1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заострува политичката криза во Египет

Е.М. Фиданоска /дапд/ртр/дв11 јули 2012

Борбата за моќ меѓу египетскиот претседател Мохамед Мурси, армијата и судиите продолжува. Уставниот суд во Каиро со декрет ја поништи одлуката на претседателот за повторно свикување на распуштениот парламент.

https://p.dw.com/p/15V3w

Најновата одлука на Уставниот суд го продлабочува јазот меѓу новиот претседател и моќниот Воен совет. Воените сили го распуштија парламентот на средината од јуни. Мурси за време на изминатиот викенд (07/08.07) ги повика пратениците повторно да почнат со работа. Илјадници приврзаници на претседателот по одлуката на судот вчера (10.07) се собраа на плоштадот Тахрир во Каиро и скандираа дека таа е нелегитимна.

Набљудувачите оценуваат дека станува збор за вешт маневар при кој сите страни можат да го зачуваат образот. Безбедносните сили избегнуваа судир и им дозволија на пратениците да влезат во парламентарната сала. На петминутната седница пратениците симболично и‘ се спротивставија на одлуката на Уставниот суд за распуштање на парламентот поради нерегуларности на првите избори по падот на Мубарак пред 17 месеци.

Да се покаже кој има моќ

Претседателот на парламентот Ел Кататни на седницата рече дека мора да се најде пат за спроведување на одлуката на судот, наместо да се дебатира. Тоа треба да се направи од респект кон законот и поделбата на власта во државата. Истовремено, меѓутоа, тој предложи во целиот случај да се вклучи Жалбен судски совет кој ќе преиспита дали одлуката е во согласност со законите.

Ägypten Hussein Tantawi und Mohammed Mursi
Маршалот Хусеин Тантави и претседателот на Египет, Мохамед МурсиФотографија: picture-alliance/dpa

Веројатно за да ја релаксира ситуацијата во земјата, претседателот Мурси заедно со маршалот Хусеин Тантави и шефот на генералштабот Сами Анан присуствуваше на прослава по повод завршувањето на обуката на млади војници во воздухопловната база во Ниделта.

Политичкиот аналитичар Амр Исмаел од универзитетот во Каиро, се сомнева дека Мурси навистина има намера да оди на курс на конфронтација со Воениот совет: „Можно е декретот да е дел од договорот меѓу генералите и Муслиманското братство“, изјави тој за ДВ. Според Исмаел:

„Не станува збор за тоа дали декретот на претседателот е легален или не, туку за тоа да се покаже кој има моќ. Политиката е сила на волјата, на тоа кој ќе ја спроведе волјата.“

Според експертот за Блиски исток на њујоршкиот универзитет „Сент Џонс“, Азедин Лајачи, најдобра стратегија за Мурси би била избегнување конфронтации и постепено создавање база на моќ. Доколку конфронтациите продолжат, тој ќе го загрози политичкиот премин на Египет и себеси, убеден е Лајачи.