1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ е подготвено за фудбалскиот спектакл

5 декември 2009

Во Кејптаун во петокот беа одредени осумте групи за Светското првенство во фудбал во Јужна Африка 2010. Ова ќе биде прв фудбалски мундијал одржан на африканскиот континент. За „група на смртта“ е прогласена групата Г

https://p.dw.com/p/Kqq9
Актерката Шарлиз Терон беше главна звезда на извлекувањето на групитеФотографија: picture alliance / dpa

Репрезентацијата на Германија доби релативно тешка и изедначена група. Во групата Д, противници на освојувачот на бронзениот медал на последниот Мундијал, се уште и селекциите на Австралија, Србија и Гана.

Селекторот на германската репрезентација Јоаким Лев по ждрепката изјави дека е задоволен од изгледот на групата.

„Задоволни сме и мислам дека имаме интересна група“.

Првиот натпревар на Германија на првенството е дуелот против Австралија на 13 јуни. Се работи за незгоден противник, кој фудбалерите на селекторот Лев сепак го совладаа со 4:3 во Купот на конфедерациите.

„Игравме против Австралија на Купот на конфедерациите. Тогаш тоа беше тежок натпревар. За нас тоа ќе биде важен натпревар и ќе биде важно да победиме“, оцени Лев.

Следен противник ќе биде Србија на 18 јуни, чиј селектор Радомир Антиќ оцени дека Германија е фаворит во групата, но вети пласман на неговата селекција во осминафиналето.

„За Србија имам голем респект. Во квалификациите успеаја да ја остават зад себе Франција и имаат многу добра екипа“, возврати германскиот селектор.

Последниот натпревар против Гана, репрезентација која Лев ја смета за една од најдобрите во Африка, е на програмата на 23 јуни.

WM 2010 Auslosung Gruppenphase Mazedonisch E - H
Распоред на групите Е до Х
WM 2010 Auslosung Gruppenphase Mazedonisch A - D
Распоред на групите А до Д

Неспорно, најинтересно во првиот круг ќе биде во групата Г каде петкратниот светски првак Бразил ќе се соочи со Брегот на слонова коска, Португалија и Северна Кореја. Групата Б ја сочинуваат Аргентина, Нигерија, Јужна Кореја и Грција. Во Ц групата покрај Англија се и САД, Алжир и Словенија, додека Холандија, Данска, Јапонија и Камерун ќе играат во групата Е. На отворањето на 11 јуни во Јоханесбург ќе играат домаќинот Јужна Африка против Мексико, во рамките на А групата, во која уште се и Уругвај и Франција.

автор: БГ/ГЧ/дв