1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се празнува Василица

Милчо Јовановски14 јануари 2009

Според јулијанскиот календар, денеска е првиот ден од новата 2009 година - Василица. Празникот се одбележува со различни обичаи низ Македонија.

https://p.dw.com/p/GY97
Во Вевчани на Василица завршува познатиот карневалФотографија: DW/MIA

Одбележувањето на Свети Василиј - Василица е различно. Некаде се пече лепче, некаде пита. Во некои краеви на земјата паричката се бараше на Божик. Како и да е, заедничко нешто е песната на василичарите. Тие, барем во Охрид и Охридско, уште од синоќа затропаа по домовите со шарените стапчиња и беа дарувани од домаќините.

Нови навики во празнувањето

Миграциите село–град, женењето или мажењето, носат нови навики и празнување на сите верски празници, па и на Василица. Сузана Чалоска е мажена во Пештани:

„За Василица месиме комат, така се вика питата во нашиот крај. Во него ставаме паричка. Од коматот еден дел оставаме за Бога, еден за куќата и потоа го делиме според бројноста на семејството. Задолжително пржиме или печеме колбаси. Вечерта цело семејство седнуваме на трпеза. Коматот се сече на парчиња и оној што ќе ја најде паричката се верува дека ќе биде среќен цела година“.

Василица е празник на кој во Охрид покрај огнот се’ уште се собираат најблиските или соседите, додава Чалоска.

„Така цели семејства прават и носат сучени работи, седат околу огновите, се дружат, печат колбаси, нудат вино и ракија. И во вакво друштво се дели коматот и на оној што ќе му се падне парата, ќе го следи среќа, а догодина тој ќе биде организатор на ритуалот“.

Brot
На Василица се пече пита или погача во која се става паричка за среќаФотографија: Bilderbox

Лошото време не ги спречи василичарите

Ниту студот ниту ситниот повремен дожд не ги спречи најхрабрите да излезат околу бројните василичарски огнови во Охрид, проследени со музика, а понекаде и со оро. Се пече скара, се пие топла ракија.

Во Вевчани, по бурната ноќ, затишје до играта на сретсело. Жителите на Вевчани својата инвентивност ја покажуваат преку маските. Годинава ги имаше од сите области. Спорот со Грција, изборот на Обама. Има маски со кои се напаѓа владата и за аферите со пресадување органи. Во Вевчани гости од сите страни. Сепак, градоначалникот Васил Радиноски признава дека имаше помалку луѓе: „Причината е што празникот паѓа среде недела и секогаш е така. Како и секоја година, Вевчани е преполно со гости. Задоволен сум, карневалот е сепак добро посетен“.

Во Вевчани завршува карневалот, а во охридското село Куратица почнува вечерва. Горан Ангеловски од здружението „Свети Василиј“ вели дека годинава наградниот фонд за најдобрите шест маски е скромни 800 евра. Сепак, важна е традицијата, вели тој:

„Карневалот е стар колку и селото – од 1575 година“.

Зимските празници се едни од најубавите и најбројните, тие носат радост и ги кратат долгите ноќи. Песната за Василица ја учат и најмалите.

Од утре охриѓани ќе се свртат кон Богојавление – Водици, уште еден карактеристичен празник, а потоа кон Свети Јован.