1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Се чека знак за старт: Летен одмор во Европа

Феликс Шлагвајн
21 мај 2020

Политичарите и туристичките агенции ставаат сѐ на картата за спас на туризмот во Европа. Земји како Хрватска притискаат за брзо отворање на границите, зашто без туризам се пред економски колапс.

https://p.dw.com/p/3cZnB
Landschaft und Tourismus - Kroatien
Фотографија: picture-alliance/Zoonar/B. Hoyen

Тиркизно-сино море, историски гратчиња, прекрасни плажи и повеќе од илјада острови - Хрватска е омилена туристичка дестинација, особено за Германци и Австријци кои можат со автомобил да дојдат до југоисточноевропската земја на Јадранско Море. И токму Хрватска е земјата која во европската дебата за отворање на границите за туристички цели е чекор пред сите: уште минатата недела се отворени за граѓани на ЕУ, без корона-тестови и без карантин. Но, сѐ уште нема туристи. Сезоната уште не е почната.

Повеќе: Ковид-ваучерите се спас за туризмот!

Потрагата по европско решение

Долго време изгледаше како одмор во Европа да нема да биде изводлив поради коронавирусот. На 18 мај министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, најави дека работи на отворање на границите за туристи до почеток на летото.

„Сакаме чекор по чекор да ја нормализираме ситуацијата”, изјави Мас. По видео-конференција со министрите за надворешни работи на земјите кои се најомилени туристички дестинации за Германците, тој објави дека нема да го продолжи предупредувањето за патување во странство кое важи до 15 јуни.

Landschaft und Tourismus - Kroatien
Старото градско јадро на Дубровник е дел од Светското културно наследствоФотографија: picture-alliance/robertharding/F. Fell

Истовремено нагласи дека летните одмори немало да бидат исти како пред короната. „Не треба да имаме илузии дека ќе има брзо враќање на 'бизнис ес јужуал'”, вели Мас.

И канцеларката Меркел изјави дека „нема да има нормална туристичка сезона, туку таа ќе биде во знакот на пандемијата”. Со други зборови: правила за држење растојание, строги прописи за хигиена, ограничување на бројот на гости за хотели и ресторани, што ќе важи и за туристичките дестинации. Точните услови Германија ќе ги утврди следната недела преку билатерални договори со туристичките земји.

Spanien: Tourismus auf Mallorca
Вакви слики летово веројатно нема да има: Преполна плажа во Ел Аренал, МајоркаФотографија: picture-alliance/dpa/C. Margais

Туристичките земји притискаат за отворање

И покрај ограничувањата, вестите од Берлин се олеснување за омилените туристички дестинации и агенциите. Германците се европски прваци во патување, многу земји зависат економски од германските туристи. Дури и земји кои имаа голем проблем со коронавирусот сега притискаат на отворање на границите, како на пример Италија, која од 3 јуни ќе прима туристи, и Шпанија, која тоа ќе го прави од крајот на јуни.

Повеќе: Грција ја отвора туристичката сезона на 15 јуни

Други земји се уште позависни од туризмот. Во Хрватска браншата сочинува 25 проценти од БДП.

Минатата година имало околу 20 милиони туристи кои потрошиле 12 милијарди евра. Истовремено, бројот на случаи со корона во земјата е низок. Актуелно во Хрватска има околу 400 активни случаи, а од Ковид-19 се починати помалку од 100 лица. Оттука, разбирливо е што хрватската влада презема иницијатива и од 9-ти мај важат полабави правила за граѓани на ЕУ.

За влез во земјата е доволна потврда од хотел за резервација. Луѓе кои имаат вила или брод во Хрватска, или пак лица кои се дојдени за бизнис, смеат да влезат во земјата. Сестринската фирма на Луфтханза, Еуровингс, веќе најави дека во јуни ќе ги обнови авионските линии од Германија до главните туристички цели во Хрватска. Со тоа владата во Загреб особено ги таргетира Германците и Австријците. Тие во многу делови од земјата сочинуваат половина од туристите. „Живееме од туризам”, вели хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Хотели, ресторани и кампинг плацови се отворени, правилото од растојание од метар и половина важи, келнерите носат заштитни маски. Траектите до островите повторно се пуштени.

Landschaft und Tourismus - Kroatien
Вис, еден од стотиците хрватски островиФотографија: picture-alliance/Loop Images/A. Lloyd

„Туристичка“ апликација

За да се избегне застој по границите, Хрватска креира апликација за мобилен телефон наменета за туристите. Според министерот за туризам, Гари Капели оваа апликација треба на туристите да им овозможи однапред да се пријават кај властите со цел да се скрати времето на чекање на границата. Туристите исто така треба да ја наведат нивната дестинација и каде ќе бидат сместени.

„Со оглед на актуелната ситуација, ние би биле задоволни ако во 2020 оствариме барем 30% од приходите од минатата година“, вели за ДВ хрватскиот министер за туризам.

Landschaft und Tourismus - Kroatien
Хрватска и во внатрешноста има места кои се вредни да се посетат: Плитвички ЕзераФотографија: picture-alliance/Pixsell/K. S. Fabac

Туроператорите со намалени очекувања

Не само туристичките региони, туку и туристичките агенции одвај чекаат Европа да се отвори повторно за туризам. Не е ни чудо: само во изминатите три месеци претрпеа загуби од милијарди евра. Ако пропадне и летната сезона, на целата бранша ѝ се заканува целосен колапс. И најголемиот туристички оператор во Европа, ТУИ, е под огромен економски притисок. Концернот во јануари ги објави највисоките бројки за резервации во историјата на компанијата. Кратко потоа ТУИ мораше да бара владини заеми и над 9000 работници да бидат ангажирани со скратено работно време.

Повеќе: Туристички главоболки: „Ни полицајците не знаат што е дозволено“

„Тоа што нема да биде продолжено предупредувањето за патување, е добар знак за сите во браншата“, вели Аге Дунхаупт од ТУИ Ерлајнс во разговор за ДВ. Теоретски, по 15 јуни може повторно да се активираат паушалните пакети, но поверојатно е дека во поширок обем ова ќе се случи од 1 јули. Кај крстарењата ќе треба подолго време, а и далечните патувања надвор од европскиот континет, според Дунхаупт, „повторно се голем предизвик“.

Spanien: Tourismus auf Mallorca
Мајорка, омилениот остров на ГерманцитеФотографија: picture-alliance/dpa/S. Schulz

Туроператорите не можат да проценат колкава ќе биде побарувачката за патувања во странство. ТУИ забележа значително зголемување на резервациите за Балеарските острови, Грција и Португалија. Многу резервации сега има за септември, односно за продолжената летна сезона. За непречено отворање на туристичките капацитети пред сѐ е неопходно почитување на правилата за хигиена, вели Дунхаупт. „Во земјите со туристички дестинации ги спроведуваме истите правила за дистанца и хигиена, како што се овде во Германија."

Повеќе: ЕУ ги отвора интерните граници, надеж за спас на летната сезона

И покрај регулативите за хигиена и отворање на границите, туристичката бранша глобално претрпе огромни штети поради корона-кризата и многу бавно ќе се опоравува. „Во моментов не може да се претпостави дека ќе го достигнеме степенот на резервации од претходно во следните 12 до 24 месеци“, вели Дунхаупт и додава: „Ова е предизвик со кој мора да се соочиме сите во браншата.“