1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семејните претпријатија поотпорни на кризата

Сабине Кинкарц/ Зоран Јордановски 15 мај 2012

Германското стопанство добро турка и покрај должничката криза во Европа. Посебно успешни се големите претпријатија во семејна сопственост. Тие планираат натамошна модернизација, пораст и ширење - освен во Грција!

https://p.dw.com/p/14vmy
Фотографија: AP

Во Германија има околу 3,7 милиони претпријатија. 95 проценти од нив се во семејна сопственост или во голема мера под влијание на некое семејство. Од семејните претпријатија економски посебно интересни се најголемите, кои имаат годишен приход од преку 50 милиони евра. Меѓу нив има и многу познати, како БМВ, Д-р Еткер, Миле или Балзен.

Во однос на вкупниот број на претпријатија, големите претставуваат само 0,1 процент, но имаат енормно економско значење, вели Франк Валау од Институтот за истражување на средниот сталеж од Бон: „Речиси секое петто евро во Германија оди како приход кај нив и речиси секој седми од вработените со социјално осигурување работи во некое од големите семејни претпријатија“.

Од пред 4 години Валау еднаш годишно ја анализира ситуацијата на 400 најголеми семејни претпријатија во Германија. Според актуелните анкети, речиси три четвртини од испитаните шефови на фирми, ја оценуваат нивната економска ситуација како добра или многу добра. Приближно секое второ претпријатие има намера да ги зголеми инвестициите и да создава нови работни места.

Долгорочна ориентација

Како типичен пример за таквиот развој е Арнт Г. Кирхоф, чиј концерн произведува делови за автомобили, алати, машини за собирање отпад и преуредува автомобили за хендикепирани лица. „Наша силна страна е поврзаноста со местото на производство, долгорочната деловна ориентација и релативно плитката хиерархија“, вели Кирхоф и нагласува дека долгорочната перспектива има предност во однос на стремеж кон краткорочна добивка, оти целта секогаш е претпријатието да се пренесе на наредната генерација. Затоа и не се делат толку многу дивиденди. „Долгорочната деловна ориентираност ги поттикнува и иновациите. Ние секогаш мислиме на тоа, во никој случај да не ги пропуштиме производите од наредната генерација, а брзината на пазарните промени е голема, па ние мораме постојано да се прилагодуваме“, објаснува Арнт Г. Кирхоф.

Девет од десет големи германски семејни претпријатија прават бизниси во странство. Најдобрите клиени и натаму им се од Европа - првенствено од Франција, а потоа следуваат Кина, САД и Русија. Кирхоф со се’ поголема загриженост ја следи состојбата во кризните јужноевропски земји од еврозоната, оти, како што вели, ако банките во Шпанија веќе не би му давале кредити на стопанството, тогаш неговите муштерии таму веќе не би можеле да плаќаат, па и за лиферантите ќе стане „тесно“.

Eurokrise - Sondergipfel der EU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Грција - специјален случај

Тоа веќе се случува во Грција, каде дури е во прашање и опстанокот на земјата во еврозоната. Тоа веќе има консеквенции, вели Јирген Фичен, идниот шеф на Дојче банк. Прашањето си го поставуваат и германските семејни претпријатија и не само што размислуваат околу тоа, туку преземаат и чекори. „Сосем просто кажано, тие се обидуваат од таму да ги извлечат сите расположливи пари, оти со тоа го минимизираат ризикот во случај на повторно воведување на драхмата, вели Фичен.

„Возбудливо е прашањето каков би бил курсот на драхмата и како претпријатијата би ги добиле назад нивните евра, што уште ги имаат во Грција“, нагласува тој. Се’ почесто би се менувале и условите во договорите, оти претпријатијата во секој случај ќе сакаат да се обезбедат дека ќе им бидат реализирани нивните побарувања во евра, смета Фичен. Оттука, според него, германските семејни претпријатија не би излегле од кризата сосем без штети. Но, две третини од тие фирми, и покрај проблемите на европските пазари на кои пласираат свои производи, очекуваат дека и во тековнава година ќе можат да ја одржат својата извозна квота. Околу една третина, според анкетата, дури очекува и пораст на извозната квота во 2012 година.