Сертификатите како скривница на Груевски од „Пуч“

Немањето безбедносни сертификати, молкот на ОЈО за снимките од кабинетот на Груевски објавени на Јутјуб и држењето на сведокот подалеку од судот во изборната кампања, создаваат сомнеж за бројни игри околу предметот „Пуч“

Се прават сите напори рочиштето за „Пуч“ да не се одржи до изборите на 11-ти декември, односно по секоја цена да се избегне можноста сведокот Никола Груевски да се појави во судот за време на изборната кампања, тврдат за ДВ судски извори упатени во случајот. Последното рочиште за „Пуч“ беше закажано за 1 ноември, но поради тоа што две судијки - поротници немале безбедносни сертификати, (оние што имале веќе не се во советот) па судијката Љубинка Башеска го одложи рочиштето „на неопределено време“, што од правни експерти беше оценето како преседан.

„Немањето безбедносни сертификати е 'алиби' со кое рочиштата може да се одлагаат до бескрај. Денеска ќе нема сертификат некој судија поротник, утре некој од записничарите, и така во недоглед“, велат судски извори, потенцирајќи дека тоа прашање еднаш мора се затвори, за да се создадат услови за продолжување на процесот. Тие посочуваат дека и самата хронологија на процесот, покажува дека Кривичниот суд закажувал рочишта секој месец со стандарден состав на судиите - поротници и записничари. Но, состојбата се сменила откако лани во декември предметот го презема Специјалното јавно обвинителство, кога „тимовите“ во советот почнуваат да се менуваат за потребите на играта со сертификатите, односно за одложување на рочиштата.

Ни Јанева не знае

„Дали имаат безбедносни сертификати судиите Љубинка Башеска и Ивица Стефановски, записничарите, дактилографката“, беше прашањето што Дојче веле го постави до Основниот суд Скопје 1, по последното одложување на процесот.

„Надлежна за издавање и евиденција на имателите на посочените сертификати е Дирекцијата за безбедност и класифицирани податоци. Судот, согласно со одредбите од Законот, не води ваква евиденција и секој корисник на класифицирани информации со одреден степен на доверливост е должен да ги преземе законски предвидените мерки за пристап до таквите информации“, гласи одговорот што го добивме од Основниот суд Скопје 1.

Македонија | 03.02.2015

Но, медиумите не се единствените за кои овој податок останува тајна. Уште на рочиштето од 2 март годинава обвинителката Катица Јанева најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд бидејќи Судот не им ги доставува копиите од списите и електронските докази што ги бара СЈО, со образложение дека станувало збор за класифицирани информации. Јанева тогаш наведе дека е потребно безбедносни сертификати да им бидат издадени на судиите од советот, на адвокатите и на сите инволвирани во процесот. Таа не доби одговор дали и претседателката на Советот, судијката Љубинка Башеска има безбедносен сертификат. Девет месеци подоцна тој податок и натаму е недостапен. И на рочиштето во ноември, Јанева побара сите да ги покажат безбедносните сертификати пред јавноста, но наместо одговор, од судијката Башеска доби опомена дека го нарушува редот во судницата.

Обвинителот сам да го повика сведокот

Според извори од Судот, зад оваа игра се крие главната цел - да се пролонгира повикувањето на сведокот, Никола Груевски, иако членот 348, став 1 од Законот за кривична постапка предвидува „на главната расправа да се повикаат и сведоците, вештаците и техничките советници кои се предложени од тужителот во обвинителниот акт.“ Според тоа, сведокот и досега требаше да биде повикан на главната расправа, но тоа не се случи. Од СЈО повеќепати реагираа на отсуството на Груевски, а од судот изјавуваа дека „не е повикан затоа што на првото рочиште обвинителството и одбраната треба да дадат воведни зборови, сведоците и доказите се потоа“.

Такво „толкување“ на законските одредби доби и ДВ на прашањето зошто не се почитува членот 348, став 1 од ЗКП.  Од Кривичниот суд велат дека присутниот Јавен обвинител и обвинетите лица во судница на рочиштето за главната расправа на 01.11.2016 година, „барале од судот спротивно на законот да отстапува од законски утврдениот тек на расправата, што било предвидено и во новиот, и во стариот ЗКП“.

„Повикување на лица при изведување на доказите како дел од текот на главната расправа доаѓа во подоцнежна фаза, кога согласно со одредбите од член 384 од ЗКП, се повикува сведокот и истиот се испитува од странката која го предложила. Скоро никогаш почетокот на главната расправа и воведните зборови не е на исто рочиште со доказите“, се вели во одговорот од Кривичниот суд.

Во него се додава и дека „наведениот сведок за кој обвинителот инсистира да биде повикан е предложен токму од негова страна, немало пречки обвинителот самиот да го повика или доведе во судница, бидејќи се работи за сведок на обвинението“.

Основното обвинителство молчи

Но, ова не е единствената пречка надвисната над предметот „Пуч“, кој треба да даде одговори за случајот со незаконското следење на комуникациите, целите, извршителите и нарачателите. Од Основното јавно обвинителство ни по 13 дена нема одговор на прашањата што ДВ ги испрати до оваа институција на 4-ти ноември. Првото гласи: „До каде е истрагата во однос на видео снимките од разговорот меѓу лидерот на СДСМ Зоран Заев со поранешниот премиер Никола Груевски во неговиот кабинет, кои беа објавени на Јутјуб, а биле предмет на Посебни истражни мерки (ПИМ)?"

Изминуваат речиси две години, откако лани на31 јануари, МВР го објави случајот „Пуч“ и поднесе кривична пријава против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за незаконско прислушување и за насилство врз претставници на највисоките државни органи, а тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на прес-конференција вети дека ќе одговори на сите прашања во судската постапка.

 „Ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и меѓународната јавност и ве повикувам да го следите случајот и да ги гледате доказите, да ги препознаете шпекулациите. Од денес ќе слушате секакви шпекулации, но вистината за сè ќе излезе на виделина“, изјави тогаш Груевски. Истото Груевски го повтори и на 25 февруари лани, откако лидерот на СДСМ почна да ги објавува „бомбите“ во јавноста. Во меѓувреме снимките од ПИМ спроведени во неговиот кабинет беа објавени на Јутјуб, а тој неколку пати раскажуваше детали од разговорот со лидерот на СДСМ, објаснувајќи што од она што му го кажал Заев било „точно, делумно точно, а што неточно“. ОЈО не одговори ниту на нашето второ прашање - дали има покренато постапка против Никола Груевски, со оглед дека тој на јавни настапи (прес-конференции и партиски собири) прераскажуваше дел од разговорите кои биле предмет на ПИМ, а Кривичниот законик предвидува „податоци што се однесуваат или произлегуваат од примената на ПИМ да се чуваат како службена тајна“ (член 360)? Поради јавно откривање податоци прибавени со ПИМ, односно овозможување тие да се појават на Јутјуб, кривична пријава поднесе и СДСМ против Никола Груевски, НН лица вработени во ОЈО за организиран криминал и корупција, НН лица вработени во МВР и НН лица вработени во Основиот суд Скопје 1. ОЈО не одговори ни на нашето трето прашање: До каде е постапаката по оваа пријава?

По толку неодговорени прашања од надлежните институции, најавената транспарентна постапка, како и ветувањето на Груевски за негово присуство во постапката и одговори на сите прашања, не е на повидок ни по две години. Не е за утеха коментарот на правосудни експерти, дека „молкот во некои случаи кажува многу повеќе од зборот“.

Сите истраги на македонското СЈО

Катица Јанева

Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.

Сите истраги на македонското СЈО

Од шионажа до злосторничко здружување

Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.

Сите истраги на македонското СЈО

Обработка на прислушуваните материјали

Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.

Сите истраги на македонското СЈО

Насилство и фалсификат

Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.

Сите истраги на македонското СЈО

Меѓународна поддршка

СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.

Сите истраги на македонското СЈО

Титаник- број 1.

Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...

Сите истраги на македонското СЈО

ТНТ- Како се уриваше Космос

Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Сите истраги на македонското СЈО

Транспортер- Битола како Токио

Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.

Сите истраги на македонското СЈО

Тврдина- уништување на доказите

Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување

Сите истраги на македонското СЈО

Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски

На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Сите истраги на македонското СЈО

Трезор- Финзи и УБК

„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.

Сите истраги на македонското СЈО

„Топлик“ и „Тендери“

Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.

Сите истраги на македонското СЈО

„Таргет“- масовно прислушување

СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби

Сите истраги на македонското СЈО

„Тенк“ и „Тарифа“

СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.



Следете нѐ