар резултат. Се надевам дека ќе ги елиминираме Црногорците. Тоа не носи во повисока фаза, која што ќе се одвива во ноември, најверојатно во Шпанија, со учество на 6 екипи. Се надевам дека меѓу нив ќе бидеме и ние.“

Не е тајна дека Одбојкарската федарција на Македонија подолго време се соочува со финансиски проблеми, со обезбедување услови, што понекогаш влијаат врз репрезентативците. Тасевски ја истакнува одличната атмосфера, која владее меѓу избраниците:

„Две недели бевме во Крушево, а потоа дојдовме во Тетово. До денес, кога играчите имаат слободен ден, немам никакви забелешки на нивниот однос. Напротив, имам само пофалби за односот кон работата и однесувањето меѓу себе.“

Квалитетот во сите спортови паѓа

Најдобрите македонски играчи играат во странски клубови, репрезентацијата е над објективниот одбојкарски квалитет во Македонија, оценува Тасевски, поранешен играч на Работнички и на Вардар од „златната, шампионска ера“, капитен на екс-југословенската репрезентација и име од светска класа. Со горчина го коментира потонувањето на клубовите-перјаници во македонската одбојка:

„Голема штета е што го нема веќе Работнички. Слушам дека сега некои луѓе се ангажираат да го вратат онаму каде што беше пред година-две.Мислам дека не беше погрешна работата во клубовите, како што беа Работнички, Струмица, Вардар, Борец од Велес, екипи кои играа во квалитетни лиги во поранешна Југославија и кои имаа свој идентитет. Мислам дека основниот проблем е индолентниот однос на нашата држава воопшто кон спортот, не само кон одбојката. Квалитетот во сите спортови паѓа“, заклучува Тасевски.

Автор: Златко Калински

Редактор: Трајче Тосев