1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Септември и октомври се критични моменти за решение на спорот околу името

Нада Штајнман19 јуни 2008

Интервју со проф. д-р Љубомир Фрчкоски за проблемот со името меѓу Македонија и Грција

https://p.dw.com/p/EMBk
Проф. д-р Љубомир ФрчкоскиФотографија: Petr Stojanovski

Г-не Фрчкоски, последниве денови може да се слушне и прочита дека на Брисел му е смачено од Македонија, затоа што кога ќе се спомене името Македонија, веќе се размислува за проблемите со името со Грција. Кругот во кој Македонија може да дејствува станува се‘ помал затоа што оценките гласеа – Македонија е незрела. Какво е вашето мислење?

Фрчкоски: „Тоа е директен резултат на владеењето на оваа политичка гарнитура. Таа ги урна позициите на Македонија и проблемот, парадоксот, трагедијата на Македонците е што токму таа позиција која ја урна нашата позиција, има ваква поддршка на внатрешен план. Тоа е контроверзноста која зборува дека - таа политичка елита ќе има можност тоа да го реализира следните четири години скоро непречено и што кризата ја доведува до граници на проблем на одржување на државата како целина. Доведени сме до тоа ниво по 17 години развој. Грците нормално сметаат дека нивна најдобра инвестиција во Македонија е фактички премиерот, кој со оваа политика им овозможи да ја засилат нивната апсурдна позиција и да добијат пријатели за таквата апсурдна позиција. Голем проблем ќе биде ако во таа група пријатели на Грција, во таа позиција, дојде и новиот американски претседател. Тоа за нас ќе биде тотална трагедија. Од друга страна, француското претседателство во ЕУ не зборува нешто посебно добро за нашите перспективи да добиеме датум за преговори, што значи дека загубените два месеца со предвремени избори, можеби најскапоцените два месеца, кои можевме да ги искористиме за интензивни преговори со американско посредување наклонето на нас, ги загубивме. Во таа смисла, толкаво е количеството на политичка незрелост и лоши потези, што мене, вака, како посматрач ме фаќа речиси паника од количеството на незнаење што беше концентрирано во овој период и загрозување на сопствените позиции. Тоа е како да си пукате во колено во тек на вашето планинарење на некој висок врв. “

Дали спорот воопшто може да се реши и кога?

Фрчкоски: „Оваа етапа е многу тешка за нас поради објективни и поради субјективни причини. Од објективни причини затоа што влеговме во еден конфликт на Грција со САД преку Европа, и тоа се прекрши на наш грб во Букурешт, во контекст кога дури и оваа власт го прифати компромисот Република Македонија (Скопје). Американците туркаа тврдо на таа линија, но Грците од внатрешни причини, од причини на консолидација на својот политички корпус, веројатно и од историски причини да им кажат големо НЕ на Американците за некое прашање - после Кипар тие имаат таков некаков синдром да кажат НЕ на Американците - го искористија тоа да го направат во овој контекст и ситуацијата после Букурешт е битно променета, за нас негативно. На Американците до изборите во ноември им паѓа влијанието, а со овој отпор на Грција грчката позиција се засилува, додека француската се дефинира зад Грција и ние навистина имаме малку изгледи за во овој период да преговараме нормално, со дипломатија. Остануваат шанси за една шатл-дипломатија, брзо да се случи нешто до септември -откомври. Септември и октомври се критичните моменти за вистинско решавање на проблемот со името. Има две точки кои мора да се расчистат и на кои тоа конечно ќе се скрши или ќе се разреши. Едната е што кај прашањето на името на Македонија мора да ја дефинираме слободата на употреба на терминот македонски, кој го дефинира нашиот идентитет. Значи, слободно мора да може да го користиме. Каде тоа ќе го фиксираме не знам и тоа е предмет на преговарање – дали во документот со Грција или во резолуцијата во Советот за безбедност, која тоа ќе го реши и ќе ја замени резолуцијата 817. Тоа е првото прашање и тоа е 75% од проблемот. 25%, ако можам така да кажам, е кое име од можните пет ќе биде во комбинација, откако ќе се дефинира ова со идентитетот. Тие имиња се – Демократска, Независна, Горна, Северна и Република Македонија (Скопје). За тоа треба да се преговара посебно. И, третата точка, која е дополнителна, е со која широчина ќе се користи новото име во меѓународната заедница. Грците сакаат секаде, нашата позиција е – не во уставот и тие што не‘ признале, туку да се направи само замена на ФИРОМ. Тука треба исто така да се преговара. Значи, нам ни‘ се потребни два месеци интензивни преговори, со јако посредништво, бидејќи ние никогаш сами со Грција ниту ќе преговараме, ниту можеме да преговараме. Тие имаат арогантен став – со нас не преговараат, секогаш се преговара или со Американците за нас или со ЕУ за нас. Секогаш е тоа триаголник. Третата страна во триаголникот за нас е клучна и клучна е нејзината моќ да врши притисок. Затоа губење на играта со таа позиција е за нас смртоносна по ова прашање и затоа одговорноста на ова владино мнозинство, кое не ја разбира таа закономерност, е огромна. Нивниот популизам е крајно неодговорен и сите ќе платиме цена за тоа, ако пропадне.

Тоа е сега оптимистичкото сценарио, ако тоа може да се направи до септември-окотмври. Се‘ ќе биде познато до ноември. Ако тоа не успее, ние влегуваме во сосема нова фаза на нашата историја – релативно среднорочна изолација, како во 1992 и 1994 година, ќе мора да направиме сосема нов план – економски, политички и секаков за тоа како ќе преживееме во тој контекст. Ние ќе имаме земји кои се членки на НАТО, кои ќе влегуваат во ЕУ и ќе имаме еден остров, една дупка која ќе се нарекува Македонија, и која ќе живее со едно сосема друго сенарио, кое треба да биде балканска Швајцарија. Во таа неутралност ќе се обидуваме да најдеме можности за преживување, но тоа е стравично сценарио, кое не сме заслужиле да го платиме ние. “

Вие сте правник, и од правна гледна точка, во меѓународното право – дали имало вакви слични случаи и како се решавале? Дали има можности, дали има механизми со кои може да се реши прашањето, спорот околу името?

Фрчкоски: „Па, сите механизми се тука. Сега е основно политичкото преговарање. Други механизми нема да ни‘ се отворат. Има некои идеи во Македонија ние постојано нешто да тужиме, нешто да потегаме, некаква правна процедура во ОН, но тоа се‘ нема да има никакви шанси, ако не се реши политички, иако правдата и правото се на наша страна. Ако политичката процедура пропадне, тогаш, велам, влегуваме во нова етапа на преживување. Нормално, ние сме жители овде и нема каде да избегаме, каде да одиме, и покрај тоа што сме и‘ исклучително лути на неспособноста на политичката елита. Ќе мора да се снаоѓаме и ќе влеземе во нова етапа, која мислам ќе биде етапа на резигнација и на статус кво. Како тоа ќе се одрази не можам докрај да проценам. Ќе биде девастирачки пред се‘ на економски план, но не можам да проценам до која граница. Второто прашање е како Албанците во Македонија ќе се однесуваат кога се турнати во изолација, а нивните браќа во Албанија и на Косово одат напред. Тоа за нас е ризична позиција. Ниеден политичар во Македонија не смее да ја турне земјата во таква позиција, знаејќи ги тие соодноси. Не е извесно како ќе се однесуваат. Не мора да се случи ништо драматично, бидејќи границите се обезбедени, меѓутоа тоа може да биде како скапан орев – лушпата постои, но внатре има дупка која перманентно скапува. Не сакам да ја видам Македонија во таа позиција, но ние сме граѓани. Наша одговорност е да упатиме анализи во јавниот дискурс за тоа, а политичарите се тие што носат одговорност за одлуките. “

Вие неодамна бевте во Атина и таму одржавте предавање на македонски јазик. Како бевте примени во Грција?

Фрчкоски: „Тоа, морам да кажам, беше прилична чест и поголем проблем имаа домаќините отколку јас. Јас сум навикнат да зборувам пред толпи кои не се наклонети кон мојот став и бев подготвен на најлошите варијанти, меѓутоа, тоа во секој случај зборува за респект и чест, бидејќи за 17 години се случува првпат нормална академска средина да покани македонски професор да одржи нормално предавање, а тоа да не бидат некои меѓународни собири, трибини и.т.н, каде што ние таму речиси се шверцуваме. Моето предавање беше „Карактерот и фазите во грчко-македонските односи 1991-2008 и нивната перспектива“. Салата беше полна. Професорите од катедрата за историја и политички науки која ми беше домаќин, шефот на таа катедра, како и од катедрата за филозофија, независно од нивната ладнокрвност и голема љубезност кон мене беа малку под стрес како тоа ќе се одрази, бидејќи таму имаше и студенти од нивната десница, кои често знаат да ги растурат тие собири со скоро фашистички истапи. Од нив, во полниот амфитетар во „Пантеон“ универзитетот во Атина имаше десетина, но предавањето беше одлично, така што тоа беа возбудливи три часа и некои професори кои воопшто не ги знаеме, без никаков проблем ја разбираат и поддржуваат македонската позиција и штета е што немаме редовни контакти со нив, бидејќи ние имаме контакт само со нивните политичари, дипломати и новинари кои главно се во филм на речиси шизофренија против нас и тука нема што да се зборува. “