1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се замрзнуваат платите на администрацијата

22 април 2009

Растот на БДП во 2009 година ќе изнесува 1%, а не 5% како што се прогнозираше. Забaвениот раст е предвиден во ребалансот на буџетот со кој државата ги скусува трошоците за речиси 200 милиони евра.

https://p.dw.com/p/HbjL

Владата, во пакет со ребалансот, воведува нов сет на антикризни мерки. Премиерот Никола Груевски објави дека се замрзнуваат платите на администрацијата - 10 процентното зголемување најавено за годинава се одложува. Нема да има нови вработувања во администрацијата, а се одлагаат и значителен број на проекти.

Буџетскиот дефицит останува ист

Најголем дел од мерките се однесуваат на намалување на одредени царински и административни надоместоци. Како дел од пакетот нови антикризни мерки, владата обезбедила 100 милиони евра кредити од Европската инвестициона банка за финансирање на мали и средни бизниси. Буџетскиот дефицит останува на планираните 2,8 проценти од БДП. Ќе се финансира од повеќе извори меѓу кои засега го нема ММФ.

Дел од експертските толкувања се дека Владата се обидува да го заобиколи ММФ поради контролата во трошењето на парите што ја наметнува фондот. Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, за Дојче Веле објаснува: „Македонија апсолутно има потреба од ММФ, а ММФ нема никаква потреба од Македонија. Меѓутоа, оваа влада најмногу се плаши од ММФ и од нивната контрола на начинот на користење на буџетските средства и ниваната намена“, критикува Хајредини. Сепак, во првичната оценка на објавените мерки на владата, тој вели дека воведувањето на новиот пакет мерки е позитивно и дека е важно што власта признала дека кризата е длабока и се продлабочува и натаму.

Symbolbild IWF und Finanzkrise
Фотографија: DW

Во ноември минатата година, владата воведе мерки за пресретнување и ублажување на последиците од светскатга економска криза. Експертите предупредуваа дека тие не се доволна заштита и бараа дополнителни интервенции на владата. Меѓународниот монетарен фонд сугерираше државата да примени сложен план за одржување на макроекономската стабилност и затегнување на фискалната политика во време на глобална економска криза.


Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска