1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара натпартиски консензус за декриминализација на клеветата

12 јануари 2012

Мнозинството пратеници во македонското Собрание не даде поддршка за измени во Кривичниот закон, но процесот продолжува. Од ЗНМ се оптимисти дека ќе има позитивно решение. Дел од новинарите се скептични.

https://p.dw.com/p/13hzB
Фотографија: Fotolia/sahua d

Политиката да остане настрана, а партиите да постигнат консензус и да го поддржат барањето за декриминализација на клеветата и навредата, бараат новинарите во Македонија. Тоа што  вчера мнозинството во парламентот не ја поддржа иницијативата на опозицијата за измена на овој дел од Кривичниот закон, не ги обесхрабрува во Здружението на новинарите на Македонија. Веќе утре (13.01) на средба во Министерството за правда, заедно со работната група предводена од академик Владо Камбовски, се надеваат дека ќе биде постигнат пробив околу ова прашање. Претседателот на ЗНМ Насер Селмани ја поздрави дебатата во парламентот како поттик во дијалогот со Владата да се дојде до решение на ова прашање:

Naser Selmani
Насер Селмани: Се надевам дека до крајот на март ќе го затвориме ова прашањеФотографија: Petr Stojanovski

„Од расправата во Собранието не видов дека некоја пратеничка група се противи на декриминализацијата, која освен опозицијата отворено ја поддржува и ДУИ. Против не е ниту ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа имаат резерви околу начинот како беше дојдено до тој предлог. Се надевам дека согласно акцискиот план што го усвоивме со Владата, до крајот на март ќе го затвориме ова прашање. Знаеме дека слободата на медиумите е клучен предуслов за евроатлантска интеграција на Македонија. Прашањето на декриминализацијата на клеветата е наведено во извештајот на Европската комисија, а исто така е барање на високиот претставник на ОБСЕ за слободата на медиуми Дуња Мијатовиќ. Поради важноста на ова прашање, ние се надеваме дека Министерството за правда многу бргу ќе излезе со конкретен став и предлог за ова и се надеваме дека околу тој предлог политичките партии во Собранието ќе успеат да постигнат натпартиски консензус“, изјави за Дојче Веле Селмани.

Вистинска желба за промени или само „ловење поени“?

Поранешниот претседател на ЗНМ, новинарот Роберт Поповски, смета дека досега ниту една владејачка гарнитура во Македонија не покажала волја за решавање на прашањето за декриминализација на клеветата. Иако не е оптимист дека ќе има брзо решение, предупредува прашањето во суштина да не биде политичко, туку еден вид консензус на политичките партии:

„На тој начин ќе покажат добра волја дека не е целта или поента новинарите, нормално и другите граѓани, но пред се‘ новинарите, да бидат предмет на такви процеси кои што значат гушење на нивната слобода на изразување. Затоа што многу добро знаеме какви процеси се водат против новинарите, какви казни се изрекуваат и токму затоа декриминализацијата ќе покаже дека има желба и волја тоа да прекине. Бидејќи предлогот не помина во парламентот очигледно е дека ниту оваа владејачка гарнитура нема ниту малку желба тоа да се случи“. коментира Поповски.

Mazedonien TV Alfa
Новинарите бараат политиката да остане настранаФотографија: Petr Stojanovski

Со сличен став е и новинарот Ида Протуѓер која смета дека вчерашното не од мнозинството во парламентот покажува дека владата не била искрена во намерата да ги реши проблемите во новинарството. Владата, според нејзе, преговара со ЗНМ само за да добие поени и да го нашминка наредниот извештај од Брисел, но без добра волја за решение на проблемите во оваа сфера:  

„Декриминализацијата на клеветата сама по себе не ги решава проблемите бидејќи во парнична постапка судиите можат да пресудуваат огромни казни за новинарите. Судиите најпрвин треба да се едуцираат да ги следат препораките и процедурите од Стразбур и да се сфати што значи слободата на говор за да може да пресудуваат разумни обештетувања при евентуален процес за навреда или клевета. Јас сум против преговорите на ЗНМ со Владата, бидејќи гледам само еден вид помош од Здружението за Владата да си го нашминка извештајот за наредната година, а никако искрена желба да се помогне и да се подобри состојбата и слободата на говорот“, смета Протуѓер.

Здружението на новинарите на Македонија бара целосна декриминализација на клевета и преминување на кривичниот дел на клевета и навреда во граѓанското право, односно пред граѓанскиот суд. Освен за ова прашање, Владата и ЗНМ, во рамки на работната група формирана лани во септември, водат дијалог и за владините кампањи, позицијата на јавниот сервис и почитување на професионалните стандарди.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема