1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЗО во поплавените места не е по мерка на власта?!

Костадин Делимитов19 август 2016

Страв од евентуални критики или суета? Зошто во битката со поплавите не се бара асистенција од Светската здравствена организација? Експертите предупредуваат дека се пропуштаат драгоцени совети.

https://p.dw.com/p/1JlLe
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Неподнослив мирис, кал, фекалии. Ужасни се сликите во погодениот скопски регион по катастрофалниот воден удар. Дванаесет денови подоцна теренот интензивно се расчистува, состојбата е подобрена, но само навидум.Големиот крш се расчистува од улиците и дворовите, но проблемот е што во добар дел сега тие се претворени во мочуриште. Теренот се дезинфицира, но бавното расчистување на калта отвора и бројни дилеми околу ефикасноста на самиот процес. По првичниот шок и револт, кај локалното население владее вознемиреност и страв од можна појава на зарази.

„Дезинфицираат, а уште има кал низ куќава. До вчера тука пливаа и фекалии. Не знам колку ова е ефикасно но ветуваат дека ќе помогне“, реагира жителка на скопското село Стајковци каде последиците се најкатастрофални.

Граѓаните негодуваат, но надлежните смируваат. Дел по дел, теренот внимателно се чисти и дезинфицира, а се презеле и мерки за заштита на околината и населението:

„Екипи од Центрите за јавно здравје спроведуваат дезинфекција во поплавените подрачја, и веќе е дезинфицирана површина од над 20 милиони метри квадратни. Паралелно се спроведува и дезинсекција на поголемите водени површини. На терен се ангажирани околу 400 здравствени работници и соработници, кои секојдневно се во комуникација со жителите, така што до овој момент здравствениот систем добро одговори на настанатата ситуација“, велат за Дојче веле од министерството за здравство.

Mazedonien Unwetter
Фотографија: picture-alliance/abaca/AA/B. Ademi

Без активна меѓународна помош

Во уверувањата на надлежните дека состојбата се менаџира професионално и одговорно се` погласни се и предупредувањата од можни пропусти. Фактот дека Македонија по повеќе децении за прв пат се справува со катастрофа од ваков обем кај дел од упатените предизвикува сериозна загриженост, посебно ако се има предвид дека целата операција се спроведува без активна меѓународна помош. Освен дел од механизацијата и техничката и хуманитарна помош која пристигна од неколку земји, целата акција се менаџира со домашни сили. Не е побарано ниту асистенција од Светската здравствена организација која и тоа како би помогнала на терен:

„Она што е на терен, очигледно е недоволен сигнал да се побара асистенција од СЗО. Но Светската здравствена организација не нуди помош, освен ако тоа не го побарате од неа. Но ако побарате, таа ќе испрати тим од експерти кои на терен активно ќе ја следат состојбата и во блиска соработка со властите ќе дадат одредени препораки. Но очигледно дека нашите власти сметаат дека за тоа нема потреба. Не знам, но мислам дека пропуштаме драгоцени совети“, предупредува Владимир Лазаревиќ, експерт од областа на здравството кој беше дел и од тимот на СЗО кој активно помагаше во Србија за време на поплавите во 2014. година.

Неговото драгоцено искуство не ги мотивирало надлежните да го консултираат за одредени совети:

КФОР, АРМ, доброволци...

„Не ме консултирал никој, а и воопшто повеќе сум ангажиран надвор отколку дома. Но очигледно кај нас тоа е така. Во Обреновац бев дел од тим експерти од повеќе земји, а нашиот фокус беше соработка со владата, пред се‘ во делот на заштита и превенција од евентуални епидемии. Подготвивме и извештај кој е добро да го прочита секоја држава, посебно во регионот кој важи за чувствителен на проблеми од ваков тип“.

Mazedonien Unwetter
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Лазаревиќ предупредува дека јавноста нема детални информации што точно се случува на терен. Затоа не е исклучено дека молкот е можеби и одбрана од евентуален укор и детекција на вистинските причини за дел од последиците:

„Такво нешто во секој случај не е исклучено, но можеби некој не сака да му се мешаат странци. Но Македонија не е единствена. И Бугарија реагираше исто. Тоа се толкува и како политичка одлука, ако не ги викаш прикажуваш дека си способен самиот да се справиш. Но и да има одредени забелешки и критики до властите, извештајот на Светската здравствена организација нема да биде јавен, туку ќе им се предаде директно на властите. На министерот за здравство. Затоа велам дека станува збор за политичка одлука. Но внимавајте СЗО е техничка организација, но со политичко влијание“, нагласува Лазаревиќ.

Без конкретен одговор од надлежните

Надлежните пак тврдат дека мерките и активностите кои ги презема здравствениот систем биле во согласност со политиките и стратегиите на меѓународните организации. Меѓу нив и на Светската здравствена организација, со чија соработка биле изготвени 13.000 брошури со препораки за населението. Сепак, зошто не побарале директна асистенција на терен и дали воопшто се планира такво нешто, конкретен одговор не добивме. Од Светската здравствена организација велат дека според информациите од властите во Скопје здравствениот сектор се справувал добро. Сепак тие велат дека се подготвени за асистенција доколку такво нешто е потребно. Дотогаш единствено оперативна останува соработката во делот на технички совети и препораки за хигиена на водата и храната во погодените региони.