1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

На чекор до кинеските вакцини

ДТЗ
26 април 2021

До крајот на неделава се очекува да пристигнат 200 илјади вакцини на „Синофарм“ во С. Македонија. Освен во Скопје, масовна имунизација ќе се врши во уште шест градови.

https://p.dw.com/p/3sb2N
Symbolbild Impfung
Фотографија: Fotolia

Поголема количина на вакцини се очекува да пристигнат до крајот на неделава во Северна Македонија, по што по празниците е планирана масовна имунизација на населението, покрај во Скопје и во вакциналните пунктови во уште шест градови во земјата. Најавите се дека денеска треба да пристигнат 10 илјади вакцини на „Фајзер“, а до крајот на неделава преку Белград се очекува доаѓањето и на 200 илјади дози на кинеските вакцини на „Синофарм“. 

-повеќе на темата: Клинички се тестираат над 50 вакцини против Ковид

„Завршува и процесот на опремување на спортските сали во неколку училишта во државата каде ќе почне масовната вакцинација откако ќе стигнат поголемите количини вакцини. 200.000 дози од Синофарм на 28 април ќе бидат подигнати во Пекинг, на 30 април ќе стигнат во Белград преку Истанбул. Откако ќе бидат донесени во Скопје, ќе бидат сместени во ‘ладната соба’ во поликлиника „Јане Сандански“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Вакцината „Синофарм“ се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени што го олеснува начинот на транспорт, чување и дистрибуција. Оваа вакцина ќ́е биде во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината. За вакцината „Синофарм“, термините за вакцинација ќе бидат на 10 минути, по пациент, најавија неодамна надлежните.

-повеќе на темата: Македонските граѓани на вакцинација и во Бугарија

Граѓани коишто изминатиов период ја искористија можноста да се вакцинираат во соседна Србија, ќе можат да се ревакцинираат во С. Македонија, Но, според надлежните, тоа ќе важи само за оние граѓани коишто не се вакцинирале со „АстраЗенека“. Оваа вакцина не се препорачува за вакцинирање на македонските граѓани под 60 години. Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, минатата недела на прес-конференција соопшти дека oколу 15.000 македонски државјани се вакцинирале во Србија.

Во С.Македонија, пак, досега се вакцинирале 51.853 лица, а интерес изразиле 199.084 граѓани. Министерот за здравство денеска оцени дека бројките на новозаразени се намалуваат, епидемиолошката крива е во опаѓање и сега има тренд бројот на испишани пациенти во болниците да биде поголем од примените пациенти. Се намалува и притисокот во болниците, па дел од одделенијата ќе престанат да бидат ковид-центри.

„Веќе е испразнето одделението за урологија и во текот на неделава ќе се врати на редовниот тек на работа, а после празниците во функција ќе се врати и Клиниката за пластична хирургија. Први се ослободуваат хируршките одделенија, но Клиниката за трауматологија се уште ќе биде во функција на болните од ковид“, вели Филипче.