1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заканува нова криза со храна

15 април 2011

Додека ММФ неуморно предупредува од постоење сериозни ризици за глобалното стопанство, Светската банка укажува на опасноста од повторување на кризата со прехранбени производи од 2008 година.

https://p.dw.com/p/10u1y
Расте бројот гладни во светот
Расте бројот гладни во светотФотографија: DW/H. Jeppesen

По речиси три години од глобалната финансиска и економска криза, многумина веруваат дека таа е веќе надмината. Погрешен заклучок, предупредуваат двете организации на ОН, ММФ и Светската банка, пред нивното пролетно заседание. Нередите на Блискиот Исток и во Северна Африка, опасностите од „прегревање“ на земјите во забрзан економски развој, должничките кризи на индустриските држави, опасноста од инфлација и растечките цени на производите на исхрана, сето тоа покажува дека светот уште не е стабилизиран.

Цените на храната се на критична точка

Роберт Зелик
Роберт Зелик

Претседателот на Светската банка Роберт Зелик предупредува:

„Цените на прехранбените продукти се на критична точка, тие се на 36 проценти над нивото од лани, што значи блиску до рекордните вредности од 2006 година. Од јуни минатата година 44 милиони луѓе паднаа под границата на сиромаштија, што значи дека дневно располагаат со помалку од 1,25 долари. Ако цените на храната пораснат за 10 проценти, прогнозираме дека уште десет милиони луѓе ќе паднат под оваа граница“.

При индекс од 30 проценти пораст, пак, во сиромаштија ќе живеат уште дополнителни 34 милиони луѓе, вкупно 1, 2 милијарди. За оваа експлозија на цените на храната има повеќе причини: мизерни жетви поради екстремни временски услови, растечко производство на биоенергија, која му конкурира на производството на прехранбени производи, малите резерви, променетите навики во исхраната и конечно-шпекулациите. Жртви секогаш се најсиромашните земји во светот.

„Сиромашните во светот не можат да чекаат. Пред нашите врати поставивме бројач на бројот гладни, моментно тој покажува дека речиси една милијарда луѓе се неисхранети, а бројот се зголемува за 68 секоја минута. Немаме веќе време, можеме да загубиме цела генерација“, гласи драматичниот апел на Зелик.

Тој е среќен што Франција темата ја стави во фокусот на нејзиното претседателство со Групата Г20.

Кризата уште не е завршена!

Доминик Штрос Кан
Доминик Штрос КанФотографија: DW-TV

И шефот на ММФ, Доминик Штрос Кан предупреди од пребрзо „отпишување“ на светската економска и финансиска криза:

„Она што сакам да го потенцирам е дека не смееме да паднеме во самозадоволство, се‘ уште сме во криза“.

Според Кан, тоа не се однесува само на кризата со еврото, туку и на големите државни долгови, нееднаквиот конјуктурен развој. Светската економија се опоравува, но тоа е поврзано со премалку нови работни места.

„Потребни ни се работни места, работа. Економски опоравок кој се изразува само преку макроекономските бројки, но не стигнува до луѓето, е лоша работа. Примери се Египет и Тунис. Таму стапката на економски развој беше во ред, но луѓето немаа перспектива, немаа чувство дека нешто се менува“.

Автор: Ролф Венкел/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев