1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се гаси светлото за класичната светилка

Геро Ритер / Александар Методијев1 септември 2012

Од денеска (01.09.) во ЕУ не смеат повеќе да се произведуваат класични светилки. Дури ниту оние од 25 вати. Продавниците смеат да ги распродадат постоечките залихи. За осветлување се препорачуваат светлосни ЛЕД диоди.

https://p.dw.com/p/1621A
Фотографија: picture-alliance/dpa

Класичната светилка претвора само пет проценти од потрошената електрична енергија во светлост. Затоа уште во 2009-та година беа забранети оние од над 75 вати, потоа тие од 60 и 40 вати, за сега на ред да дојдат и светилките од 25 вати.

LED Lampe
Светилка со светлосни диодиФотографија: DW/Gero Rueter

Тогаш, како да се осветлат становите и канцелариите? Експертите во Германија тестираа халогени ламби, т.н. штедливи гасни светилки и светлосни диоди. Најдобри оценки добија светлосните диоди. Причината е што не се штетни за околината, траат долго, веднаш по вклучувањето даваат добро зветло и трошат малку струја – до 90 проценти помалку од обичната светилка. Тие навистина засега се скапи, но векот на траење им е за 25 пати подолг од оној на обичните светилки.

Внимателно со отровната жива

Цената на светлосните диоди годишно паѓа за околу 30 проценти. Денес таа чини околу 20 евра, но се проценува дека до 2020-та година ќе падне до три евра. Штедливите гасни светилки трошат малку повеќе енергија од диодите, но даваат полошо светло од светилките и диодите, а потребно им е и одредено време пред да почнат да светат со полна сила.

Проблематично е и тоа што тие во себе содржат отровна жива. Во случај да се скршат, експертите препорачуваат веднаш да се отворат прозорците, да се напушти просторијата, а остатоците да се соберат дури по полчасовно проветрување и да се фрлат во посебен отпад.

Т.н. штедливи светилки ги бие лош глас поради лошото светло и отровната жива
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со забраната за класични светилки ЕУ сака да ја смали потрошувачката на електричната енергија за еден процент. Тоа на нивото на Унијата одговара на количината којашто ја произведуваат десет термоелектрани. Забрана за класичните светилки веќе постои во некои земји. Во САД, Австралија, Бразил, Филипини, Кина и Индија таа веќе е на сила или, пак се планира.