1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ повеќе пензионери работат за да избегнат сиромаштија

Оле Кемпер / Александар Методијев29 август 2012

Се’ повеќе и повеќе стари лица во Германија се вработени. Се чувствуваат ли се’ уште млади и сакаат да работат или, пак, се принудени на тоа поради недоволните пензии? Експертите се разединети во оценката на бројките.

https://p.dw.com/p/15zEy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Старите луѓе во Германија работат се’ почесто иако веќе ја достигнале возраста за пензионирање. Ова произлегува од одговорот на сојузната влада на пратеничко прашање од редовите на пратеничката група на Левицата. Според него бројот на пензионерите кои извршуваат работа со скратено работно време пораснал за 60 проценти од 2000-та година наваму. Тоа значи дека во меѓувреме околу 761.000 луѓе, кои всушност веќе се во пензија, работат и натаму. Многумина од нив се постари од 74 години. Вкупно земено во моментов во Германија живеат околу 17 милиони пензионери.

Главната причина за зголемениот број на вработени пензионери за Херберт Бушер, од Институтот за економски истражувања од Хале, е тоа што луѓето живеат повеќе и остануваат подолго здрави и во добра форма.

„Човек во денешно време на 65 години ’не е за старо железо’. Тој се чувствува физички и ментално во форма, па бара некој вид на активност, без оглед дали на волонтерска или професионална основа“, објаснува Бушер.

Rentner Job Minijob Arbeit Arbeitnehmer
Пензионерот Ерих Бос разнесува веснициФотографија: picture-alliance/dpa

Синдикатите предупредуваат од сиромаштија на стара возраст

Но, за синдикатите и социјални сојузи е јасно – високата бројка на вработени пензионери расте, бидејќи многу луѓе повеќе не можат да заработат за живот.

„Ова е индикација за тоа дека многумина не можат да уживаат во пензионерските денови, туку дека мораат да прифатат лошо платени привремени работи за да врзат крај со крај“, вели Анелие Бунтенбах, претседателка на бордот на германскиот Сојуз на синдикати.

За Улрике Машер, претседателка на Социјалниот сојуз ВдК, растот на пензиите во последните години е причина за зголемената бројка на вработени пензионери.

„Се признава дека падот во нивоата на пензиите не е имун на секојдневната реалност низ која минува пензионерот“, вели таа.

Разлика меѓу истокот и западот

Меѓу покраините во Германија постојат разлики, посебно во Источна Германија, каде со сигурност многу стари лице се’ уште работат за да избегнат сиромаштија.

„Таму има многу работничка историја на долгогодишна невработеност и на мал приход, така што соодветно и законската пензија е пониска“, објаснува Бушер.

Влошувањето доаѓа од таму што кај денешните пензионери во Источна Германија старосната пензија не одигра никаква улога. На сојузно ниво, пак, жените се повеќе погодени од мажите. Тие често имаат пониски приходи и често ги прекинуваат кариерите за да се грижат за децата.

Rentner Job Minijob Arbeit Arbeitnehmer
Пензионерот Хуго Клајне (76) телефонира поради својата работа. Шансите за пензионерите да работат во Германија се зголемени.Фотографија: picture-alliance/dpa

Работата со скратено работно време е правило

За Карл Бренке, експерт за пазарот на труд при ДИВ од Берлин, променетите услови за работа исто така играат улога.

„Работата во многу бранши повеќе не е толку физички изискувачка како порано. Поради тоа сите луѓе можат подолго да работат“, смета тој.

Тоа е видливо пред се’ во техничките и академските професии. Според Бренке, високо квалификуваните воопшто не би требале да работат подолго за да ја избегнат заканата од сиромаштија. Со овој став е се согласува шефицата на германскиот Сојуз на синдикати Анелие Бунтенбах.

„Кога сето ова би било толку едноставно, тогаш се поставува прашањето – зошто тие не остануваат само на регуларните социјално осигурани вработувања, каде секој би заработил повеќе?“ Повеќето пензионери имаат ниско-платени дополнителни работни места.