1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара лек за болестите во здравството

28 февруари 2012

Смеат ли лекарите во Македонија да работат и во јавни здравствени установи и приватно и како вистински да се вреднува трудот на врвните стручњаци? Новиот предлог-закон ги налути лекарите.

https://p.dw.com/p/14B7y
Фотографија: Fotolia/Stephan Morrosch

Новиот закон за здравствена заштита кој помина во прва фаза ја вжешти атмосферата во парламантот. Пратениците од опозицијата бараа надлежниот министер да го повлече законот уверени дека е лошо решение кое ќе предизвика хаос во здравството. Не стивнуваат реакциите ниту во фелата.

Лекарите бараат доработка на законот

„Законот го брка пазарното работење во здравството, а без пазарно работење нема развој“, забележува стоматологот Слободан Димовски.

Д-р Андреја Арсовски од Ремедика вели:

„Треба да се направи добро дефинирање на таа мрежа, една квалитетна мрежа во која и приватните здравствени установи во Македонија ќе си го најдат своето место“.

Symbolbild Krankenhaus
Фотографија: Fotolia/TrudiDesign

Поголем број лекари од приватните и од јавните здравствени установи не се согласуваат со решенијата предвидени во законот со образложение дека тој е рестриктивен и дискриминирачки. Револтирани се бидејќи во законот се ускратува правото да работат и приватно ако се ангажирани во јавното здравство.

„Во Македонија доктор не може да заработува чесно“

Дојче веле го праша хирургот Милчо Пановски што ќе стори ако биде принуден да избира меѓу приватниот ангажман и работата во јавна установа.

„Јас би побарал работа во Германија ако има некој да ми понуди, оти очигледно во Македонија не можете чесно да заработите како доктор“, изјави за Дојче веле хирургот Милчо Пановски.

Стоматологот Марија Накова објаснува дека законот треба да се повлече и доработи.

„Невозможно е да се реализира нормата која треба да се постигне за да ја добиете основната плата. Технички е на многу ниско ниво, нема материјали за високо специјализирана услуга и практично е неизводливо да имате дополнителна дејност“, вели проф д-р Накова.

Тодоров: Не може претпладне во Кока кола, попладне во Пепси

Ресорниот министер вели дека причината за донесување на овој закон е да се регулира работата на здравствените установи. Намерата, објаснува министерот за здравство Никола Тодоров за Дојче веле, не е лекарите да се омаловажат, туку напротив, да се мотивираат, да имаат можност да заработат повеќе и да останат во јавното здравство. Целта на дополнителната дејност, според него, е јавното здравство да стане конкурентно.

Nikola Todorov Mazedonischer Bildungsminister
Министерот за здравство Никола ТодоровФотографија: MIA

„По завршувањето на нивната служба во јавното здравство можат да работат во приватно здравство, но се‘ додека работат во јавното здравство треба да работат само во јавното здравство. Замислетете како би било ако некој вработен во Кока Кола попладне би работел во Пепси. Тоа многу може да влијае врз конкурентноста и начинот на работа на едната или другата компанија, едната е јавно здравство а другата каде што сакаат да работат лекарите е приватно здравство и може да има конфликт на интереси, да се препраќаат пациенти. Ова е нормална економска логика“, вели Тодоров.

Една од најзначајните новини во Законот е одредбата со која се воспоставува мрежа на здравствени установи, што ја обезбедува и гарантира државата, а ќе ја сочинуваат јавни и приватни здравствени установи кои ќе ги исполнат критериумите и условите утврдени во законот и кои ќе вршат здравствена дејност врз основа на доделена концесија. Здравствената дејност надвор од мрежата треба ја вршат приватни установи и да се финансира само од лични средства на граѓаните.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска