1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога се вели правдина, не се мисли на владеење на правото

Миша Поповиќ
29 март 2017

Тоа што им е заедничко е дека и „Платформата на албанските партии“ и движењето за „Заедничка Македонија“ имаат за цел да устоличат политичка партија како главен застапник на националните интереси. Пишува Миша Поповиќ

https://p.dw.com/p/2aF8t
Misa Popovic
Фотографија: Societas Civilis

Сениште шета по Македонија, сеништето на национализмот. Изминатиот период сведоци сме на засилена националистичка реторика која уште еднаш покажува дека што и да се случи – национализмот сѐ уште е главниот политички мотиватор во Македонија. Зборувам за две „активности“ – првата е прогласот на Платформата на албанските партии, а втората се протестите за „Заедничка Македонија“.

Овие две активности се различни по реторика и секако по ефектите кои би произлегле од барањата. Протестите на движењето за „Заедничка Македонија“ имаат потпалувачка реторика и не се насочени кон помирување – промовирајќи ја македонската етничка заедница како титуларна која ете треба да отстапува права небаре групни права на останатите етнички заедници не им следуваат по автоматизам. Или уште повеќе, како да овозможување на права на „другиот“ значи помалку права за себе.

Тоа што им е заедничко е дека и платформата и движењето имаат за цел да востоличат политичка партија како главен застапник на националните интереси. Претходно пишував дека ДУИ потфрли во суштинска имплементација на Охридскиот рамковен договор, а со платформата се обиде да ја сведе целосната одговорност на минатите и идни македонски партнери.

„Добри националисти“, добро распалуваат национализам

Движењето за „Заедничка Македонија“ пригодно се појави за да ја проблематизира платформата на албанските партии како противдржавен елемент и со тоа да ја наметне како „да се биде или не“ прашање за опстанокот на државата. Нивните активности, намерно или не, се во директна корист на ВМРО-ДПМНЕ која го наметна дискурсот на страв, несигурност и сомнеж уште во изборната кампања обвинувајќи го СДСМ дека работи на федерализација на државата со ветувањето за двојазичност.

Во едно интервју, зборувајќи за 1980-тите години во Југославија, Горан Бреговиќ ги опишува националистите како лоши, за да веднаш се поправи дека всушност тоа биле многу добри националисти – во смисла дека добро си ја завршиле работата и го распламтиле национализмот.

На националистите им е полесно

„Добрите“ националисти имаат исклучително лесна работа. Живеењето во мултикултурна средина бара толеранција и учење за другиот, како и постојано испитување на стереотипите или дискриминацијата вградени во цела лепеза на општествени активности – од постапување на државни институции, до културата како средства преку кои ја интерпретираме реалноста. Оттука, живеењето близу „другиот“ бара повеќе внимание и напор за да се биде подобар човек. Меѓутоа, ова не е статична состојба туку постојан процес на менување и прилагодување. Така, повеќето добри антинационалисти не се анационални битија, туку луѓе кои научиле да се справат со стереотипите.

Од друга страна, „добрите“ националисти јавно го кажуваат она што луѓето го мислат, но се срамат да го кажат бидејќи се зафатени во процесот на учење како да се живее со соседите. „Добриот“ националист во таа смисла „те ослободува“ и чиниш можеш да кажеш или направиш што сакаш. Меѓутоа, тоа што се ослободува е несоседското, па станувате лошиот сосед во маалото.

Токму ова го предизвикува протестот за „Заедничка Македонија“. Во своите изјави номинално се за заедничко живеење на сите етнички заедници, меѓутоа со многу предуслови во кои доминира наративот на жртва.

Надградба на митот за вечните жртви

Оваа приказна се надоврзува на историското учење дека Македонија и Македонците секогаш биле мета за поткусурување помеѓу соседите и големите сили. Војните не се гледаат како резултат на распадот на Османлиската империја во која новоформираните држави „грицкаат“ од нејзината територија, туку како на заговор против Македонците. Оттука, протестите играат токму на таа катарза на отфрлање на сите барања, одредници и стандарди кои денес ни ги бараат „од надвор“, како на пример унапредување на човековите права.

Меѓутоа, се заборава дека македонскиот народ, исто како сите други народи на Балканот и во светот, е создаден низ процеси во кои интелигенцијата и делови од новоформираната буржоазија на почетокот, а подоцна комунистите, креираат приказна за заедништво. Македонскиот народ, ќе повторам, како и сите други народи на светот вклучувајќи ги Албанците, Грците, Бугарите и Србите, се нови категории и националните врски со државите од минатото се митови за некаква славна историја за да заборавиме во каква денешница живееме.

Но таквото историско учење го храни таквото реактивно дефинирање на заедницата. Во периодот на осамостојувањето, македонските националисти го гледаа воспоставувањето на државата како остварување на вековна неправда, како нешто одземено кое треба да се врати. За жал, тие националисти не размислуваа што е новиот проект кој треба да се оствари со осамостојувањето, односно да дадат одговор на прашањето зошто да постои поинаква држава од таа што како република постоеше во рамки на Југославија, што е новата заедничка цел.

Токму заради ова, „добрите“ националисти немаат потреба да трошат време правдајќи се од обвинувањата за масовна корупција. Бидејќи кога мислиме „Македонците се борат за своите правдини“ ние не мислиме на владеење на правото. Тој стих нѐ потсетува на некои минати борби, но не нѐ мотивира да застанеме на патот на злоупотребата на власта денес. Стратезите од ВМРО-ДПМНЕ ова многу добро го знаат и умешно го искористуваат.

Миша Поповиќ е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.