1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ повеќе Германци не можат да ги платат сметките за струја

Арне Лихтенберг / Елизабета Милошевска Фиданоска7 мај 2012

Околу 600.000 домаќинства во Германија не можат да ги платат сметките за струја. Тие мора да живеат без греење и светло. Погодените се во ѓаволски круг.

https://p.dw.com/p/14oV1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Хајке седи во темниот стан, во кој не се слуша ништо. Нема радио, електричните апарати мируваат. Хајке јаде сендвичи. Топол оброк си нема подготвено одамна, зашто веќе не може да ја плати енергијата на која работат сите апарати во домаќинството. На масичката има запалено свеќи за дневната соба да има барем малку светлина. Електрична енергија нема откако електродистрибутивното претпријатие и‘ го запрело доводот на струја.

Хајке не е осамен случај. Како нејзе живее 10 до 15 проценти од населението во Германија, кое веќе не може да ги плаќа сметките за струја. Според истражувањата на заштитниците на потрошувачите, годишно, поради неплатени сметки, се запира доводот на струја за околу 600.000 домаќинства во земјата. Само во 2011 година цените на струјата се зголемија за околу 10 проценти, што се образлага пред се‘ со енергетскиот пресврт, односно напуштањето на атомската енергија и вртење се‘ повеќе кон обновливи енергии.

Symbolbild steigender Strompreis
Многу луѓе седат со свеќиФотографија: Fotolia/ProMotion

„Тоа ги погаѓа пред се‘ оние што заработуваат малку. Има голем број пензионери, но и самохрани родители, кои веќе не можат да плаќаат струја“, вели Биргит Хелтген, референт за долгови во Централата за заштита на потрошувачите во покраината Северна Рајна Вестфалија.  Трошоците за живеење во последните години се зголемија многу за голем број луѓе, а растот на платите тоа не го следи. Многу ниски примања имаат луѓето со ниски  професионални квалификации. Улрике Машер, претседател на социјалното здружение „вдК“, затоа бара таканаречена „социјална тарифа“ за домаќинствата кои се на егзистенцијален минимум. „Ако електроконцерните се во состојба да им нудат попусти на големите фирми, тогаш тоа мора да можат да им го дозволат и на сиромашните“, нагласува таа.

Ulrike Mascher Sozialverband VdK
Улрике Машер бара „социјална тарифа“Фотографија: Sozialverband VdK

Ситуацијата е влошена и поради се‘ поголемиот број луѓе кои работат со скратено работно време или преку агенции за посредување, а кои не заработуваат доволно, како и поради фактот дека пензиите не се зголемуваат со години.

Должничка спирала

На луѓето што добиваат социјална помош, таканаречениот Харц 4, на прв поглед им е полесно - дури и ако се без работа добиваат финансиска помош од државата, која им ги плаќа и сметките за струја и греење. Но и за нив ситуацијата може да стане непријатна: „Луѓето се соочуваат со проблеми кога ќе добијат годишна крајна пресметка за струја или греење во која стои дека мора да доплатат поголем износ пари. Трошоците се разбира ги презема Агенцијата за вработување, но во вид на позајмица“, вели Хелтген. Таа позајмица потоа им се одзема од месечниот износ што им се дава како помош на погодените лица, во висина од десет проценти. На крајот, остануваат помалку пари за живот, а месечните сметки за струја се зголемуваат се‘ повеќе.

Тоа е ѓаволски круг кој за многумина завршува во долгови. Многу од погодените воопшто не можат да ги платат сметките и опомените. „Заклучивме дека пред се‘ старите луѓе се срамат да признаат дека не можат да излезат на крај со парите што ги добиваат, ги затвораат очите и не бараат помош“, вели Хелтген. Таа апелира до енергетските концерни да им укажат на должниците дека постојат места каде можат да добијат совети за излез од должничката стапица и да побараат помош.

Symbolbild Verbraucher Strom Preis Stecker und Steckdose
Може да се позајмат мерачи за да се утврди кои апарати „голтаат“ најмногу струјаФотографија: AP

„Така може да се види дали луѓето можат да го прераспоредат домашниот буџет за да имаат повторно пари за сметките за струја или може да се помогне да се лоцираат апаратите кои трошат најмногу струја“. Таа објаснува дека во централите за заштита на потрошувачите можат да се позајмат апарати кои мерат колку струја трошат апаратите во домаќинството и да се лоцираат оние што „голтаат“ најмногу струја. „Колку порано се соочите со проблемот, толку подобро“, нагласува таа и додава дека затворањето на очите пред проблемите за жал не помага.