1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силниот франк ги изгоре Македонците

18 август 2011

Во Македонија не е мал бројот на граѓани кои имаат кредити врзани за швајцарски франци. Драстичниот скок на вредноста на таа валута во однос на еврото на многумина им предизвикува големи проблеми.

https://p.dw.com/p/12I4q
Фотографија: Picture-Alliance/KEYSTONE

„Пред околу четири години го земав кредитот, демек поволен, но сега буквално ме изгоре“, Ова е реакцијата на еден од неколкуте илјади македонски граѓани кои вртоглавиот раст на курсот на швајцарскиот франк ги заглави во големи долгови. Скопјанецот Сашо пред четири години на лизинг се подновил со нов автомобил. Со минимално учество, месечната рата на почетокот била исплатлива, но како растел франкот така месечниот ануитет станувал се поскап. Од почетните 6 илјади, на сегашни дури десет илјади денари: „Кога го земав лизингот единствената опција беше тој да биде врзан со франци. Тогаш сите ми велеа дека станува збор за стабилна валута, но ете се покажа спротивното. Сега сум заглавен до гуша и едвај ја плаќам ратата. Размислувам на повеќе опции, да го трансферирам лизингот во евра, или пак да го исплатам со кредит од друга банка, но во секој случај губам бидејќи провизиите се превисоки, не знам што ќе правам“, се жали Сашо.

Договорите се менуваат во евра

Symbolbild Kreditklemme Schweizer Franken und Mausefalle
Фатени во стапицата на франкотФотографија: BilderBox

Откако франкот драматично порасна во однос на еврото, драстично се зголеми и бројот на граѓани кои бараат конверзија на кредитот или лизнгот од франци во евра. Од НЛБ лизинг, компанијата која има најголем дел вакви клиенти, велат дека на шалтерите дневно примаат по десетина пријави. Иако уште во 2008 година компанијата прекинала да склучува лизинг услуги во франци, се` уште биле активни околу шест илјади договори со граѓани кои долгот го враќаат во швајцарската валута.

Директорот Маја Лапе-Трајкова за Дојче Веле објаснува дека уште во 2010 година кога виделе дека курсот на франкот бил зголемен и добиле зачестени поплаки од клиентите, понудиле можност за конверзија на лизингот во евра. Сепак во прво време интересот бил послаб, што според Лапе било одраз пред се` на очекувањата на дел од клиентите дека сепак франкот ќе загуби на вредноста: „Меѓутоа сега со овој драматичен пораст веќе имаме голем број на барања за конверзија“, вели Лапе.

Трошоци плус за конверзија

Граѓаните реагираат дека и при конверзијата на лизингот плаќаат високи трошоци. Од лизинг-компаниите се свесни за проблемот, но во услови кога и тие имале обврски кон своите кредитори велат дека станувало збор за стандардна процедура. Според Лапе, за конверзијата се плаќа само еден отсто од преостанатиот дел од лизингот, што со оглед на фактот дека станува збор за обврски кои во голем дел досега биле исплатени, не претставува голема сума. Покрај ова, при конверзијата се наплаќаат и некои други услуги, како на пример нотарскиот договор и слично. Покрај лизинг компаниите, во моментов речиси ниту една банка во Македонија не нуди кредити, кои се врзани со швајцарската валута.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Трајче Тосев