1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сината карта“ - шанса за стручњаците

7 февруари 2012

„Сината карта“ треба да го олесни вработувањето и доселувањето на стручњаци од трети земји во ЕУ и со тоа во Германија. Тоа е голема шанса за многумина и од Македонија...

https://p.dw.com/p/13yR6
Фотографија: Fotolia/.shock

Германија за 25-годишната Македонка Билјана Стојановска е „прекрасна земја“ со фини и вредни луѓе кои прецизно си ја извршуваат работата. Таа има завршено машински факултет во Скопје а во јануари 2012-та година успешно го одбрани и магистерскиот труд. Уште за време на студиите се обидела да пронајде работа во Германија, но дури сеха преку програмата „сина карта“ има шанси да успее во тоа. Имено оние кои ќе добијат „сина карта“ не подлежат на проверки за тоа дали за нивното работно место има на располагање квалификувани државјани на некоја од земјите во ЕУ. Истотака нема проблеми ниту со добивање на дозвола за престој и доаѓање на останатите членови на семејството.

Blue Card
Билјана СтојановскаФотографија: Privat

„Сината карта би требала да го олесни доаѓањето на стручна работна сила во државите на ЕУ. За оваа можност да биде остварлива потребно е Германија што побргу да го усвои законот кој би бил во согласност со одредбите на ЕУ усвоени уште од 2009-та година. Терминот за расправа и за усвојување на законот во германскиот парламент- Бундестагот се’ уште не е познат. Владата во Берлин во секој случај смета дека годишно оваа можност ќе ја искористат околу 3500 лица.

Се почнува со барањето работа

Прад да може да ја користи т.н „сина карта“ Билјана Стојановска треба да исполни некои предуслови. Таа мора да пронајде фирма која ќе ја вработи. Досега нејзините шанси за тоа беа мали бидејќи преднос за време на вработувањето имаа државјаните на земјите од Европската Унија. Новиот закон би требало во прв план да ја истакне стручноста на кандидатот за работното место а не за тоа од каде доаѓа. Стојановска освен тоа би морала да добие ветување од идниот работодавач дека нејзината плата ќе изнесува најмалку 33 илјади евра годишно.

Илона Ризен , експерт во Институтот на германската економија смета дека тоа е реалната заработувачка на почетниците во оваа струка. Таа додава дека на германскиот пазар на труд во моментовф недостасуваат 60 видови стручњаци. Најмногу се бараат математичари, информатичари, стручњаци за природни науки и за техника.

Symbolbild Arbeit Deutschland Arbeitsvertrag
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ризици во случај на губење на работата

„Сината карта“ носи и определени ризици. Во случај на отказ оваа дозвола за работа и за престој може да биде одземена ако во рок од три месеца не се пронајде нова работа. Илона Ризен смета дека тоа е многу краток рок. И на германските стручњаци понекогаш им е потребно повеќе време додека да се снајдат и пронајдат ново работно место. Билјана Стојановска е сепак оптимист. Таа е подготвено за тој ризик.

Во секој случај мора уште да се потруди и подобро да го научи германскиот јазик кој во моментов го говори слабо. Зошто тогаш се определила за Германија? Билјана вели дека земјата ја познава од порано кога како студент престојувала во Германија и додава: „Тоа е стабилна држава, со одлични услови за живота и работа. Освен тоа и се допаѓа „ дисциплината, толеранцијата и економскиот напредок“.

Автор: Матилда Јорданова- Дуда/ Симе Недевски

Редактор: Борис Георгиевски