1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сименс“ во Македонија без мито и корупција!

Силвера Падори-Кленке15 мај 2012

Корупцијата не е болест само на егзотичните држави, туку и на развиениот свет, сметаат експерти. Концернот „Сименс“, кој беше вплетен во скандали со мито, има добро искуство во Македонија.

https://p.dw.com/p/14l2X
Фотографија: Fotolia/Natalia D.

Ако платиш еднаш, ќе плаќаш секогаш! Корупцијата не е сива, ниту бела, таа е црна. Ја има секаде во светот и никој на неа не е имун.

„Денес е познато, корупцијата е на штета на економијата. За една земја во развој, како Македонија, секако дека е значајно парите, кои се инвестираат, да бидат насочени во вистинските проекти, а не да исчезнуваат во мрачните канали. Пазарот на Македонија за нас е многу значаен. Имаме проекти и како што сакаме во сите земји од светот да имаме исклучиво чисти проекти, вака се обидуваме да работиме и во Македонија. Со нашите преставништва сме на добар пат. Не можеме да се жалиме. Имаме поддршка и во Македонија гледаме атрактивен пазар, кој во иднина ветува можности за растеж”, го изнесува за Дојче веле позитивното искуство на „Сименс“ во Македонија, Јозеф Винтер, раководител на одделот за усогласување, кој дополнува дека фирмата и во минатото, сега и во иднина планира таму да работи.

Важно е случаите да се расветлат до крај

Штефан Хајснер, раковдител на правниот оддел за Југоисточна Европа во фирмата „Ернст енд јанг“ вели дека има разлики од земја до земја во борбата против корупцијата. Во поголемиот број балкански држави, меѓу кои и Македонија, во законите веќе се вградени инструментите за борба против корупцијата. Но, според искуството на Хајснер, решавачко е дали навистина таа регулатива функционира? Дали случаите се гонат и санкционираат? Тука главно место има независноста на јавното обвинителство, на судството и секако слободата на печатот. Во дел од земјите на Југоситочна Европа имало сомнителни случаи, кои до крај не се проследуваат, и тоа е недостаток.

Две сцени на корупција во Германија

„Корупцијата се случува секаде во светот, не само во егзотичните држави, ја има и во Германија”, вели и Филип Матаи, шеф на аналитичкиот оддел на „МАН“, дополнувајќи дека за спречувањето на корупцијата значајни се поддршката на менаџментот, јасните правила за вработените околу давањето и примањето подароци, комуникација и разговор за проблемите од ваков карактер.

Informationsveranstaltung Korruption Vermeiden
Македонскиот пазар е значаен за Сименс - Јозеф ВинтерФотографија: DW

За две сцени на корупција во Германија зборува и професор  Марк Пиет, експерт за усогласување на оваа чувствителна материја во фирмите и претседавач со работната група против корупцијата на Организацијата за економска соработка и развој. „Од една страна е локалната сцена на корупцијата, картелите, каде на пример има манипулации во изградбата на улиците, каде цените се договараат. Или, приказните за срцевите залистоци, кога лекарите добиваат мито за да вградат производи од одредена фирма. Втората сцена е митото на германските фирми во странство. И тоа е работа која мора да се расчисти на домашен терен”, коментира професор Марк Пиет, кој учествуваше на берлинската конференција за борба против корупцијата организирана од сојузното Министерство за економија и технологија, Германската индустриска и трговска комора и Здружението на германската индустрија.

Informationsveranstaltung Korruption Vermeiden
Германија има локална и интернационална сцена на корупција - професор Марк ПиетФотографија: DW