1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заканува ли граѓанска војна меѓу Палестинците?

14 јуни 2006

Главните политички ривали во палестинскиот политички табор, движењето Фатах на претседателот Махмуд Абас и владеачкиот Хамас на премиерот Исмаил Ханија се договорија да ги надминат конфликтите со средба на највисоко ниво.

https://p.dw.com/p/Ae0x
Палестинскиот Претседател, Махмуд Абас
Палестинскиот Претседател, Махмуд АбасФотографија: AP

Абас и Ханија денеска треба да се сретнат на разговор во четири очи, по што ќе се одржи серија средби меѓу високи претставници на двете движења.

Најновата ескалација на насилство меѓу приврзаниците на двете ривалски движења беше предизвикана од најавата на Претседателот Абас дека ќе свика референдум, на кој Палестинците ќе се изјаснат за создавање независна држава покрај Израел, со што индиректно би и‘ се признало правото на постоење на еврејската држава. Хамас на тоа му се спротиставува. И вчера дојде до масовни протести на илјадници приврзаници на Хамас, иако Абас најави оти нема да толерира јавни собири на вооружени милиции на улиците во автономните подрачја.

„Се движиме полека но сигурно кон граѓанска војна„ оцени вчера поранешниот шеф на силите за безбедност во Појасот Газа, Махмуд Далан. Долготрајните санкции од страна на Израел, како и укинувањето на помошта од САД и ЕУ по доаѓањето на власт на радикалната организација Хамас, доведоа до драстично зголемување на сиромаштијата кај палестинското население. Обидот на Абас по пат на референдум да го отвори патот за преговори со Израел и со тоа до меѓународната финансиска помош наиде на силен отпор кај владеачкиот Хамас, кој не сака да го признае правото на постоење на Израел.

Единственото во што претседателот Абас и премиерот Ханија се сложуваат е осудата на израелските целни напади врз палестински милитанти. Во вчерашниот напад на израелското воено воздухопловство врз едно комби на северот на Појасот Газа животот го загубија дури 11 лица, од кои двајца се осомничените припадници на радикалната палестинска организација Исламски џихад, а останатото се цивили, меѓу нив и тројца припадници на санитетот, како и две деца од училишна возраст. Претседателот Абас го осуди нападот како акт на „израелски државен терор„ а премиерот Ханија ја повика меѓународната заедница да го заштити палестинското население од „израелската агресија„.

Блискиот соработник на претседателот, Абу Рабо пак оцени:

„Ова е обид на Израел да придвижи спирала на насилство и мерки на одмазда од страна на вооружените палестински групи.„

Израелскиот министер за одбрана Амир Перец изрази жалење за смртта на цивилите, но нагласи дека Израел ќе продолжи да се бори со сите средства против сите кои се против него. И премиерот Ехуд Олмерт, кој е на турнеја по Европа, порача дека ќе се бори против секого кој планира терористички акти против Израел.