1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се очекува екстрадиција на осомничените за убиството кај Смилковско езеро

БГ/бета4 март 2013

Двајцата прво-осомничени за петкратното убиство биле уапсени на Косово, но се‘ уште се чека потврда на нивниот идентитет

https://p.dw.com/p/17pg4
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Косовската полиција синоќа потврди дека ги уапсила двајцата првоосомничени за убиството на пет лица кај Смилковско езеро. Агенцијата Макфакс јави дека Алил Демири и Африм Исмаиловиќ биле уапсени во Приштина. Во текот на ноќта се работело на конечна потврда на нивниот идентитет, а повеќе информации се најавени за денеска.

Македонското МВР потврди дека од косовските колеги добиле известување за приведувањето на двајцата осомничени.

„Министерствата за внатрешни работи на Македонија и на Косово се во директен контакт. Бидејќи лицата не поседувале лични документи за потврда на идентитетот, ќе бидат сторени сите неопходни проверки, а МВР по завршувањето на идентификацијата денеска ќе соопшти официјални информации“, соопшти македонското МВР.

Демири и Исмаиловиќ се двајца од тројцата кои се обвинети како директни извршители на петкратното убиство кај Смилковското езеро, кое се случи на 12 април минатата година.

Тие се обвинети дека, вооружени со пушки и автоматско оружје, убиле пет лица, а потоа побегнале од местото на злосторството, додека уште две лица им помогнале да ја минат границата и да заминат на Косово.

Македонската полиција по нив распиша меѓународна потерница, а во судскиот процес кој почна на 20 декември, им беше судено во отсуство.