1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ е исто само визи нема

18 декември 2009

Колку навистина се менува ситуацијата за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора со стапувањето во сила на безвизниот режим? Потребната документација останува иста, признаваат надлежните во Германија.

https://p.dw.com/p/L6YP
Визи нема, но останатите услови остануваат исти!Фотографија: dpa

По 19-ти декември германската граница ќе можат да ја поминуваат сите граѓани на Македонија, Србија и Црна Гора, кои поседуваат биометриски пасош. Но, за сите нив и натаму ќе важи членот 7 на европската регулатива според кој, граничарите имаат обврска да ја контролираат исправноста на пасошот и финансиската состојба, односно платежната способност на патниците.

Јерг Кунцендорф од германската Сојузна полициска управа објаснува: „Патникот мора да докаже дека за време на престојот во Германија ќе може самиот да се издржува. Никој од него нема да бара да покажува извод од банкарската сметка, но на барање на полицијата или на граничарите ќе мора да ги покаже кредитните картички или готовината која ја носи со себе, како доказ дека може да си го финансира престојот“.

„Се’ е исто, само визи нема.“

Според упатствата на германските амбасади во трите земји, за докажување на финансиската состојба во готовина ќе треба да се покажат по 45 евра за секој ден престој. Ако станува збор за приватно патување, за влез во Германија и понатаму ќе биде потребно гарантно писмо од роднини или пријатели кои се посетуваат. При бизнис патување, мора да се покаже потврда од фирма со седиште во Германија или покана за конгрес, семинар или состанок. Без разлика на видот на патувањето, секој патник ќе мора да поседува и патничко здравствено осигурување со важност за сите Шенген-држави, како и досега.

Во германската полициска управа, го потврдуваат тоа: „Единствената предност за граѓаните е тоа што повеќе не им е потребна виза, доколку имаат биометриски пасош. Се’ друго останува исто. Со укинувањето на визите, не се автоматски укинати и овластувањата на полицијата. Значи, ако некој каже дека патува во Берлин, полицијата и граничарите имаат право да го прашаат зошто патува во Берлин, што ќе прави таму, колку денови ќе остане и слично“, вели Кунцендорф.

EU Einreise Visum
Единствената предност за граѓаните е тоа што повеќе не им е потребна виза, доколку имаат биометриски пасош.Фотографија: picture alliance/dpa

Откако ќе се исполнат тие услови, граѓаните на трите балкански земји ќе можат да престојуваат во Шенген-земјите максимум 90 дена во период од 6 месеци. Во текот на престојот не е дозволено да се работи, а студентите не смеат да запишат факултет, бидејќи во обата случаи е потребна посебна виза за престој.

Автор: Селма Филиповиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска