1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сигналите за единство пред Чикаго позитивни, но недоволни

Костадин Делимитов 16 мај 2012

Кратко пред почетокот на самитот на НАТО во Чикаго јасно е дека Македонија нема на што да се надева. Условот, да се најде решение за спорот за името со Грција за да се добие покана за прием не е исполнет. Што по Чикаго?

https://p.dw.com/p/14wEl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политичкото единство околу членството во НАТО во Македонија нема императив и е гаранција за успех на овој процес во блиска иднина, коментираат аналитичарите. Во пресрет на самитот на Алијансата во Чикаго на 20 и 21 мај каде веќе е извесно дека Македонија нема да добие покана за членство поради нерешениот проблем со Грција околу уставното име, аналитичарите предупредуваат на потребата од единство околу ова прашање. Ваквата позиција според нив е важна не само во делот на НАТО, туку и за интеграцијата во ЕУ.

Последните политички пораки, пред се’ сигналите за соработка од страна на опозицијата, според поранешниот министер за надворешни работи Слободан Чашуле се сигнал дека политичките сили во земјата полека разбираат дека овие два стратешки аспекта се неделиви и за нив нема позиција и опозиција, туку единствено заедничка одговорност:

„Оттаму ме радува што после оваа динамична акција на нашата држава на министерот за надворешни работи, на шефот на државата, на премиерот, доаѓа до сигнали и до зближување, не околу ставовите, бидејќи тие се за среќа идентични, туку околу перформансите, акцијата заедништвото во туркањето на тој стратешки предизвик и на спроведувањето на идеите, на ставовите кон ова прашање кои се безмалку идентични. Околу НАТО, околу името околу членството во ЕУ, околу односите со нашите соседи не смее да има поделба и мене ме радува што тоа веќе почнува или продолжува. Ме радува што после еден период, на за мене неразумно однесување, доаѓа до период кога се афирмира таквата идеја, таквата позиција, се афирмира таквата декларација и во крајна линија се прави чекор напред и одиме кон договор, ајде да кажеме кон една таканаречена заедничка црвена линија зад која сите ќе имаме единствен став“, нагласува Чашуле.

Slobodan Casule Aussenminister Mazedonien 2001 bis 2002
Слободан ЧашулеФотографија: AP

Со сличен став е и неговиот поранешен колега Александар Димитров. Сепак тој нагласува дека власта во овој период безпотребно ја донесе декларацијата за членство во НАТО која патем ја поддржа и опозицијата, бидејќи околу ова прашање постои консензус веќе 15 години. Тој предупредува прашањето да не се гледа од политичко партиски интерес, туку пред се’ стратешко значење за земјата:

„После самитот можни се секакви разврски, во кои или власта ќе мора конечно да се отрезни од стерилната политика на тропање на отворени врати, кога вратите и се отворени и кога албанските партнери во власта кои инсистираат на брзо зачленување во НАТО ќе треба да преоценат, дали тоа успеале да го направат или не. Волја за консензус постои, колку што знам е прифатен од сите поголеми партии и од опозицијата, дека какво било компромисно решение би одело на референдум. Не е добро што секој ова прашање го гледа пред се’ од политички, а не од стратешки аспект по кој за Македонија зачленувањето во НАТО особено во овие турбулентни внатрешно- политички состојби врзани и со односите меѓу заедниците е императив број еден, бидејќи НАТО е гаранција за стабилноста и за безбедноста, а со тоа ги отвора вратите за просперитетот и благосостојбата на земјата во целина“, предупредува Димитров.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

СДСМ јавно изрази подготвеност за поддршка на тимот кој ќе ја претставува Македонија во Чикаго, откако претходно ја поддржа и декларацијата за НАТО што неодамна ја предложија ВМРО ДПМНЕ и ДУИ во насока на политичко единство и поширока платформа за интеграциите на Македонија. Со Декларацијата владејачките партии се обврзаа дека ќе донесат позитивни резултати од Самитот во Чикаго затоа што овој документ ја зголемува нивната одговорност во процесот на интегрирање на државата. Опозицијата предупреди декларацијата да не се злоупотреби еднократно пред домашната јавност како театар.