1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Симон Трпчески: мојот успех е успех на моето семејство

12 март 2012

Македонскиот пијанист од светски ранг Симон Трпчески за Дојче веле ги пренесува впечатоците од последните настапи во Германија и зборува за тешкиот пат до светските сцени.

https://p.dw.com/p/14JB4
Симон Трпчески за време на концертот во германскиот град БајројтФотографија: DW

Симон Трпчески, исправен пред предизвикот со свежа и малку поинаква верзија на многупати свирениот „Концерт број 2“ од Рахмањинов, настапи пред германската публика, за која се верува дека е софистицирана, но и без емоции. По концертот во Бајројт, кој беше втор во низата по Бамберг, а пред Швајнфурт, Трпчески за Дојче веле направи споредба на публиката во Германија и Македонија.

„Можам искрено да кажам дека иако не настапувам доста често во Германија, на пример, секогаш сум бил дочекан одлично во оваа земја. И тука можам да направам само една мала споредба дека овие луѓе можеби се малку подлабоко навлезени, да не речам повеќе едуцирани во поглед на класичната музика. Можеби некој ќе каже дека тие се малку ладни, меѓутоа еве вечерва во Бајројт бевме сведоци дека тие дури тропаа со нозете, колку што можев да забележам. Македонската публика има едно искрено срце и е многу топла. Верувам дека сите што имале можност да настапат таму можеле тоа и да го почувствуваат. Така што само тука би ја направил разликата“.

Simon Trpceski Pianist aus Mazedonien
Трпчески: Секогаш одлично сум бил дочекан во ГерманијаФотографија: DW

Звуците од публиката пречат во изведбата

Трпчески верува дека критериумот и вкусот на македонската публика може да се изгради со почести настапи на странски музичари во Македонија. Но, и на софистицираната публика и' се случуваат пропусти.

„Синоќа во Бамберг, што нели за многу луѓе би било чудно, заѕвоне мобилен телефон. Тоа се случи за време на втората тема во третиот став од концертот – што е многу суптилна, многу емотивна, многу љубовна тема, и јас се мислев... Пазете, тоа е огромна брзина на мислата во мозокот... Се мислев дали воопшто да се свртам и едноставно да се насмеам или нешто да направам. Меѓутоа, сепак се обидов да се сконцентрирам, поради тоа што човек може да згреши, што е многу нормална и природна работа во таква ситуација. Ми се случувало многу пати да заѕвони мобилен телефон. Јас сум многу релаксиран човек и на сцена сум таков и едноставно сум се свртел кон публиката, сум се насмеал или сум дал некој знак, па тие реагираат прилично природно, па се насмевнуваат... Но, во никој случај да застанам или, пак, да и се придружам на мелодијата (од мобилниот телефон, н.з.)“, забележува Трпчески.

До светските сцени благодарение на помошта на пријателите

„Од трње до ѕвездите“ е мото на македонскиот пијанист од светска класа, на кое го научил татко му. „Тоа е моето мото и вистината на мојот живот“, вели Трпчевски и нагласува:

Simon Trpceski Pianist aus Mazedonien
Бајројт, градот на прочуениот германски композитор Рихард Вагнер е сензибилизиран за класичната музикаФотографија: DW

„Во оние моменти кога требаше на мене да ми се помогне, тоа не беше Македонија, туку беа, како што велеше татко ми, еден грст пријатели, кои можат да се избројат на една рака и коишто имаа чувство за едно младо момче, кое беше талентирано и на кое му помагаа од свој џеб. Јас пораснав во едно многу скромно семејство, со петчлена фамилија и баба ми дури живееше со нас, во 56 квадратен стан. Во едни такви услови многумина од Запад не би можеле ниту да замислат да креираат сериозна музика, а не пак друго... Така што, мојот пат не беше ни малку лесен до ова денеска, што вие го искусивте во Бајројт“.

Трпчески е горд на својот пат, на влогот и поддршката на неговото семејство и на малиот број пријатели. „Сметам дека мојот успех е успех на моето семејство“, вели Симон Трпчески и дополнува:

„Мислам дека ова многу се совпаѓа со она што Павароти го има кажано – ние имавме многу малку дома, но никој немаше повеќе од нас“.

Меѓу бројните епитети што ги добива во странскиот печат, фаворит му е описот на лондонски „Тајмс“ - дека тој е „абнормално нормален пијанист“.

„Морам да признаам дека јас сум многу свесен човек и колку тоа понекогаш и да не е баш добро, меѓутоа повеќе е добро, отколку што е лошо. И, кога одреден човек што е изложен на јавноста поради своите квалитети знае како да се носи со популарноста, тогаш сметам дека може многу да ужива во истата. Затоа што многумина незнаат и имаат многу неубав живот. Џабе слава, џабе се’“, заклучува Трпчески.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски