1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сендвичи во чанта, во ресторан само кафе

29 јули 2009

Оваа година туристите од богатите земји ја заобиколија Австрија. Хотелиерите и сопствениците на ресторани се жалат дека бројните гости од источна Европа не трошат толку многу како туристите од Германија или САД.

https://p.dw.com/p/IypD
Фотографија: AP

Седум цигари, три кафиња и дваесет нервозни кругови околу кочијата во која се впрегнати два бели коња – така последните три часа, чекајќи туристи пред виенската опера, ги помина кочијашот Фертл, наречен Цигојнер (Циган). Првите сериозни муштерии за денес се туристите од Швајцарија, по потекло Етиопјани, а кочијашот Фертл очигледно е стар виенски шармер.

„Францускиот дел на Швајцарија е најубав, убав е токму како Етиопјанките кои имаат така прекрасни црти на лицето, штом ве видов, знаев дека сте од Етиопија“, вели Фертл, шеретски ја наместува шапката и долго објаснува кои се‘ знаменитости може да се видат за време на возењето со кочија во Виена. Туристите се смешкаат, внимателно го следат Фертеловото излагање, а потоа велат: „Фала за сега, уште малку да размислиме.“

„Како што сакате“, вели Фертл, благо поклонувајќи се, со десната рака кратко го допира излижаниот цилиндар, а потоа се врти на другата страна, превртува со очите и – ја пали следната цигара. „Ете, така оди тоа овие денови, разгледуваат, прашуваат и потоа – размислуваат!“

Има туристи, но не од богатите земји

И австрискиот туризам е во криза. Според наводите на институтот „Статистик Австрија“, земјата оваа година ќе ја посетат 10 до 20 отсто помалку туристи отколку минатата година. Секако, причина за тоа е светската финансиска криза, а Виена и Австрија најмногу ќе тагуваат по туристите од Германија, Велика Британија, Јапонија и САД, кои имаат силна платежна моќ. Иако Австрија во исто време бележи значајно поголем број туристи од, како што се наведува, „новите членки на ЕУ“ – Чешка, Полска, Словачка и Унгарија, нивното гостување, сепак, нема да ги надомести загубите кои настанаа со отсуството на туристи од „богатите“ земји.

Hausberg von Bregenz Pfänder
Туристи има, но не трошат многуФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Тоа го тврди и Манфред Хајден, сопственик на планинарскиот мотел Алмфриден, во излетничкото место Хое Ванд, 60 километри јужно од Виена. „Вистина е дека доаѓаат туристи од источните земји, но тие не трошат толку многу. Поголемиот дел кампуваат, кога одат на излет, со себе носат сендвичи и единствено што си дозволуваат во гостилница е по некој пијалок или кафе по ручек.“

Меѓутоа, мала е и заработката од Австралијанците, кои наместо на пример во Египет, доаѓаат на одмор на Алпите. И тие штедат. Најчесто сами си готват, а во гостилница порачуваат само „евтини јадења“. Има ли Манфред стратегија за работа во кризни времиња? „Имам“, вели тој, „оваа година нудиме поедноставни, традиционални јадења, нивната подготовка не‘ чини значително помалку, па тогаш и цените се пониски. Тоа во моментов е единствен начин да се привлечат гости.“

Автор: Емир Нумановиќ / Ана Алибегова

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска