1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Eurorettung

26 јануари 2012

Европските политичари се обидуваат со сите сили да најдат решение за должничката криза. Договорен е постојан фонд за спас на еврото, ќе следи фискална унија. Но, што ако сето тоа не е доволно?

https://p.dw.com/p/13pgo
Што ако под чадорите нема доволно место за сите?Фотографија: picture-alliance/dpa

Историчарите некогаш ќе откријат кој ги измисли сите овие неизговорливи називи - најпрво беше Фондот за спас на еврото, ЕФСФ, потоа Европски стабилизациски механизам, ЕСМ. Првиот спасувачки чадор ЕФСФ беше распнат во мај 2010-та година за да ја заштити еврозоната од зараза со грчкиот должнички вирус. Тој, значи, требаше да служи, како и атомската бомба, само за одвраќање. Тој нема да биде користен, гласеше оптимистичкиот став на политиката, откако Грција со спасувачки пакет ќе биде спасена од банкрот.

Сите кои веруваа во оваа визија, се излажаа. Ирска уште истата година мораше да биде „сместувана“ под чадорот.

Раѓање на ЕСМ

На самитот на шефовите на држави и влади во март 2011-та во Брисел, се насетуваше дека и Португалија ќе бара да влезе под заштитниот чадор ЕФСФ. Договорено беше формирање постојан спасувачки чадор. Тоа беше часот на раѓањето на ЕСМ. Тој треба да го замени постојаниот фонд, ЕФСФ, во јули 2013-та година. Европскиот стабилизирачки механизам ќе има поголема сила со полагањето депозити од 80 милијарди евра во кеш, а не само обични гаранции како кај ЕФСФ. Кредитните рамки исто така растат - на 500 милијарди евра.

Кратко по самитот, Португалија подлегна на притисокот на финансиските пазари и побара место под спасувачкиот чадор. По него стана тесно, а кризата се разгоруваше. Инвеститорите гледаа со се‘ поголема скепса кон Италија и Шпанија. Од планираниот кредитен волумен на ЕФСФ од 440 милијарди евра, останаа само 260 милијарди евра. Од самиот факт дека само Италија има стари долгови од над 300 милијарди евра, кои мора да ги замени со нови обврзници, на политичарите им лазеа морници.

Symbolbild Finanzkrise in Ungarn
Фотографија: picture alliance/chromorange

Решението на кризниот самит на 16-ти декември лани гласеше - „лост“. Преку делумно осигурување на обврзниците на лабавите евро-држави ударната сила на ЕФСФ требаше да се зголеми петпати, на преку билион евра.

Но, политичарите за жал повторно правеа сметка без крчмарот. Во меѓувреме никој не зборува веќе за „волшебниот лост“, за кој инвеститорите не покажаа речиси никаков интерес.

Сега значи доаѓа ЕСМ, кој ќе стапи во сила една година порано од планираното, како што решија во понеделникот (23.01) евро-министрите за финансии. Заедно со фискален договор, кој земјите среднорочно ќе ги доведе до солидно санирање на долговите, ќе биде изграден заштитен ѕид околу еврозоната кој ќе ја обезбеди од напади од секаков вид.

Дали овојпат сметката на политичарите ќе се покаже успешна? Дали ЕСМ и ЕСФС се доволно големи за да ги заштитат и земји како Италија? Одговорот е-веројатно не. Италијанскиот премиер Марио Монти веќе сега бара ЕСМ да биде обезбеден со еден билион евра. Германската влада тоа го одбива.

Сепак еврообврзници?

Решение би биле и еврообврзници, што канцеларката Меркел исто така ги одбива. Но, притисокот врз неа расте. Во понеделникот (23.01) шефицата на ММФ Кристин Лагард индиректно побара од германската влада да преземе поголем удел во справувањето со кризата. Состојбата и натаму е тензична. Банкрот на Грција може брзо да доведе до ширење на пожарот во целата еврозона. Тогаш не помагаат спасувачки чадори и структурни реформи, вели Петер Бофингер, член на Советот за консултации на владата. Тој инсистира на идејата за Фонд за отплата на долгови.

Symbolbild Eurokrise Finanzkrise
Фотографија: K.-U. Häßler/Fotolia/DW

Според овој план, сите државни долгови во еврозоната, кои преминуваат граница од 60 проценти од економскиот производ, ќе бидат ставани во еден фонд со заеднички гаранции.

„Нивото на каматата за економски послабите земји ќе се намали на подносливо ниво. Затоа пак, државите се обврзуваат на воведување кочница за задолжувањата и структурни реформи. Секоја држава ќе уплаќа во Фондот и самата ќе ги отплаќа своите долгови“, вели Малте Хибнер, економист од Советот за консултации на германската влада, наведувајќи ја како пример Италија. Оваа земја, која по Грција е најзадолжена во еврозоната, ќе треба да одвојува во Фондот три проценти од својот брутодомашен производ. Во првата година од тоа 0,6 проценти ќе одат на отплата на каматите, а 2,4 насто ќе отпаѓаат на трошоци за рефинансирање, смета Хибнер.

Со текот на годините расте уделот на отплатата на долгот. По 25 години квотата на задолжувања кај сите држави ќе падне под границата од 60 проценти, предвидена со договорот од Мастрихт, по што Фондот ќе се укине сам по себе. Дали германската канцеларка Ангела Меркел ќе го следи советот на своите советници, е прашање.

Автор: Џанг Данхонг / Ж.Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска