1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семејствата на жртвите бараат објаснување

Хајнер Кизел / Симе Недевски20 јануари 2015

Членовите на семејствата на жртвите на неонацистичките убиства во Германија во книга ги опишаа своите искуства. Тие ги критикуваат властите и се огорчени поради неисполнувањето на ветувањата на германската канцеларка.

https://p.dw.com/p/1DhqV
Фотографија: DW/H. Kiesel

Веќе поминаа три години од откривањето на терористичката група „Националсоцијалистичко подземје“ (НСУ). Три години во кои семејствата на жртвите не мораа само да се соочуваат со бес и со тага, туку и со начинот на кој германските институции ги обработуваат сторените злосторства. „Сакам на моите деца, ако ги имам некогаш, да им објаснам како и зошто мораше да умре нивниот дедо. Но, како што сега изгледаат работите, веројатно никогаш нема да дознаам“, вели Абдулкерим Шимшек, чиј татко Енвер е убиен во септември 2000. година во Нирнберг.

„Ние на плеќите носиме голем товар кој еден ден сакаме да го симнеме“, објасни Шимшек неодамна при претставувањето на книгата, во која членовите на семејствата на жртвите убиени од страна на неонацистите го опишаа сето она што го преживеаја и се’ уште го преживуваат. Многумина пишуваа за тоа, вели Шмишек, оти нивната доверба во државните институции е разнишана.

Огорчени се и на сомнителното однесување на тајните служби во поглед на злосторствата кои се случија и начинот на кој се известуваше за нив. Тие сакаат да се разјасни заднината на овие злосторства, бидејќи во спротивно нема да можат да се вратат во нормалниот живот. „Сакам да престанам да се чувствувам како жртва“, бара Гамзе Кубашик, чиј татко е убиен во својот киоск во Дортмунд.

Jahrestag des Aufliegens der rechtsextremen Terrorgruppe NSU 04.11.2014
Барбара ЈонФотографија: DW/H. Kiesel

Недостасува објаснување

Книгата „Нашите рани времето не може да ги залечи“ ја издаде Барбара Јон, народен правобранител за жртвите и членовите на нивните семејства. Јон се жали дека никој од тајните служби досега не почувствувал никакви последици поради неверојатните пропусти во текот на истрагата. „Против никој од над 1.000 службеници кои на некој начин имаа врска со овие убиства не е започната казнена постапка.“ Притоа, на сите нивоа на власта се направени пропусти и потфрлувања во работењето. „Ако еден пензионер не беше доволно внимателен, тогаш убијците од НСУ ќе беа се’ уште во својата куќа во Цвикау.“ А тоа на Германија не може да и’ служи на чест, смета Барбара Јон.

Книгата почнува со предговорот на германската канцеларка Ангела Меркел, во кој оваа политичарка бара разјаснување и превенција. Меркел тоа уште порано им го вети на семејствата на жртвите. Јон не гледа дека нешто е сторено по тоа прашање: „Начинот на кој се однесуваат властите ја води Ангела Меркел да ги крши ветувањата.“ И Абдулкерим Шимшек потсетува на ветувањата на канцеларката.

Тројцата осомничени терористи на НСУ - Уве Бенхарт, Уве Мундлос и Беате Чепе, се товарат за убиство на девет лица со турско и грчко потекло и на една полицајка. Тие злосторства се внимателно планирани и се извршувани со години, речиси без попречување од страна на полицијата и Службите за заштита на уставниот поредок и нивните платени доушници на неонацистичката сцена. По еден грабеж на банка Бенхарт и Мундлос се пронајдени мртви, а Чепе подметнува пожар во заедничкото засолниште. Таа е единствената преживеана и сега се наоѓа пред суд.

Jahrestag des Aufliegens der rechtsextremen Terrorgruppe NSU 04.11.2014
Абдулкерим Шимшек и Гамзе КубашикФотографија: DW/H. Kiesel

Книгата како чин на ослободување

За време на презентацијата на книгата во Берлин авторите почувствуваа олеснување со тоа што своите искуства можеа да ги поделат со пошироката јавност. Книгата содржи 13 впечатливи исповеди за тоа како се доживеани нападите и како членовите на семејствата подоцна се соочувале со преживеаниот шок и загуба. „Така многу луѓе сега ќе можат да се стават во наша положба и да сочувствуваат со нас“, се надева Абдулкерим Шимшек. Многу жртви опишуваат многу директно како биле понижувани од истражителите, бидејќи тие биле уверени дека жртвите биле вмешани во криминални дејства, па со тоа и самите носеле вина за своите убиства. И тоа е токму она што на членовите на семејствата на жртвите им ја разниша довербата во институциите. Притоа кај многу автори силно се чувствува нивната врска со Германија како своја татковина. „Се надевам оти оваа книга ќе влезе во училишна лектира. Бидејќи, тоа може да му се случи секому“, вели Гамзе Кубашик.

Тие го искажаа своето незадоволство и поради судењето на злосторничката Чепе во судот во Минхен. „Сакавме комплетно објаснување, но за жал не го добиваме“, рече Кубашик. Со гнев гледа како Беате Чепе се презентира во судницата. „Ако некому би објаснувал што значи кога е некој 'нечовечен' тогаш таа би била пример“, разочарано забележува Шимшек. „Страшно е воопшто да се гледа какво шоу таа таму изведува. Таа е едноставно неподнослива.“ А како се движи тркалото на правдата е нешто што го иритира и Мустафа Тургут, чиј брат е убиен во 2004. година во Росток. Тој доби право на престој во Германија за време на траењето на судскиот процес. „Зошто судењето трае толку долго“, се прашува тој. Но тоа сепак не му ја затемнува сликата за Германија. Кога ќе помине сето ова Мустафа сепак би сакал да остане во Германија и, како што вели, „да ги оствари сништата на својот брат“.