1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се зголемува прогонот на христијаните во светот

2 јануари 2012

Нападите во северниот дел на Нигерија што се случија во изминатите денови, го свртеа вниманието на светската јавност врз положбата на христијаните. Дали прогонот на христијаните во светот се зголемува?

https://p.dw.com/p/13bNA
По нападот врз црквата „Света Тереза“ во Абуџа (25.12.2011)Фотографија: Picture-Alliance/dpa

Најновата ескалација на насилство во Нигерија, според експертите, е последица на долго време потценуваниот развој на работите. „Веќе стотина години во Африка има конкуренција ’ислам против христијанство’, а Нигерија, исто како Судан, е токму на линијата на судирите“, објаснува Кристоф Зауер, експерт за мир на Меѓународниот институт за верска слобода (ИИРФ). Тој вели дека редовно има напади во кои луѓето се извлекуваат од автобуси на улици кои се блокирани и се прашуваат на која религија и‘ припаѓаат. „Зависно од одговорот, на некои им се отсекува главата.“

Според истражување на ИИРФ од 2009 година, 70% од светското население живее во земји каде верската слобода е ограничена. Научни истражувања за тоа колкав број од над двете милијарди христијани ширум светот се верски прогонувани, не постојат. Претседателот на Папскиот совет за поттикнување на единството на христијаните, Курт Кардинал Кох, наведе дека од лицата што се прогонувани ширум светот поради нивната верска припадност, 80% се христијани.

Регионални разлики во Азија

Најголемиот број студии даваат основа за заклучок дека ситуацијата на верски прогонуваните лица е влошена во последните години. Тие укажуваат и на се‘ поголеми регионални разлики. Токму во Азија, особено во Авганистан и се‘ повеќе во Пакистан, се множат верските „акти на одмазда“. Во некои делови на Индонезија христијаните се цел на напади пред се‘ на милитантни хиндуси или исламисти, вели експертот Зауер.

Christentum im Sudan
Судански христијаниФотографија: picture-alliance/dpa

Во Саудиска Арабија два милиони работници доселеници од западните земји, имаат ограничени можности за практикување на верата. приватните богослужби се законски забранети, исто како и преминување од ислам во христијанство. Во Индија според новите студии од 2011 година, органичувања поставува владата, но голем е и социјалниот притисок. Есктремни вредности во студиите кои го истражуваат верското потиснување покажуваат Кина, Иран, Мјанмар, Турција, Виетнам и Северна Кореја, се вели во невладината организација „Отворени врати“. „Се смета дека во северна Кореја во работни логори има 70.000 христијани, а во Иран полицијата во предбожиќниот период повикува на разговори христијани за да го зголеми притисокот пред празникот“, нагласува Зауер.

Во азиско-африканското погранично подрачје ситуацијата токму во последните месеци е влошена. Само во 2011 година таканаречената арапска пролет принуди на бегство десетици илјади христијани, пред се‘ во Египет. Набљудувачите сметаат дека сличен развој на ситуацијата би имало и во Сирија доколку биде соборен режимот на Башар ал-Асад.

Сиромаштијата го потхранува фанатизмот во Африка

Ситуацијата е особено тешка онаму кадешто верските и политичките мотиви се испреплетени, како во западна Африка. Уште во август 2011 година исламистичката терористичка група Боко Харам предизвика реакции во светот кога бомбаш самоубиец во седиштето на ОН во Абуџа однесе во смрт 24 луѓе. „Конфликтите во Нигерија се должат на опасна мешавина од сиромаштија, фанатизам и фрустрација“, вели Емануел Огбунвезех, референт за Африка во Меѓународното здружение за човекови права. „Овој лонец постојано претекува“, додава тој. Токму во Нигерија Боко Харам има база каква што му одговара - речиси половината од 160 милиони жители се христијани, речиси исто толку се муслимани. Особено на северот на земјата, каде доминираат муслиманите, верската омраза се подгрева поради економски интереси и племенски спротивставености. Се работи за моќ и за „дестабилизација на христијанскиот, побогат југ“, вели Огбунвезех и додава: „На оној што сака да владее во Африка, потребна му е прво Нигерија, како воена сила и како извозник на нафта„. Затоа тој смета дека напади ќе има и натаму. Обунгвезех ја гледа земјата на пат кон граѓанска војна: „Ако ништо не се промени, Нигерија за десет години нема да ја има.“

Ägypten Koptische Christen
Коптски христијани во ЕгипетФотографија: picture-alliance/dpa

Автор: Јохана Шмелер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска